Решение У.бр.91/2014

У.бр.91/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 63/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013 и 14/2014).

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 22, член 63, член 65 и член 69 од Уставот на Република Македонија.

Со институтот „дополнителни избори“ при пропорционалниот изборен модел, во текот на четиригодишниот мандат на пратениците, се суспендирала надлежноста на Собранието на Република Македонија за донесување на законите со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници утврдено со членовите 74, 98, 114, 120, 122 и 131 од Уставот, односно се оневозможувала ефективна власт во институциите на власта по прашањата што се уредуваат со закони што се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Институтот „дополнителни избори“ бил некомпатибилен со пропорционалниот модел, освен по однос на мнозинскиот модел, затоа што ја нарушувал еднаквоста на подносителите на листи на кандидати за пратеници во постапката за кандидирање, ја суспендирал надлежноста на Собранието, го нарушувал уставното начело за владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Заради ризик од времена блокада на системот, во Уставот било утврдено параламентарните избори да се одржуваат на секои четири години, односно пратениците да се избираат за време од четири години, со што ниту институциите на власта да бидат перманентно ограничени во извршувањето на надлежностите утврдени со Устав и закон, ниту граѓаните да бидат перманентно ограничени во остварувањето на правата утврдени со Устав и закон.

Во услови на мнозински изборен модел, а во случај на престанок на мандатот на пратеникот под условите утврдени со Устав и Изборниот законик, дополнителните избори за пратеник од изборните единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, биле неизбежни, затоа што се избирал еден кандидат од една кандидатска листа за едно пратеничко место. Но, дополнителни избори за пратеници во текот на мандатот при пропорционален изборен модел биле некомпатибилни, затоа што избирачите ја дефинирале изборната волја за сите учесници во испразнетите пратенички места со примена на Д`Хондт-овата формула во согласност со членот 127 од Изборниот законик.

Партиите и кандидатите учествувале на парламентарните избори за да освојат мандат за власт, а не мандат за опозиција. По конечноста на изборните резултати и во согласност со волјата на партиите и кандидатите, се формирало парламентарното мнозинство за владина коалиција, односно се дефинирала парламентарната опозиција и парламентарното мнозинство кое ја избира Владата или владината коалиција.

Уставот не познавал институт „неприфаќање на мандатите“ доверени од избирачите, ниту отповикливост на кандидатурата се до конечноста на изборите што ја утврдувала Државната изборна комисија.

Ниту една парламентарна демократија во светот не функционирала со перманентна блокада на системот поради волјата на партиите или пратениците кои не освоиле мнозинство пратенички места, отфрлајќи ја волјата на мнозинството избирачи, односно после секои избори не признавајќи ги изборните резултати и не прифаќајќи ги доверените мандати од избирачите. Иманентно на секоја демократија било мнозинството да се оневозможи и воздржи од мајоризација на малцинството, ама малцинството морало да ги почитува законите на мнозинството. Не можело државата да биде во залог на парламентарната опозиција која никогаш немало да ги признава изборните резултати и постојано ќе барала избори неприфаќајќи ги мандатите, со цел блокада на институциите на власта и граѓаните во остварувањето на правата утврдени со Устав и закон.

Во услови на пропорционален изборен модел избирачите ја дефинирале својата волја и во зависност од изборните резултати, Државната изборна комисија ги распределувала пратеничките места со примена на Д`Хондт-овата формула.

Ако учесник во изборите, односно избраните пратеници не ги прифателе доверените мандати, во услови кога пратениците се избираат за време од четири години, во спротивност со Уствот било распишувањето на дополнителни избори за пратеници во изборните единици со испразнети пратенички места, независно колкав бил нивниот број, затоа што епилогот повторно можел да биде ист: тие што веќе еднаш не ги признале изборните резултати и не ги прифатиле доверените мандати, повторно да не ги признаат изборните резултати и да не ги прифатат доверените мандати и на дополнително организираните избори за испразнетите пратенички места. Доколку пак истите учесници во изборите, што било извесно бидејќи веќе еднаш се случило, воопшто не учествуваат и на дополнителните избори, нерелевантно било нивното одржување со истите учесници кои учествувале на изборите, затоа што избирачите еднаш гласале. Откако ќе се исцрпи листата на кандидати за учесниците кои не ги признале изборните резултати и не ги прифатиле доверените мандати, за очекување било Државната изборна комисија да изврши прераспределба на испразнетите пратенички места од листите на учесниците и кандидатите кои учествувале на изборите со примена на Д`Хондт-овата формула, што ги прифатиле изборните резултати.

Со непризнавањето на изборните резултати и неприфаќањето на доверените мандати, Собранието се доведувало во состојба на суспензија и ограничување на со Устав утврдените надлежности. Оттука, со иницијативата се бара Уставниот суд да го укине или поништи институтот „дополнителни избори“, со што, откако ќе се исцрпат кандидатските листи на учесниците кои „не ги прифатиле мандатите“, Државната изборна комисија ќе се стекнела со правото да ги распредели испразнетите пратенички места, со примена на Д`Хондт-овата формула, на учесниците и кандидатските листи што ги прифатиле изборните резултати. На тој начин се оневозможувала злоупотреба на волјата на избирачите, суспензија и ограничување на надлежностите на Собранието и Владата и суспензија и ограничување на правата на граѓаните утврдени со Устав и закон.

Истовремено, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба од Законот, поради страв од организирање на дополнителни избори до конечната одлука на Уставниот суд по оваа иницијатива.

3. Судот на седницата утврди дека според член 154 став 1 од Изборниот законик, ако на листата на кандидати нема кандидати и ако се исцрпени основите за стекнување мандат на пратеник утврдени во членот 153 на овој законик, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 5 од Уставот, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 22 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Согласно член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Според член 62 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници (став 1). Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање (став 2). Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување (став 3). Пратеникот не може да биде отповикан (став 4). Начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници (став 5).

Согласно член 63 став 1 од Уставот, пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Соред став 4 на овој член, мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба, а според став 6 од истиот член, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Според член 65 од Уставот, пратеникот може да поднесе оставка (став 1). Пратеникот оставката ја поднесува лично на седницата на Собранието (став 2). На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години (став 3). На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).

Според Амандманот X на Уставот, со кој се заменува членот 69 од Уставот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство (точка 1). За закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците (точка 2).

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека избирачкото право на граѓаните спаѓа во корпусот на граѓански и политички права, тоа е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, а Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Република Македонија, при што со Уставот се утврдени бројот на пратеници во Собранието, нивниот мандат, начинот на работа на Собранието и неговите надлежности. Начинот и условите за избор на пратеници е определено да се уредат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Изборниот законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.(член 1)

Според член 4 став 2 од овој закон, во Собранието на Република Македонија се избираат 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со овој законик и во секоја се избираат по 20 пратеници и тројца пратеници се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа пo еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија утврдени со овој законик.

Според член 127 став 1 од Изборниот законик, Државната изборна комисија ги сумира и ги утврдува вкупните резултати од гласањето во изборните единици. Според став 3 на овој член, Државната изборна комисија резултатите ги утврдува одделно за секоја изборна единица, според бројот на вкупните гласови што ги добиле листите на кандидати одделно врз основа на сумираните резултати од општинската изборна комисија за избирачките места во изборната единица за која е надлежна. Согласно став 4 на истиот член, утврдувањето на резултатите од изборите се врши со примена на Д’Хондт-овата формула. Според став 10 од овој член, од листата на кандидати се избрани кандидатите наведени во листата
според утврдениот редослед.

Согласно член 127-а од Изборниот законик, Државната изборна комисија ги сумира и ги утврдува вкупните резултати од гласањето во трите изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија (став 1). За пратеник е избран кандидатот кој добил поголем број на гласови од избирачите кои гласале, но не помалку од 2% од вкупниот број на запишани избирачи во изборната единица (став 2).

Во посебна глава од Изборниот законик, со наслов ПОВТОРНИ ИЗБОРИ (членови 152-154), законодавецот го уредил престанувањето на мандатот на пратениците пред истекот на времето за кое се избрани, како и начинот на пополнување на испразнетите пратенички места.

Така, според член 152 став 1 од Изборниот законик, на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако:
– поднесе оставка,
– е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од
најмалку пет години,
– настапи случај на неспоивост со функцијата пратеник,
– во случај на смрт и
– со правосилно решение е лишен од деловна способност.

Според член 153 од Изборниот законик:
(1) Ако на пратеник кој е избран од листата на кандидати му престане мандатот според еден од основите утврдени во членот 152 на овој законик, тогаш за остатокот од мандатот, пратеник на Собранието станува наредниот кандидат од листата.
(2) Државната изборна комисија го известува наредниот кандидат од листата во случаите од ставот (1) на овој член, во рок од три дена од престанокот на мандатот на пратеникот.
(3) Ако наредниот кандидат од листата од ставот (2) на овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат од листата.
(4) Во случај кога е исцрпена листата на кандидати согласно со ставовите (1), (2) и (3) на овој член, остварувањето на ова право започнува повторно од почетокот на листата на кандидати, доколку на листата има кандидати.

Според член 154 став 1 од Изборниот законик, ако на листата на кандидати нема кандидати и ако се исцрпени основите за стекнување мандат на пратеник утврдени во членот 153 на овој законик, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот (став 1). Ако на пратеник кој е избран од листата на кандидати од трите изборни единици во Европа и Азија, во Северна и Јужна Америка и во Австарлија и Азија му престане мандатот според еден од основите утврдени во членот 152 на овој законик, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот (став 2).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, во рамките на даденото уставно овластување да ги уреди начинот и условите за избор на пратеници, ги утврдил и случаите кога на пратеник му престанува мандатот пред истекот на времето за кое бил избран, како и начинот на пополнување на испразнетото место, со крајна можност-распишување на дополнителни избори за испразнетото место. Законската можност за распишување на дополнителни избори законодавецот ја пропишал и за пратениците избрани според пропорционалниот модел и за пратениците избрани според мнозинскиот модел. Притоа, за одбележување е дека оспорениот член 154 став 1 од Изборниот законик, кој ги уредува дополнителните избори за испразнетото пратеничко место за пратеник избран според пропорционалниот модел, е дел од Изборниот законик од неговото донесување во 2006 година и досега (Законикот е седум пати изменуван и дополнуван), не е менуван.

Неспорно е уставното овластување на законодавецот, почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори, да го утврди изборниот модел според кој ќе се избираат пратениците во Собранието на Република Македонија, што според оцена на Судот, искажана во Решението У.бр.2/2012 од 11.04.2012 година кога предмет на оцена бил Изборниот законик во целина, е доследно почитувано. Во оваа смисла, законодавецот се определил 120 пратеници во Собранието на Република Македонија да се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со овој законик и во секоја се избираат по 20 пратеници, а тројца пратеници да се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа пo еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија утврдени со овој законик.

Одредбите во Законот со кои се уредуваат случаите и постапката за пополнување на пратеничките места во случај на престанок на мадатот на пратеникот пред истекот на времето за кое бил избран, се токму во функција на обезбедување нормативни претпоставки за почитување на волјата на граѓаните при спроведувањето на изборите и овозможување на функционирање на Собранието во согласност со неговите уставни надлежности. Поради тоа, според Судот, со ваквата регулатива не се повредува начелото на владеењето на правото, ниту еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ниту пак одредбите од Уставот кои го уредуваат избирачкото право на граѓаните или начинот на функционирањето на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, како што се наведува во иницијативата.

Со доставената иницијатива се оспорува уставноста на институтот „дополнителни избори“ како некомпатибилен со пропорционалниот модел за избор на пратеници, освен за мнозинскиот модел, затоа што ја нарушувал еднаквоста на подносителите на листи на кандидати за пратеници во постапката за кандидирање, ја суспендирал надлежноста на Собранието за донесување на законите со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници утврдено со членовите 74, 98, 114, 120, 122 и 131 од Уставот, го нарушувал уставното начело за владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Посебно се оспорува можноста за распишување на вакви дополнителни избори во случај кога избраните пратеници според пропорционалниот модел, нема да ги признаат изборните резултати и нема да ги прифатат доверените мандати (случај кој во таа форма не е утврден со член 152 од Изборниот законик), стравувајќи дека и по евентуално спроведени дополнителни избори, ситуацијата со неприфаќање на мандатите може да се повтори, поради што се бара од Уставниот суд да го укине или поништи институтот „дополнителни избори“ за пратениците кои се избрани според пропорционалниот модел, притоа предлагајќи друг модел за пополнување на испразнетите места на пратениците кои се избрани според тој модел, различен од сега пропишаниот со одредбите на Изборниот законик.

Според надлежностите на Уставниот суд утврдени во член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Законодавецот има уставно овластување да ги утврди начинот и условите за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, што го подразбира и начинот и условите на пополнување на испразнетите пратенички места пред истекот на мандатот за кој е избран пратеникот, а Уставниот суд нема законодавна функција, односно не е надлежен да креира односи и норми (нов начин на избор на пратеници за пополнување на испразнетите места на пратениците кои се избрани според пропорционалниот модел), ниту да ја цени примената на Законот (дали Собранието ќе распише дополнителни избори за испразнетите пратенички места доколку избраните пратеници според пропорционалниот модел, нема да ги признаат изборните резултати и нема да ги прифатат доверените мандати), на што всушност се сведува иницијативата.

Поради наведеното, Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.91/2014
17 декември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено  мислење по предметот У.бр.91/2014

 

Leave a Reply