108/2014-0-0

108/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 25 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.83/2010).

2. Анри Трајковски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член, законодавецот предвидел решение според кое на сите возачи кои претходно стекнале право на траен сертификат тоа право да им се одземело,поради тоа смета дека оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Понатаму, подносителот на иницијативата ги цитира член 8, член 8-б,член 9 и член 99-а од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009) и констатира дека, покрај другото, фирмата да врши меѓународен превоз, со возилата мора да управува возач кој има сертификат за учество во меѓународен патен сообраќај со трајна важност.

Во 2010 година законодавецот прави измени и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.83/2010).

Според член 8-б став 2 (член 4 од измените) „Сертификатот за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај се издава со рок на важење од пет години и истиот се продолжува пред истекот на рокот“.

Во член 99-а од Законот (член 29 од измените) е предвидено дека глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко лице ако врши јавен превоз без лиценца (член 4 став 1).

Со оспорениот член 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (нов член во измената) „Сертификатите за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај издаден пред денот на влегување во сила на овој закон ќе важат за период од пет години од денот на нивното издавање“.

Подносителот се стекнал со сертификат во 2009 година на кој сертификат не пишувало до кога важи, што значи според него сертификатот бил траен. Оттука, според подносителот, законодавецот не можел отпосле во 2010 година да ја ограничи временската важност на сертификатот и да ги принудува возачите кои се стекнале со сертификат повторно да се стекнуваат со сертификат.

Со оглед на фактот, што подносителот бил казнет со глоба од 500 евра, која глоба во рок од 8 дена,а за да избегне плаќање на целата сума платил 250 евра во денарска противвредност, бара поништување на оспорениот член како би можел да изврши враќање на незаконски уплатените средства.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 32 од Законот,сертификатите за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај издадени пред влегувањето во сила на овој закон ќе важат за период од пет години од денот на нивното издавање.

4.Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013,187/2013 и 42/2014), се уредуваат условите и начинот на вршење на превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај (член 1).

Според член 2 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, превоз на патници и стоки во меѓународниот сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Според член 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај, домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Според член 6 став 1 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај,при вршењето на превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај превозникот е должен во возилото, покрај другото, да има и сертификат за учество на возач во меѓународниот патен сообраќај.

Во членот 7 од Законот за превоз во патниот сообраќај, утврдени се бројот и видовите на лиценци што се издаваат за вршење на одделни видови на превоз.

Според член 8 Законот за превоз во патниот сообраќај, лиценца од членот 7 став 1 точките 1 и 2 на овој закон, може да добие домашно правно или физичко лице ако ги исполнува условите утврдени со овој закон, при што во точка 10 од членот 8 е предвидено да има вработени возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

Одредбите од ставот 1 точка 10 од член 8 од Законот се однесуваат само за добивање на лиценца за меѓународен превоз на патници и стока.

Според членот 8 став 1 точка 10 на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013 и 42/2014), сертификатот го издава Министерството за транспорт и врски врз основа на уверение за положен испит за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај.

Сертификатот за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај се издава со рок на важење од пет години и истиот се продолжува пред истекот на рокот на важење врз основа на приложена потврда за завршена дополнителна обука за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај.

Стручното оспособување на возачите за добивање на сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки и дополнителната обука од ставот 2 на овој член го врши правно лице овластено од министерот за транспорт и врски кое располага со:
– минимум 30 м2 простор опремен за одржување на обуката,
– информатичка технологија и опрема за водење на евиденција и
– минимум три лица вработени во редовен работен однос со високо образование (економски, сообраќаен или правен факултет), со најмалку три години работно
искуство од областа на транспортот.

Испитот за добивање на сертификат од ставот 1 на членот 8 се полага пред Комисија за полагање на испит за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај (во натамошниот текст: Комисијата) формирана од министерот за транспорт и врски.

Комисијата од ставот 3 на овој член се состои од пет члена од кои три члена се од Министерството за транспорт и врски и два члена од разни облици на здружување на превозниците.

Членовите на комисијата за својата работа добиваат надоместок.

На кандидатите кои го положиле испитот за добивање на сертификат за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај им се издава уверение.

Кандидатите за полагање на испитот плаќаат надоместок.

Висината на надоместокот треба да биде во рамките на направените трошоци за обука: литература, потрошен материјал, трошоци за испитната комисија и друго. Трошковникот го утврдува правното лице од ставот 2 на овој член по претходна согласност на министерот за транспорт и врски. Висината на надоместокот за дополнителна обука од ставот 2 на овој член изнесува 30% помалку од висината на надоместокот за стручното оспособување утврден во трошковникот.

Министерството за транспорт и врски води евиденција за лицата кои го положиле испитот за добивање на сертификат за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај.

Начинот, постапката и програмата за полагање на испитот за добивање на сертификат за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај, формата и содржината на уверението за положен испит и на сертификатот, ги пропишува министерот за транспорт и врски.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај од 2010 година, дополнет е постојниот закон со нов член 32 кој е оспорен со иницијативата,а кој гласи:

„Сертификатите за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај издадени пред влегувањето во сила на овој закон ќе важат за период од пет години од денот на нивното издавање“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби,анализата на Законот за превоз во патниот сообраќај кој има претрпено повеќе измени и дополнувања како резултат на имплементирање на законодавството на Европската унија, наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Имено, имајќи предвид дека Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија и потписник на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Европската Унија и Република Македонија обврзана е да го хармонизира односно усогласи националното законодавство со Европското законодавство, покрај другото и со соодветните прописи кои ја регулираат областа на вршење на превоз во патниот сообраќај со Директивата 2003/59/ЕЗ од 15 јули 2003 година.

Со оглед изнесеното, Судот смета дека оспорениот член 32 од Законот треба да се гледа и наспрема соодветните одредби од наведената Директива, а се со цел за целосно согледување на спорното правно прашање.

Во точката (1) од Директивата е предвидено дека според член 5 ставовите 1, 2 и 4 од Уредбата на Европската заедница бр.3820/85 утврдено е дека одредени возачи кои вршат превоз на патници и стока во патниот сообраќај мораат во зависност од нивната возраст, категорија на возило со кое управуваат и поминатата одалеченост, да имаат свидетелство за стручно оспособување (SSO) во согласност со правилата на заедницата за најнискиот степен на оспособеност за одредени возачи во патниот промет.

Поаѓајќи од фактот што одредбите на Уредбата на Европската заедница 3820/85 се однесува на многу мал процент на возачи и моментално само неколку држави членки на заедницата бараат задолжително оспособување на возачите кои возат на подрачјето на заедницата, своето занимање го вршат само врз основа на возачка дозвола.

Со цел на возачите да им се овозможи исполнување на новите барања и критериуми кои произлегуваат од развојот на патниот сообраќај, правилата на заедницата би требало да важат за сите возачи, без оглед на тоа дали возат за сопствени потреби или вршат јавна услуга.

Целта на утврдувањето на новите правила на европската заедницата е да се осигура дека возачот на основа на своите квалификации е оспособен за пристап и вршење на меѓународен превоз.

Поточно, обврската за поседување на почетна квалификација и вршење периодично оспособување наменето е за подобрување на сигурноста на сообраќајот на патиштата и безбедност на возачите.

Државите членки кои се потписнички на Директивата се должни да пропишат обврска за вршење на прво периодично оспособување и да издадат соодветно свидетелство за стручната оспособеност во рок од 5 години од денот на издавањето со кое се докажува почетната квалификација или во рок од 5 години од истекот на рокот во кој одреден возач може да го оствари своето стекнато право (т.14 ).

После првото периодично оспособување возачот мора секои 5 години да спроведе периодично оспособување заради обновување на неопходните знаења за нивната работа со посебен нагласок за сигурноста на прометот на патиштата и рационализација на потрошувачката на гориво.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со воведениот рок на важење на сертификатите од 5 години, а издадените сертификатите пред влегувањето во сила на измените на Законот за превоз во патниот сообраќај од 2010 година, ќе важат 5 години од денот на издавањето, и истите немаат траен карактер не се доведува во прашање начелото на владеење на правото. Според мислењето на Судот, целта на законодавецот била во патниот сообраќај да учествуваат превозници со возила со кои се превезува стока и патници во меѓународниот патен сообраќај да управуваат возачи кои се во тек со напредокот на сообраќајните правила, прописи и други елементи кои ќе овозможат сигурен и безбеден транспорт во патниот сообраќај.При тоа оспорената одредба се однесува на сите возачи кои се стекнале со сертификат пред измените на законот.

5 .Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.108/2014
25 февруари 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply