128/2014-0-0

128/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 14, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Подносителот на иницијативата го оспорува овластувањето на Владата на Република Македонија да ја определува висината на еднократниот надоместок по основ на нематеријална штета, од причина што ова требало да го прави судот. Во Законот, исто така, недостасувеле критериуми врз основа на кои Владата на Република Македонија ќе ја утврдува висината на надоместокот, со што се оставал простор за мешање на извршната власт во законодавната власт. Истовремено со тоа се создавала можност за арбитрерност и нееднаков третман на лицата под објективизирани и еднакви услови да го остваруваат правото на исплата на еднократен паричен надоместок.

Оспорениот дел од одредбата поради тоа не бил во согласност со принципот на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, како и со член 9, член 51 и член 91 алинеи 1 и 5, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредба и истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 14 од Законот за правата на претседателот на Република Македонија и членовите на неговото семејство по престанувањето на функцијата, во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот има право на исплата на еднократен паричен надоместок по основ на нематеријална штета чија висина ја утврдува Владата на Република Македонија.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија веќе ја оценувал уставноста на оспорената одредба од членот 14 од Законот за правата на претседателот на Република Македонија и членовите на неговото семејство по престанувањето на функцијата и со Решение У.бр.145/2004 од 29 декември 2004 година, не повел постапка за оценување на уставноста на овој член.

Уставниот суд, исто така, со Решение У.бр. 75/2005 од 25 мај 2005 ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 4, 5, 10, 12, 13, 14, 15, 16 и 18 од Законот означен во точката 1 од ова решение, врз основа на res judicatа.

Судот во Решението У.бр.145/2004, утврдил дека: „посебните права утврдени со Законот произлегуваат од функцијата претседател на Република Македонија… и дека право на законодавецот е да ги утврди и димензионира овие права, бидејќи основот за сите нив произлегува од функцијата претседател на Република Македонија утврдена со Уставот, а се остваруваат по престанокот на функцијата.

Според Судот, интенцијата на оспорените одредби од Законот не е во привилегирањето на одредено лице или лица по престанувањето на функцијата претседател на Република Македонија, туку во уредувањето на статусот и дигнитетот на самата функција, кои се изразуваат преку гарантирање на определена положба на личностите што ја извршувале.

Вршењето на функцијата шеф на држава, заедно со практичните последици поврзани со државничкото искуство е основ, кој во случајов на оспорениот Закон, го надминува прашањето на еднаквоста помеѓу граѓаните и го поставува односот на државата кон една државничка функција, па поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот“.

И покрај тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на одредбата од членот 14 и не повел постапка за оценување на уставност, Судот смета за потребно да укаже дека аспектот на оспорувањето во таа иницијатива бил нееднаквоста бидејќи подносителот сметал дека со законот спротивно на Уставот се пропишувале посебни права и привилегии за овие лице, само врз основа на општествената положба што ја имале, со што се нарушувал уставниот принцип на еднаквост.

Во предметната иницијатива, подносителот го оспорува членот 14 од аспект на начелото на поделбата на власта, поради што Судот смета дека е потребно да се одговори и на овие наводи на иницијативата.

Имено, оспорениот член од Законот, предвидува во случај на смрт на претседателот на Република Македонија за времетраење на мандатот, семејството на претседателот има право на исплата на еднократен паричен надоместок по основ на нематеријална штета чија висина ја утврдува Владата на Република Македонија. Станува збор за специфичен, еднократен паричен надоместок, а не за утврдување на надоместок на штета во судска постапка, во кој случај висината би ја утврдувал судот. Законодавецот од една страна сакал да го избегне судскиот спор помеѓу две институции од организацијата на државната власт, а од друга страна не е загрозено правото на поведување постапка пред надлежен суд.

Имајќи ја предвид улогата на Владата како носител на извршната власт (член 88 од Уставот) и нејзиното овластување да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи и да донесува прописи за извршување на законите (член 91 од Уставот), Судот оцени дека Владата на Република Македонија има овластување да го утврдува износот на еднократниот надоместок на нематеријална штета на семејството на претседателот во случај на негова смрт во текот на мандатот, бидејќи тоа овластување е во функција на извршување на Законот. Со таквото овластување Владата не се меша во судската власт, од причина што во конкретниот случај не станува збор за определување на надоместок на нематеријална штета во судска постапка, туку се работи за еднократен паричен надоместок како еден специфичен вид на одговорност на државата во случај на смрт на претседателот на Републиката за времетраење на мандатот.

Врз основа на наведеното Судот утврди дека овластувањето на Владата на Република Македонија за утврдување на висината на паричниот надоместок по основ на нематеријална штета во случај на смрт на претседателот, е во функција на извршување на законот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со принципот на поделбата на власта од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Со оглед на тоа што Уставниот суд веќе ја оценувал одредбата од членот 14 од Законот и не повел постапка за оценување на нејзината уставност, а со оглед на фактот што од анализата на согласноста на одредбата со начелото на поделбата на власта не произлегоа основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата од причини на res judicata.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.128/2014
12.11.2014
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply