66/2014-0-0

66/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 99-а став 3 и став 4 во делот

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стојанчо Илиевски од село Конопица, Крива Паланка и седум други подносители од Тетово, Велес и Штип и Наумче Ристески од Охрид и седум други подносители од Крива Паланка, Куманово, село Старо Нагоричане и Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативите, оспорените одредби немале основ во Уставот на Република Македонија, затоа што надлежноста предвидена со истите не можела да се предвиди и препушти само на инспекторот за патен сообраќај, туку ваквата функција можеле да ја вршат само судовите, а не и инспекторите за патен сообраќај. Судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не инспекторите за патен сообраќај, како што било предвидено со оспорените одредби, со кои противуставно им била дадена судска власт, а тоа значело дека извршната власт се мешала во судската власт, што со Уставот не било допуштено. Со оспорените одредби на инспекторите за патен сообраќај противуставно им била дадена судска функција, што не било во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Судството било поставено како единствен систем во кој требало да се обезбеди остварување на владеењето на правото и правната држава, со одвоена и независна судска власт.

Со оспорените законски одредби се повредувал и член 13 став 1 од Уставот, затоа што трајното одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај се одземало без спроведување на соодветна постапка, што не било во ред од уставно-правен аспект.

Во контекст на наведеното бил и член 6 точка 1 од Европската конвенција за човековите права, според која секој, при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон.

Со оспорените законски мерки грубо се повредувала и правната заштита на сопственоста гарантирана со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот, а се доведувало во прашање и правото на работа за сторителите на прекршокот, што не било во согласност со член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Од содржината на оспорените одредби произлегувало дека трајно се одзема сопственоста на моторното возило, што не било допуштено согласно наведените уставни одредби и Законот за сопственоста и другите стварни права. Сопственикот имал право да ја поседува својата ствар, да ја користи и да располага со неа, поради што правото на сопственост уживало посебна заштита како едно од основните права и слободи на човекот. Тоа право на сопственост било загарантирано со Уставот и не смеело да се нарушува со оспорените законски мерки. Со оспорените законски одредби не се ограничувало само правото на сопственост, туку и трајно се одземала сопственоста, а во исто време не се нудел праведен надомест согласно член 30 став 4 од Уставот.

Со оспорените одредби се повредувал и член 1 од Првиот протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, според кој секое физичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога е тоа во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Меѓутоа, трајното одземање на правото на сопственост како што е пропишано со оспорените законски одредби не било предвидено во ниту една уставна одредба.

Исто така, според член 55 став 3 од Уставот, слободите на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, а не и заради сторен прекршок, како што било предвидено со оспорените законски одредби. Тоа значело дека ниту во одредбите на член 30, а ниту пак во член 55 од Уставот, не било предвидено дека трајно се одзема правото на сопственост, туку само можело да се ограничува, што значело дека до сега во нашиот правен поредок не постоеле законски одредби какви што се оспорените.

Според тоа, повеќе од очигледно било дека кога се нормирани оспорените законски одредби, законодавецот не ги почитувал наведените уставни одредби, како и посочените одредби од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, што не смеело да се дозволи во суверена, самостојна, демократска и социјална држава, како што е предвидено во член 1 став 1 од Уставот.

Од тие причини, оспорените законски одредби не биле соодветни на целите и причините поради кои се предвидени и не претставувале пропорционална мерка со целите за кои се утврдени и претпоставуваат прекумерно ограничување на правата и слободите на граѓаните, а и загрозување на нивните имотни права и нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото.

Според тоа, оспорените законски решенија не биле во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 6, 7 и 11, член 13 став 1, член 30, член 32 ставовите 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот, како и со член 6 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и член 1 од Првиот Протокол кон наведената конвенција.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи, како несогласни со Уставот и Европската конвенција за човековите права.

Воедно, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека според 99-а став 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точка 1 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точка 1 на овој член трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.

Според став 4 на истиот член, освен глобата од ставот 1 на овој член за прекршокот од ставот 1 точка 3 на овој член, возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од ставот 1 точка 3 на овој член времено се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот за период од шест месеци до една година, а по издавање на решение за времено одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за превоз трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно Амандманот XX на Уставот, со кој се дополнува членот 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Согласно Амандманот XXI на Уставот, со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби произлегува дека на органите на управата или организација и друг орган што врши јавни овластувања, им е воведена надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка, при што против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон. Се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, но правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред органите на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања е препуштено да се уреди со закон, што остава простор во одредена управна или прекршочна постапка, да не се обезбедува право на жалба против поединечниот акт, но притоа е нужно да се обезбеди правото на судска заштита против таквите акти, под услови и постапка уредени со закон.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Според член 3 став 3 од овој закон, во постапката при вршење на инспекцискиот надзор ќе се применуваат одредбите на Законот за инспекциски надзор, доколку со овој закон поинаку не е уредено.

Според член 87 од Законот за превоз во патниот сообраќај, инспекцискиот надзор над примената на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон што се однесуваат на меѓуопштинскиот, посебниот линиски превоз на патници меѓу две и повеќе општини и меѓународниот превоз на патници и превозот на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај го врши Државниот инспекторат за транспорт, преку државни инспектори за патен сообраќај (став 1). Инспекцискиот надзор над примената на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон што се однесуваат на општинскиот превоз на патници, автотакси превозот на патници и посебниот линиски превоз на патници што се врши на подрачјето на општината го вршат овластени инспектори за патен сообраќај на општината (став 2). Инспекцискиот надзор над примената на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон што се однесуваат на општинскиот превоз на патници, авто-такси превозот на патници и посебниот линиски превоз на патници што се врши на подрачјето на градот Скопје го вршат овластени инспектори за патен сообраќај на градот Скопје (став 3).

Според член 89 став 1 од Законот, државниот инспектор за патен сообраќај има право да донесе решение за:
– исклучување на возило од сообраќај, со одземање на сообраќајната дозвола, доколку се врши превоз пред впишување на дејноста во Централниот регистар или доколку превозникот нема лиценца за вршење на соодветен вид на превоз предвидено со овој закон,
– исклучување на возило од сообраќај, со одземање на сообраќајната дозвола, доколку превозникот врши линиски превоз на патници без соодветна дозвола или без регистриран возен ред,
– исклучување на возило од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола доколку врши авто-такси превоз на патници надвор од подрачјето на општината, ако превозот се врши спротивно на одредбите на овој закон,
– привремено одземање на дозвола на домашниот превозник ако не се придржува на одобрениот и регистриран возен ред при вршење на меѓуопштинскиот превоз на патници, со предлог за бришење на возниот ред од евиденцијата,
– привремено одземање на дозвола на домашен или странски превозник за вршење на меѓународен линиски превоз на патници ако не се придржува на одобрениот и регистриран возен ред, итинерерот и планот за возење на возачите,
– исклучување на возило од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола доколку превозникот врши посебен линиски превоз на патници меѓу две или повеќе општини без дозвола,
– одземање на дозвола на превозник, за посебен линиски превоз на патници што се врши меѓу две општини, доколку патниците што се превезуваат не располагаат со доказ за идентификација од нарачувачот на превозот,
– забрана на натамошно движење на странско возило на територијата на Република Македонија со упатување на возилото до еден од граничните премини, заради напуштање на земјата, ако во возилото не се наоѓа пропишана документација за соодветниот вид на превоз предвидена со овој закон и меѓународен договор,
– одземање на дозволата на домашен и странски превозник за вршење на меѓународен превоз на стока, доколку превозникот не се придржува на условите од истата и условите пропишани од Секретаријатот на Европската конференција на министрите за транспорт ако превозот се врши со ЕКМТ дозволи како и да даде предлог до министерот за транспорт и врски за одземање на категоризацијата на автобуската станица или за категоризирање една категорија пониско од постојната категоризација,
– отстранување на недостатоците во определен рок во поглед на исполнувањето на пропишаните услови за вршење превоз во патниот сообраќај, условите за работа на автобуските станици и придржување на возниот ред и
– времена забрана за употреба на автобуските станици и автобуските стојалишта ако во определен рок не се отстранат недостатоците што ги утврдил инспекторот за патен сообраќај.

Според став 2 на овој член, под одземање на дозвола за линиски превоз на патници се подразбира одземање на сите примероци на дозволи со кои располага превозникот за одржување на конкретната линија за која е сторен прекршокот, а според став 3 на истиот член, превозникот е должен во рок од 24 часа од добивањето на решението за одземање на дозволата сите примероци од дозволите за предметната линија да ги предаде во Државниот инспекторат за транспорт. Согласно став 4 на овој член, привременото одземање на дозволата од ставот 1 алинеите 4 и 5 на овој член изнесува 30 дена, а доколку во рок од една година превозникот го повтори прекршокот инспекторот ќе поднесе предлог за трајно одземање на дозволата до Министерството за транспорт и врски. Според став 8 на овој член, исклучувањето на возилото од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола од ставот 1 алинеи 1, 2, 3 и 6 на овој член трае 30 дена, а според став 9 на истиот член, времената забрана од ставот 1 алинеја 11 на овој член може да се изрече во траење од 10 до 30 дена.

Според член 90 од Законот, овластениот инспектор за патен сообраќај на општината или овластениот инспектор за патен сообраќај на градот Скопје има право да донесе решение за:
– исклучување на возило од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола, доколку се врши општински линиски превоз на патници и авто-такси превоз на патници пред впишување на дејноста во Централниот регистар или доколку превозникот кој е впишан во Централниот регистар нема лиценца за тој вид на превоз,
– исклучување на возило од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола доколку превозникот врши општински линиски превоз на патници без лиценца, дозвола и регистриран возен ред,
– исклучување на авто-такси возило од сообраќај со одземање на сообраќајна дозвола, доколку превозот се врши без соодветна лиценца, доколку нема вграден исправен, пломбиран и баждарен таксиметар или доколку истиот не е вклучен,
– исклучување на возило од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола, ако превозникот врши посебен линиски превоз на патници на подрачјето на општината, односно градот Скопје, без дозвола за тој вид на превоз,
– одземање на дозвола на превозник за посебен линиски превоз на патници што се врши на подрачјето на општината, доколку патниците што се превезуваат немаат доказ за идентификација од нарачувачот на превозот,
– отстранување на недостатоците во определен рок во поглед на исполнувањето на пропишаните услови за вршење на општински линиски превоз на патници и придржување на возниот ред и авто-такси превоз на патници и
– времена забрана за употреба на автобуските терминали и свртувалишта и такси станиците ако во определениот рок не се отстранат недостатоците што ги утврдил инспекторот “и одземање на извод од лиценца за авто-такси превоз на правно лице кое ангажира возач на авто-такси возило кој нема сертификат за авто-такси возач”.

Според став 4 на овој член, исклучувањето на возилото од сообраќај со одземање на сообраќајната дозвола трае 30 дена, а според став 5 на истиот член, времената забрана од ставот 1 алинеја 6 на овој член може да се изрече во траење од десет дена до 30 дена.

Согласно член 91 од Законот, ако при вршење на надзорот државниот инспектор, овластениот инспектор на општината или на градот Скопје за патен сообраќај дојдат до сознание дека постои основа на сомневање дека е извршен прекршок со кој е сторена повреда на овој закон или друг пропис, должни се без одлагање да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски.

Според член 92 став 1 од Законот, против решението на државниот инспектор за патен сообраќај може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Според став 2 од истиот член, против решението на овластениот инспектор на општината или на овластениот инспектор на градот Скопје за патен сообраќај, може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Согласно став 3 на истиот член, жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Главата XI од Законот носи наслов КАЗНЕНИ И ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ (членови 96–99-д), во кои се предвидени глоби за прекршок во висина од 4.000 до 5.000 евра (член 96), 3.000 до 5.000 евра (член 97), 2.500 до 5.000 евра (член 98), 1.000 до 2.000 евра (член 99), 500 евра (член 99-а), 200 евра (член 99-б) и 50 евра (член 99-д).

Според член 99-в од Законот, за прекршоците од членовите 96, 97, 98, 99, 99-а на овој закон, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, инспекторот од членот 87 на овој закон ќе спроведе постапка за порамнување. Доколку сторителот го признае прекршокот инспекторот на сторителот ќе му издаде платен налог заради наплата на глобата предвидена за прекршокот. Со потписот на платниот налог се смета дека сторителот на прекршокот се согласува да ја плати предвидената глоба (став 1). Сторителот на прекршоците од ставот 1 на овој член е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од денот на приемот на платниот налог на сметка означена во платниот налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во дадениот рок, ќе плати само половина од изречената глоба утврдена во платниот налог (став 2). Ако сторителот на прекршокот од ставот 1 на овој член не ја плати глобата во рокот определен во ставот 2 на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд односно пред прекршочниот орган (став 3).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, во согласност со своето уставно овластување да ги уредува односите на општественото живеење, со овој закон ги уредил условите и начинот на вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, при што пропишал санкции за правните и физичките лица кои нема да ги почитуваат пропишаните правила во сообраќајот, што е во согласност со уставната определба за законска определеност на казнивите дела и казните, како израз на начелото на законитост.

За прекршоците определени со овој закон, законодавецот пропишал дека прекршочната постапка се води пред надлежен суд или комисија за прекршоци во Министерството за транспорт и врски.

Законодавецот пропишал дека инспекциски надзор над примената на одредбите на овој закон што се однесуваат на меѓуопштинскиот, посебниот линиски превоз на патници меѓу две и повеќе општини и меѓународниот превоз на патници и превозот на стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врши Државниот инспекторат за транспорт, преку државни инспектори за патен сообраќај, а инспекциски надзор над примената на одредбите на овој закон што се однесуваат на општинскиот превоз на патници, автотакси превозот на патници и посебниот линиски превоз на патници што се врши на подрачјето на општината, односно градот Скопје, го вршат овластени инспектори за патен сообраќај на општината, односно градот Скопје. Надлежностите на инспекторите за патен сообраќај се утврдени со овој закон, при што е пропишано дека ако при вршење на надзорот државниот инспектор, овластениот инспектор на општината или на градот Скопје за патен сообраќај дојдат до сознание дека постои основа на сомневање дека е извршен прекршок со кој е сторена повреда на овој закон или друг пропис, должни се без одлагање да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски.

Со иницијативата се оспорува уставноста на член 99-а став 3 и став 4 во делот:„ „Во случај на повторување на прекршокот од страна на истиот сторител или со истото возило, возилото што било користено за превоз трајно се одзема во сопственост на Република Македонија со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај“ од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Оспорените одредби се внесени со член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2013 од 14.02.2013 година), на начин што ставот 3 на членот 99-а се менува и ја добива оспорената содржина, а по ставот 3 се додава нов став 4 со оспорената содржина.

Со членот 99-а став 1 од Законот, законодавецот таксативно ги утврдил дејствијата кои претставуваат прекршок за кои може да се изрече глоба во износ од 500 евра, а со ставот 2, пропишал дека барање за поведување на прекршочна постапка во тие случаи се поднесува до Комисијата за водење прекршочна постапка во Министерството за транспорт и врски, што е во согласност со уставната определеност според која на органите на управата или организација и друг орган што врши јавни овластувања, им е воведена нова надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка.

Меѓутоа, со оспорениот став 3 и оспорениот дел од став 4 на член 99-а од Законот, законодавецот во постапка на изменување и дополнување на Законот, надвор од надлежностите на инспекторот утврдени со претходните членови, пропишува надлежност на инспекторот за патен сообраќај, во постапка на инспекциски надзор над примената на овој закон, да издава решение за трајно одземање во сопственост на Република Македонија на возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот од став 1 точка 1 на овој член (врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби, слободен или посебен превоз на патници и такси превоз без лиценца и извод од лиценца), како и решение за трајно одземање во сопственост на Република Македонија на возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот во случај на повторување на прекршокот од став 1 точка 3 на истиот член (врши превоз на патници во општински посебен линиски превоз, слободен превоз на патници со елементи на линиски превоз на патници, меѓуопштинскиот и меѓународниот патен сообраќај без дозвола). Возилото се одзема со асистенција на униформираниот полициски службеник во моментот на сторување на прекршокот, а по издавање на решение за трајно одземање на возилото од страна на инспекторот за патен сообраќај. Притоа, законодавецот пропишува дека против таквото решение на инспекторот за патен сообраќај не е дозволена жалба (став 6), туку може да се поднесе тужба за управен спор во рок од осум дена од сторувањето на прекршокот (став 7).

При ваква правна состојба, со иницијативата се поставува прашањето дали има уставна оправданост пропишаната законска санкција за прекршок која значи трајно одземање во сопственост на Република Македонија на возилото што било користено за превоз со кое е сторен прекршокот, и тоа со решение издадено од инспекторот за патен сообраќај.

Во одговор на ваквите наводи во иницијативата, Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт и врски наведуваат дека истите се неосновани и дека прашањето за висината на казните со оспорените одредби спаѓа во сферата на казнената политика на законодавецот за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува, притоа, повикувајќи се на став на Судот искажан во Решението У.бр.66/2012 од 26.06.2013 година, кога предмет на оцена бил член 99-а став 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според Судот, образложението искажано во наведеното решение У.бр.66/2012 не може во целост да се примени при уставносудската анализа на сега оспорените одредби од Законот. Имено, со цитираното решение се анализирани одредбите на Законот за превоз во патниот сообраќај пред нивното изменување кое сега се оспорува, односно во содржина која се однесувала на времено одземање на возилото на период од шест месеци до една година, поради сторен прекршок во сообраќајот. Со сега оспореното законско решение, по измените на Законот од февруари 2013 година, се воведува нова мерка која значи трајно одземање во сопственост на Република Македонија на возилото со кое е сторен прекршокот, што преставува различно уредување на односите и тоа е прашање кое за првпат се поставува пред Уставниот суд.

Судот оцени дека сега оспореното законско решение основано може да се доведе под сомнение во однос на неговата уставност, поради следното:

Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Безбедноста во сообраќајот секако е од јавен интерес, иако основано се поставува прашање дали поседувањето на лиценца и извод од лиценца, односно дозвола за вршење јавен превоз и превоз за сопствени потреби, слободен или посебен превоз на патници и такси превоз, пропишани со Законот, претставува јавен интерес утврден со закон, што би било уставен основ за трајното одземање на сопственоста на возилото со кое е вршен превозот без лиценца и извод од лиценца, односно дозвола, во корист на Република Македонија.

Наведената прекршочна мерка, како што е пропишана, всушност претставува конфискација на возилото, без оглед на тоа дали возилото кое е користено за превоз е сопственост на физичкото или правното лице кое го врши превозот или е во сопственост на трети лица, односно се користи под лизинг (еден од условите за добивање лиценца за превоз е превозникот да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг- член 8 став 1 точка 2 од Законот).

Според член 41 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 51/2011), за конфискуван имот и имотна корист прибавена со прекршок на физичко лице соодветно се применуваат одредбите за конфискација на имот и имотна корист и одземање на предмети од членовите 97 до 100-а на Кривичниот законик (став 1). За конфискуван имот и имотна корист прибавена со прекршок на правно лице соодветно се применува одредбата за видови казни на правно лице од членот 96-а на Кривичниот законик (став 2). За одземање предмети соодветно се применува одредбата од услови за одземање на предмети од членот 100-а на Кривичниот законик (став 3). Доколку прекршочниот орган смета дека за одреден прекршок треба да се изречат мерките конфискација на имот и имотна корист ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка пред суд (став 5).

Според член 100-а од Кривичниот законик:
(1) Никој не може да ги задржи или присвои предметите што настанале од извршување на кривичното дело.
(2) Од сторителот на кривичното дело ќе се одземат и предметите што биле наменети или се употребени за извршување на кривичното дело без оглед дали се негова сопственост или сопственост на трето лице ако тоа го бараат интересите на општата безбедност, здравјето на луѓето или причините на моралот.
(3) Предметите што се употребени или биле наменети за извршување на кривичното дело може да се одземат ако постои опасност повторно да бидат употребени за извршување на кривично дело. Нема да се одземат предмети што се во сопственост на трето лице, освен ако тоа знаело или можело и било должно да знае дека се употребени или биле наменети за извршување на кривичното дело.
(4) Судот ќе донесе одлука за одземање на предмети во постапка определена со закон и кога од фактички или правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на кривичното дело.
(5) Со примена на оваа мерка не се засега во правото на трети лица за надоместок на штетата од сторителот на кривичното дело.
(6) Под услови определени со ратификуван меѓународен договор, предметите можат да бидат вратени на друга држава од став 1 точка 1 на овој член и при што против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредена со закон.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива со која се уредува прашањето на одземањето или ограничувањето на сопственоста како казнена мерка, произлегува дека ваквата казнена мерка единствено може да ја изрече суд. Оттука, произлегува дека инспекторот за патен сообраќај може времено да отстрани од сообраќај одредено возило со кое е сторен прекршок (во која смисла има повеќе казнени и прекршочни одредби во Законот за превоз во патниот сообраќај), но одземањето на сопственоста, и тоа трајно во корист на Република Македонија, е прекршочна мерка која единствено може да ја изрече суд. Фактот што против решението на инспекторот не е дозволена жалба, но против истото може да се поведе управен спор, според Судот, не е замена за судска одлука со која се изрекува конфискација. Напротив, тоа укажува дека токму со решението на инспекторот, пред истото да стане правосилно и без водење прекршочна постапка се одзема сопственоста на возилото, и тоа во моментот на сторување на прекршокот, што несомнено значи навлегување на извршната во судската власт, но исто така и повреда на принципот на презумцијата на невиност, гарантиран со член 13 став 1 од Уставот, според кој лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Дополнително, се поставува прашање каква е примената на ставот 2 на членот 99-а, кој пропишува дека за прекршоците од ставот 1 на истиот член, што ги вклучува и спорните прекршоци, барањето за поведување на прекршочна постапка се поднесува до Комисијата за водење на прекршочна постапка при Министерството за транспорт и врски. Каква е функцијата на оваа комисија во однос на спорните мерки, кога истата не е вклучена во постапката за изрекување на прекршочните санкции, туку истите ги изрекува инспекторот за патен сообраќај, иако во член 91 од Законот се пропишува дека ако при вршење на надзорот овластениот инспектор за патен сообраќај дојде до сознание дека постои основа на сомневање дека е извршен прекршок со кој е сторена повреда на овој закон или друг пропис, должен е без одлагање да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски. Со оглед дека ваквата обврска на инспекторот е исклучена со оспорените одредби, внесени во Законот дополнително, како негови измени и дополнувања, според Судот, истите го изместуваат системот на изрекување на прекршочни санкции утврден со другите одредби на овој закон, како и со одредбите на Законот за прекршоците, како lex generalis во прекршочната материја, поради што основано се поставува прашањето дали спорните законски одредби го одразуваат начелото на владеење на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Притоа, иако Уставниот суд нема надлежност за оцена на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, како што може да се сфати од наведеното, оспорените одредби, поради основаното сомневање во нивната уставност и нивната противречност на другите одредби од Законот, според Судот, претставуваат упад во системот на прекршочни санкции и нивното изрекување, поради што основано може да се постави прашањето дали со истите се повредува начелото на владеењето на правото.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека начинот на уредување на изрекувањето на прекршочната мерка со член 99-а став 3 и став 4 во оспорениот дел од Законот за превоз во патниот сообраќај, води кон повреда на начелата на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 13 став 1, член 30 став 3 и член 51 од Уставот.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесувањето на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.66/2014
25.11.2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply