Решение У.бр.67/2014

У.бр.67/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 17 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 год. Урбанистичка парцела 20.08 и 20.13, донесен од Советот на општина Ѓорче Петров под бр.07-992/7 од 23 мај 2006 година („Служен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.5/2006)

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на одлуките наведени во точката 1 на ова решение.

3. Трајко Здравковски од Скопје, застапуван од адвокат Паско Цобовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот заклучок за техничка исправка по својот карактер претставувал измена на деталниот урбанистички план од 2001 година, а не исправка. Под изговор на техничка грешка, советот на општина Ѓорче Петров, без спроведување на законска постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање и без да се запазат сите предвидени фази и дејствија, направил измена на ДУП од 2001 година. Со направената техничка исправка биле изменети сопственичките односи помеѓу сопственикот на градежната парцела 20.08 и сопственикот на градежната парцела 20.13, односно градежната парцела 20.13 била намалена за 223м2, со што сопственоста – корисничкото право на тој дел од градежното земјиште кој повеќе од 50 години несметано го користел Здравковски Миле, значително се намалил без правен основ. Во исто време парцелата 20.08 на Нешовски Благојче, без правен основ се зголемила за 223м2.

Со донесувањето на техничката исправка не биле испочитувани законските одредби од член 17, 17-а, 18, 24, 25, 29 и 31 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи не биле запазени сите фази на постапката за измена на урбанистичкиот план.

Од содржината на заклучокот не можело да се утврди дали тој бил донесен по службена должност или по нечие барање (подносителот претпоставува дека тоа било направено по иницијатива на Нешовски Благојче и неговата сопруга, кои биле вработени во општината Ѓорче Петров).

Во иницијативата подносителот исто така потенцира дека исправката била направена дури по истекот на 5 години од донесувањето на деталниот урбанистички план.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената техничка исправка бил повреден член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како и членовите 17, 17-а, 18, 24, 25, 29 и 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 година и истиот да го поништи. Истовремено се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот заклучок, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици. Подносителот предлага при одлучувањето да се има предвид Одлуката на Уставниот суд У.бр.203/2009 година.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Заклучок за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 год. Урбанистичка парцела 20.08 и 20.13 бил донесен од Советот на општина Ѓорче Петров под бр.07-992/7 од 23.05.2006 година („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.5/2006).

Како правен основ за неговото донесување се наведува член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ бр.5/02) и член 25 став 1 точка 36 и 37 од Статутот на општина Ѓорче Петров (“Службен гласник на Град Скопје бр.10/2003).

Согласно точката 1 од Заклучокот, се врши техничка исправка во графичкиот дел во Деталниот урбанистички план Ѓорче Петров 2001 година урбанистичка парцела 20.08 и 20.13, усогласување на катастарска со урбанистичка парцела. Тех.број: 1053-2/02-АД „ЗУАС“ – Скопје.

Согласно точката 2 од Заклучокот, заклучокот се доставува до Секторот за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина во општина Ѓорче Петров, а согласно точката 3, заклучокот влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во “Службен гласник на општина Ѓорче Петров“.

5. Судот на седницата врз основа на доставената документација, ја утврди следната фактичка состојба:

Советот на општина Ѓорче Петров на седницата одржана на ден 23.05.2006 година, донел Заклучок за техничка исправка за дел од Детален урбанистички план Ѓорче Петров од 2001 година, кој е објавен во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр. 5/2006.

Техничката исправка се однесува на Деталниот урбанистички план Ѓорче Петров од 2001 година, што значи дека техничката исправка е направена по 5 години од донесувањето на планот.

Техничката исправка ја изготвил А.Д. за урбанизам, архитектура, инжинеринг „ЗУАС“ од Скопје.

Во одговорот од Советот на општина Ѓорче Петров е наведено дека техничката исправка е направена по барање на заинтересирана странка.

Во документот на „ЗУАС“ за техничката исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 година за урбанистичките парцели 20.8 и 20.13 се наведува дека во недостаток на информации во фаза на изготвување на ДУП Ѓорче Петров и постапката за негово донесување, бил направен пропуст при оформувањето на урбанистичката парцела 20.8. Со претходниот ДУП за овој локалитет истата парцела била дефинирана со поголема урбанистичка парцела. На северната страна на урбанистичката парцела 20.8 со последниот плански документ бил одземен еден дел со поместување на северната граница на парцелата кој југ. Со тоа поместување на границата дел од претходно дооформената парцела припаѓа на новооформената парцела 20.13.

Техничката исправка била изготвена за враќање на северната граница на урбанистичката парцела 20.8 на истото место како во претходниот ДУП и во рамки на дооформената парцела. Површината на урбанистичката парцела 20.13 се намалува за истата површина.

Спорната површина изнесува 223 м2.

Подносителот на иницијативата смета дека со оваа техничка исправка, односно промена на урбанистичкиот план, градежната парцела 20.13 во дел кој го користел повеќе од 50 години лицето Здравковски Миле, значително се намалила без правен основ.

Во одговорот од општината Ѓорче Петров се наведува дека лицето Здравковски Миле никогаш не бил ниту корисник, ниту сопственик на градежната парцала која е предмет на спор, односно дека корисничкото право за спорната парцела за цело време на важење на урбанистичките планови пред донесувањето на измената на планот во 2001 година била на име на Нешовски Миле.

6. Во член 8 став 1, алинеите 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Урбанистичкиот план на кој се однесува оспорената техничка исправка е од 2001 година, односно од 21 март 2001 година кога Советот на општина Ѓорче Петров ја донел Одлуката за измена и дополнување на ДУП за дел од М.З. Ѓорче Петров. Таа одлука е донесена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 4/96, 28/97 и 18/99), кој престана да важи со донесување на Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година.

Меѓутоа, по однос на оспорениот Заклучок, кој по својата природа би требало да се надоврзува на споменатата одлука и треба да биде нејзин составен дел, според оценката на Судот, не може да бидат применети одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање што престанал да важи, туку одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање што сега е во сила, бидејќи по својот карактер истиот е измена на детален план, а не исправка на претходно донесениот план.

Во членовите 15 до 33 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е уредена постапката за изработување и донесување на планови, односно се утврдени фазите во кои се носат деталните урбанистички планови (нацрт-план и предлог-план), кои се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги и дејствијата што ги преземаат надлежните ограни во рамките на така определените фази како што се: стручна ревизија на планот, забелешки на стручната ревизија, соопштение во јавните гласила за организирање на јавна презентација и јавна анкета, организирање на јавна презентација и јавна анкета, излагање на планот на јавна презентација, извештај за прифатени и неприфатени забелешки, согласност на планот од надлежното министерство, донесување на одлука и нејзино објавување.

Во иницијативата се наведува дека по својот карактер оспорениот Заклучок за техничка исправка за дел од ДУП Ѓорче Петров 2001 година, урбанистичка парцела 20.08 и 20.13 претставува измена на деталниот урбанистички план од 2001 година, а не техничка исправка, односно дека под изговор за техничка грешка Советот на општина Ѓорче Петров без спроведување на законска постапка и без спроведување на сите фази и дејствија направил измена на урбанистичкиот план од 2001 година.

Вака изнесените наводи според оценката на Судот се основани.

Од утврдената фактичка состојба неспорно произлегува дека со техничката исправка е направена промена на големината на урбанистичките парцели 20.8 и 20.13, односно дека со поместување на границата помеѓу парцелите, градежната парцела 20.13 била намалена за 223м2, а градежната парцела 20.08 се зголемила за 223м2.

За Уставниот суд е ирелевантно прашањето за тоа кои се сопствениците на градежните парцели, од кои причини во претходниот урбанистички план тие парцели биле оформени на начин на кој биле оформени и означени во планот од 2001 година, како и прашањето за тоа какви се сопственичките односи помеѓу сопствениците на двете градежни парцели, бидејќи овие прашања не спаѓаат во надлежност на Уставниот суд.

Спорното правно прашање што се поставува пред Уставниот суд во овој конкретен предмет е прашањето дали интервенција во урбанистички план со која се менува големината на градежна парцела може да се смета за техничка исправка или пак тоа претставува суштинска измена на планот, која мора да се направи во постапка за донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имајќи го предвид ставот по ова прашање изразен во Одлуката по предметот У.бр. У.број. 203/2009 од 21 април 2010 година, произлегува дека општината Ѓорче Петров можела да направи исправка само по однос на сторена техничка грешка во имињата или броевите, пишувањето или сметањето, како и други очигледни неточности во планот, но не и такви промени кои се состојат во поместувања на границите на градежните парцели и кои имаат за последица промена на големината на градежните парцели. Според оценката на Судот ова претставува суштинска измена на планот за кој општината морала да спроведе законска постапка за измена на планот согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Покрај сето ова треба да се има предвид дека општината ја увидела сторената „грешка“ и направила „исправка“ на 23.05.2006, односно по истекот на 5 години по донесување и примената на конкретниот Детален урбанистички план (21.03.2001 година).

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласност на оспорениот заклучок со членовите 15-33 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, како и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи спротивно е на начелото на владеење на правото под изговор на исправка на сторена техничка грешка да се врши суштинска промена на претходно уредени и воспоставени односи помеѓу субјектите во правото.

7. Согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр,70/1992), Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Поради изнесеното основано сомнение по однос на уставноста и законитоста на оспоренот заклучок за техничката исправка на деталниот урбанистички план, Судот исто така оцени дека со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици, односно дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за изрекување на времена мерка.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.67/2014
17.12.2014
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply