85/2014-0-0

У.бр.85/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 декември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување распоред на работното време, на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ бр.04 – 6427/1 донесена од в.д. директорот на Здравствениот дом на 30.10.2013 година.

2.Самостојниот синдикат на Службата за итна медицинска помош-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ – Скопје, согласно со Статутот на наведената здравствена установа носи акти со кои се уредуваат односите на вработените, односно правата и обврските од работен однос. Во таа смисла раководниот орган односно директорот на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ – Скопје на 30.10.2013 година, ја донел оспорената одлука со која директно се распоредува работното време. Оспорената одлука се однесува за вработените во итна медицинска помош.

Со носењето на оспорената одлука раководниот орган директно ги прекршил одредбите од член 125 од Законот за работните односи и член 53 став 3 од Законот за здравствена заштита. Имено, со одлуката се воведува тросменско работно време, со што се укинал претходниот начин на распоредување на рабоното време кое траело во две смени за 24 часа.

Оспорената одлука предизвикала голем број на негативни последици и прекршување на правата од работен однос, при што суштината на поднесената иницијатива е во фактот што при нејзиното донесување не бил применет член 125 став 2 од Законот за работните односи, според кој распоредот на работното време во областа на сообраќајот и врски, прометот на стоки, здравството, социјалната и детската заштита, угостителството, туризамот и занаетчиство се утврдува со одлука на државната управа од соодветна област.

Законот за здравствета заштита во членот 53 став 3 предвидувал дека начинот на вршење на работите од итната медицинска помош ги пропишува министерот за здравство, што според подносителот на иницијативата подразбирало дека и распоредот и организацијата на работното време спаѓа во начин на вршење на работите во итната медицинска помош.

Оттука, според подносителот, со донесување на оспорената одлука биле повредени член 125 став 2 од Законот за работни односи и член 53 став 3 од Законот за здравствена заштита.

Понатаму, подносителот наведува дека неспорно било дека според општите одредби на Законот за работните односи работодавачот го утврдува распоредот на работното време. Исто така и според членот 213 од Законот за здравствена заштита неспорно било дека Здравствениот дом го организира и усогласува вршењето на здравствената дејност, а со тоа и организирањето на вршењето на здравствената итна медицинска помош. Меѓутоа, Законот за здравствена заштита во ниту еден случај не подразбирал дека работата мора да се организира во три смени или дека тоа се прави од страна на раководниот орган на Здравствениот дом.Тоа што според Законот за здравствена заштита е потребно е да се овозможи континуирана квалитетна здравствена заштита, а начинот на организацијата на работата, што подразбира и рабното време, било во директна надлежност на министерот за здравство.

Од друга страна Законот за работните односи предвидувал кумулативен, задолжителен дополнителен услов, според кој, кога работодавачот ќе го распоредува работното време во здравството потребно е одлука на органот на државната управа, а тоа секако не бил директорот на здравствениот дом.

Со оглед на тоа што Здравствениот дом нема добиено посебна одлука од државниот орган од соодветната област, во случајот Министерството (министерот за здравство) со кој се распоредува работното време, оспорената одлука не била во согласност со наведените закони.

3.Судот на седницата утврди дека врз основа на член 213 став 1, член 215 и член 225 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2013 и 87/2013), членовите 116, 124-а и 125 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2013), а согласно член 28 ставовите 1 и 2 од Статутот на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“, в.д. директорот на 30.10.2013 година, донел Одлука за утврдување распоред на работното време.

Во точката 1 од Одлуката се наведува дека со оваа одлука се утврдува распоред на работното време во три смени на вработените во ОЕ – Служба за итна медицинска помош и домашно лекување и тоа:
– Прва смена од 6 до 14 часот,
– Втора смена од 14 до 22 часот, и
– Трета смена од 22 до 06 часот.

Со овој распоред на работното време се обезбедуваат услови за укажување на континуирана медицинска помош во текот на 24 часа, односно рамномерно распоредување на работното време.

Овој распоред на работното време ќе се применува сметано од 1.11.2013 година.

Во образложението на Одлуката се наведува дека во врска со направената анализа на работното време (работни часови) во Службата за итна медицинска помош и домашно лекување, која покажала нерамномерно распоредување на работното време и голем број на прекувремени часови, в.д. директорот на ЈЗУ „Здравствено дом Скопје“ – Скопје одржал работни состаноци најпрво со раководителот на ОЕ – Служба за итна медицинска помош и главната медицинска сестра на 25.10.2013 година, како и работен состанок со раководните работници во службата на 29.10.2013 година, при што било истакнато дека со начинот на работа, односно распоредот на работното време во Службата не се спроведуваат одредбите од член 133 и 134 од Законот за работните односи и член 215 од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на правото на дневен, односно, неделен одмор на работникот. Имајќи ја предвид обврската на работодавачот за утврдување и обезбедување на рамномерно распоредување на работното време, односно, обезбедување на континуирана медицинска помош во текот на 24 часа, за квалитетна и ефикасна здравствена услуга е донесена одлуката.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорената одлука произлегува дека во конкретниов случај се работи за акт – одлука со која директорот на ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“ го утврдува распоредот на работното време во Службата за итна медицинска помош и домашно лекување во три смени во текот на 24 часа односно рамномерно распоредување на работното време со цел граѓаните да можат да добијат континуирана медицинска помош во текот на 24 часа.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно судска анализа.

Со оглед на фактот што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку интерен акт на „Здравствениот дом на Скопје“ Служба за Итна медицинска помош и домашно лекување, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот, односно дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.85/2014
10 декември 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply