54/2014-0-0

У.бр.54/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 64 став 6 од Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2008, 52/2009, 114/ 2009, 124/2010, 23/2011, 53/2011, 44/2012, 168/2012, 163/2013, 39/2014, 42/2014 и 166/2014) и членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014).

2. „БАДНИК“-Слободан ДООЕЛ Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од законите означени во точката 1 од ова решение.

Со оспорениот член 64 став 6 од Законот не било уредено што ќе станело со веќе постоечките приватни влечни-шлеп служби кои поседувале соодветна лиценца и кои имале право и овластување да ги отстрануваат од јавните патишта оштетените возила и возилата во дефект на целата територија на Република Македонија. Со ова била загрозена социјалната и правна сигурност на веќе постоечките приватни шлеп служби што не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија. За жал наведениот уставно-правен проблем не бил решен и во преодната одредба на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта од февруари 2014 година.

Со најновите измени и дополнувања на Законот се ограничувала нивната работа само на ниво на општина, односно градот Скопје, што било неодржливо од уставно-правен аспект. Поврзано со членот 27 став 1 од Уставот, како и граѓаните на државата така и тие како лиценцирани приватни влечни служби имале право слободно да се движат на територијата на целата држава и да ги отстрануваат оштетените, хаварисаните и возилата во дефект на целата територија. Исто така и клиентот се ограничувал во изборот на службата што би ја извршила наведената услуга. Со оспорената одредба се ограничувала територијата на нивното работење и се доведувал во прашање опстанокот на компанијата, како и на други 30 компании од наведената дејност со што се доведувало во прашање и правото на работа од членот 32 ставови 1 и 2 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата во креирањето на оспорените одредби не бил почитуван и членот 54 став 1 од Уставот, бидејќи одредбите биле над Уставот на Република Македонија.

Оспорениот член 7 од Законот го уредувал преодниот режим, односно начинот на преминување од постојните норми кон новите, но државата требала овој премин да го обезбеди на начин што немала да се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на постојните субјекти. Со оваа одредба се привилегирало и монополизирало само правното лице овластено за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта како други субјекти да не постоеле што не било во согласност со член 8 ставови 1, 3, 6 и 7, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Со оспорената одредба се ограничувало правото на работа, односно им престанувала работата на вработените во постојните патни-шлеп служби, а со форсирањето на наведеното правно лице се засилувала монополската положба и монополското однесување на ова правно лице. Исто така, се доведувале во прашање легитимните очекувања на постоечките субјекти, бидејќи одредбата се однесувала на ситуации кои настанале пред влегувањето во сила на Законот со што се предвидувало повратно дејство спротивно на членот 52 став 4 од Уставот.

Имајќи предвид дека со оспорената одредба не било уредено што ќе се прави со постојните шлеп служби бил повреден и членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа да ги укине или поништи. Исто така, се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето, бидејќи би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 64 став 6 од целината на Законот за јавните патишта, отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или градот Скопје може да вршат правни или физички лица врз основа на лиценца издадена согласно со одредбите од овој закон.

Според оспорениот член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014), до издавањето на лиценца согласно со членот 64 став 6 од овој закон работите за отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или градот Скопје, ќе ги врши правното лице овластено за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта, за отстранување од јавните патишта на оштетените возила и возила во дефект, како и за други работи од значење за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на јавните патишта овластено согласно со членовите 64 став 4 и 66-д од овој закон.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 9 став 1 од Уставот е утврдено правото на еднаквост на граѓаните на Република Македонија во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а додека во ставот 2 на истиот член од Уставот е утврдено правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Член 27 од Уставот, на секој граѓанин на Република Македонија му го гарантира правото на слободно движење и избирање на местото на своето живеалиште на територијата на Република Македонија, како и правото да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во неа. Остварувањето на ова право може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Тргнувајќи од анализата на членот 64 став 6 од Законот (основен и сите измени и дополнувања) произлегува дека со него е предвидено отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или градот Скопје да можат да вршат правни или физички лица врз основа на лиценца издадена согласно со одредбите од овој закон.

За разлика од овој вид на лиценца во Законот (членови 66-а до 66-ж) е предвидено и постоење на правно лице кое врз основа на договор склучен со Министерството за транспорт и врски за период од 15 години добива овластување за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта, за отстранување од јавните патишта на оштетените возила и возила во дефект, како и за други работи од значење за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на јавните патишта за територијата на целата држава.

Условите за добивање на лиценцата и овластувањето и постапката за нивно добивање се разликуваат, од каде произлегува и разликата по однос на територијата на која истите имаат важност и примена.

Судот, за формирање на правното мислење во овој случај, имаше предвид дека лиценцата од членот 64 став 6 од Законот (со важност за територија на соодветна општина или градот Скопје) е воведена со Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија бр.39/2014 година). Со оваа измена и дополнување, како и со подоцнежните интервенции во текстот на Законот не се предвидува укинување на претходно добиените овластувања за вршење на оваа дејност на територија на целата држава. Оттаму, произлегува дека подносителот на иницијативата ја немал предвид оваа околност кога добил впечаток дека со воведување на новата лиценца се загрозува дејноста на правните лица кои делувале на територијата на целата држава, а врз основа на претходно добиените одобренија. Според оцена на Судот со оваа измена на Законот воопшто не се навлегува во правната судбина на претходно издадените овластувања, а законодавецот има уставно овластување со закон да ги уреди условите за вршење на дејноста отстранување на возила во дефект од јавните патишта на територијата на целата држава, но и да ја овласти секоја одделна општина и градот Скопје да издаваат соодветни лиценци за слична дејност за својата територија.

Оспорениот член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014) предвидел до издавањето на лиценца согласно со членот 64 став 6 од овој закон работите за отстранување на оштетените возила и возила во дефект од општинските и локалните патишта за територијата на соодветната општина или градот Скопје да ги врши правното лице овластено за давање на информации и техничка помош на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта, за отстранување од јавните патишта на оштетените возила и возила во дефект. Според Судот во оваа одредба законодавецот го уредил преодниот режим потребен за имплементирање на Законот, од каде не може да се прифати како основано тврдењето во иницијативата за воведување на монополска положба на пазарот.

Од сето наведено Судот оцени дека оспорениот член 64 став 6 од Законот за јавните патишта и оспорениот член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014) се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7, член 9, член 27 став 1, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1, 2 и 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.54/2014
25 февруари 2015
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply