20/2014-0-0

20/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38 став 2 алинеја 5, член 39 став 2 во делот „за определени места утврдени со актот за систематизација на работните места во финансиската полиција и“ и член 68 од Законот за финансиската полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014 и 43/2014).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 9 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 9 став 5, на член 38 став 2 алинеја 5, член 39 став 2 во делот „за определени места утврдени со актот за систематизација на работните места во финансиската полиција и“ и член 68 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел на член 9 став 5 од Законот „при што се земаат предвид и други нивни способности релевантни за вршење на функцијата“ не бил јасен, неопределен и непрецизен, затоа што не се знае кои се тие други способности релеванти за вршење на функцијата директор и неговиот заменик што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 58 став 2 од Уставот.

Подносителот на иницијативата во врска со оспорениот член 38 став 2 алинеја 5 од Законот наведува дека тој не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 32 став 1, 2 и 5 и член 51 од Уставот од причина што остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредува со закон и колективен договор, а не со актот за систематиација.Дека тоа е така произлегувало и од одредбата од член 39 став 1 од Законот за финансиската полиција според кој финансиски полицаец заснова работен однос врз основа на јавен оглас и во постапка и под услови утврдени со овој закон

Понатаму, подносителот смета дека оспорениот член 39 став 2 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3,член 9 став 2, член 32 став 1, 2 и 5 и член 51 од Уставот. Ова од причина што уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓаните кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност. Определбата содржана во оспорениот дел, ги доведува граѓаните во нееднаква положба во поглед на достапноста на секое работно место.

Оспорениот член 68 не бил во согласност со член 32 став 5 и член 51 од Уставот од причина што, постапката за уредување на материјална одговорност на финансискиот полицаец е дел од прашањата за остварување на правото на вработениот од работен однос и истото не може да се уредува со оперативна инструкција, односно со подзаконски акт донесен од директорот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 38 од Законот поместен во Глава XI „Специфичности во правата,обврските и одговорностите на финансиските полицајци во работните односи“ односно во делот „Вработување на финансиски полицаец“ е предвидено дека во Финансиската полиција како финансиски полицаец може да се вработи лице кое покрај општите услови ги исполнува и посебните услови предвидени со овој закон и актот за систематизација на работните места и актот за организација на работата во Финансиската полиција.
(2) За финансиски полицаец може да биде вработено лице кое:
– е државјанин на Република Македонија,
– не е постаро од 35 години,
– е психофизички здраво (способно) и со предиспозиции за вршење на работите на финансиски полицаец од страна на определена здравствена установа,
– има завршено соодветно образование пропишано со актот за систематизација
– ги исполнува и посебните услови пропишани со актот за систематизација.(оспорен став)

Подносителот на иницијативата наведува дека, оспорената одредба не била во согласност со член 32 став 5 од Уставот, бидејќи правата на вработените и нивната полжба се уредувала со закон и со колективни договори, а не со актите за систематизација како што предвидувала оспорената одредба. Со одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од анализата на член 38 во целина и посебно оспорениот став 2 алинеа 5 од Законот, произлегува дека во Финансиската полиција може да се вработи лице кои ги исполнува општите услови од ставот 1 и 2 на истиот член од Законот и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работните места .

Според Судот, определбата дел од посебните услови за вработување во финансиската полиција, , да бидат утврдени во актот за систематизација на работните места, не ги повредува уставните одредби посочени во иницијативата. Ова од причина што актот со кој се определуваат посебните услови за вршење на работата на секое поединечно работно место е всушност актот со кој се утврдува бројот и структурата на потребите од работници во конкретна јавна служба. Во таа смисла актот за систематизација не претставува акт со кој се уредуваат права и обврски од работниот однос, бидејќи од наведените одредби од Уставот (член 32 став 5), но и од Законот, произлегува дека општите и посебни услови веќе се уредени, односно пропишани.

Можноста, пак, со актот за систематизација да се утврдат и други посебни услови, кои произлегуваат од специфичните работи кои ги вршат финсиските полицајци, освен оние утврдени во Законот не ги повредуваат уставните одредби, бидејќи во законската одредба не може детално, за секое конкретно работно место, да се набројат: потребното образование по вид и степен, потребното работно искуство, потребниот степен на познавање на странски јазик или други квалификации кои треба да ги исполнува лицето кое се вработува. Во крајна линија тие други посебни услови зависат од конкретното работно место на кое треба да се вработи лицето и работните обврски што истиот треба да ги исполнува.

Со оглед на наведеното,Судот оцени, дека наводите во иницијативата се неосновани поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 38 став 2 алинеа 5 од Законот, со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Судот во понатамошната постапка утврди дека според член 39 став 2 од Законот, „по исклучок работен однос во финансиската полиција без јавен оглас се заснова „за определени работни места утврдени со актот за систематиација на работни места во финансиската полиција „.

Во однос на оспорениот член 39 став 2 од Законот за финансиска полиција,Судот исто така оцени дека наводите на подносителот на иницијативата се неосновани,а имајќи го предвид следното.

Оспорениот дел од наведениот член е поместен во Глава XI од Законот која се однесува на специфицностите на правата,обврските и одговорностите на финасиските полицајци, односно во поднасловот „Постапка за вработување“.

Во членот 39 од Законот е предвидено дека:

(1) Финансиски полицаец заснова работен однос врз основа на јавен оглас и на постапка и под услови утврдени со овој закон.
(2) По исклучок, работен однос во Финансиската полиција без јавен оглас се заснова за определени работни места утврдени со актот за систематизација на работните места во Финансиската полиција и
за стипендисти на Министерството за финансии со завршени студии, како и завршени студенти на Полициската академија – криминалисти. Лицата од овој став можат да бидат и постари од условот предвиден во членот 38 став (2) алинеја 2 од овој закон.

Имајќи го предвид наведениот член јасно и недвосмислено произлегува дека засновањето на работниот однос на финансиски полицаец се спроведува врз основа на јавен оглас, при што само по исклучок за точно определени места во финансиската полиција утврдени со актот за систематизација работен однос може да се заснива и без јавен оглас, а сето тоа паѓајќи од видот на службените задачи и надлежностите кои ги има финансиската полиција, децидно утврдени во членот 12 од Законот за финансиската полиција.

Во членот 12 од Законот е предвидено:

(1) Финансиската полиција има надлежност да:
1) открива и врши криминалистичко истражување на кривични дела кои се гонатпо службена должност како што се: перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273, недозволена трговија од членот 277, криумчарење од членот 278, даночно затајување од членот 279 од Кривичниот законик и други кривични дела со противправна имотна корист од значителна вредност, како и фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази, други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапкапо службена должност или по наредба на јавниот обвинител преку извршување на надлежностите во правосудната полиција согласно со закон;
2) прибира и анализира податоци за готовински трансакции, презема предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела, ја следи трагата на парите со цел за откривање на казниви дела утврдени со закон, врши увид и преглед на сметководствени податоци и евиденции во компјутерски системи во присуство на одговорно лице или од него овластено лице и врши други работи согласно со закон;
3) врши форензичка компјутерска анализа на привремено одземени, компјутерски системи и други електронски уреди;4) поднесува кривични пријави до надлежниот јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност, кои се гонат по службена должност;
5) поднесува иницијатива за поведување на даночна и друга постапка за утврдување и наплата на јавните давачки пред надлежниот орган;
6) координира, дава иницијатива, поднесува кривични пријави, врши размена на информации и организира обуки за лицата вклучени во системот на неправилности со цел за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и Европска унија;
7) изготвува и доставува предлог на стратегија за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и Европската унија и
8) врши други работи утврдени со закон.
(2) Стратегијата од ставот (1) точка 7 на овој член ја донесува Владата на Република Македонија.

Тргнувајќи од наведеното,Судот оцени дека законското решение содржано во став 2 на член 39 од Законот е во согласност со член 32 став 2 од Уставот во смисла на можноста секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место. До ваква констатација се доаѓа имајќи го во вид фактот што финансиската полиција има надлежност да спроведува финансиска контрола и финансиска истрага, да врши експертска компјутерска анализа, да соработува со сродни органи од други земји, да води прекршочна постапка итн. што го оправдува исклучокот во оспорената одредба за определени работни места утврдени со актот за систематизација да се вработуваат одредени лица без јавен оглас, а при тоа имајќи ја во вид специфичноста, односно специфичниот карактер на истите кои што бараат посебна исклучителност, стручност, знаење и подготвеност за успешно утврдување на овие определени, со актот за систематизација, работни места.

Со член 39 став 2 од Законот, не се доведуваат граѓаните во нееднаква правна положба во поглед на добивањето на работно место како што се наведува во иницијативата, бидејќи ваквиот исклучок се однесува само на определени работни места утврдени со актот за систематизација на работните места во Финансиската полиција кои што како предуслов за вработување бараат определено работно искуство и години на стаж, а со оглед на описот, тежината и предзнаењата за извршување на работните задачи за тие работни места. Воедно ваквиот исклучок се однесува и на стипендисти на Министерството за финансии, за кои министерството годишно одвојувало средства за стипендирање на лица со натпросечни знаења што претставува начин за мотивирање на ваквите лица, за нивните натпросечни резултати и успех да им се даде можност своите знаења да ги искористат во Финансиска полиција. Ваков исклучок со оглед на специјализираната надлежност на Финансиска полиција е предвиден и за завршени студенти на Полициската академија – криминалисти, а со оглед на специјализираните знаења со кои се стекнуваат ваквите студенти, наспроти потребите на Финансиска полиција.

Оттука, според наведеното произлегува дека ова законско решение е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, а посебно со членот 32 став 2 од Уставот во смисла на можноста секому под еднакви услови да му биде достапно секое работно место.

6. Судот исто така утврди дека во оспорениот член 68 од Законот е предвидено дека „Постапката за утврдување на материјална одговорност на финансискиот полицаец се уредува со оперативна инструкција која ја донесува директорот“.

Во врска со наводите од иницијативата според кои членот 68 од Законот не бил во согласност со Уставот,Судот оцени дека истите се неосновани од причини што подносителот на иницијативата оспорениот член 68 од Законот го гледа изолирано сам за себе , без притоа да ги има предвид и другите одредби од Законот ( 62,63,64,65,66 и 67) кои ја уредуваат постапката за материјална одговорност на финансискиот полицаец.

Имено во членот 62 од Законот е предвидено дека:

1) Финансискиот полицаец е одговорен за штетата која на работа или во врска со работа, со умисла или од крајна небрежност, ја предизвикал на Финансиската полиција.
(2) Директорот формира комисија за утврдување на материјална одговорност нафинансискиот полицаец која е составена од претседател и два члена и нивнизаменици.
(3) Комисијата од ставот (2) на овој член ја утврдува материјалната одговорност за постоење на сторена материјална штета, нејзината висина и начинот на сторување, кој ја предизвикал штетата и кој ќе ја надомести.
(4) Комисијата од ставот (2) на овој член за утврдената фактичка состојба поднесува извештај врз основа на кој директорот донесува решение за надоместок на штета.

Во членот 63 е предвидено дека:

Предлог за покренување на постапка за утврдување на материјална одговорност против финансиски полицаец поднесува непосредниот раководен финансискиполицаец или повисокиот раководен финансиски полицаец.
Во членот 64 од Законот е предвидено дека:
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се поведе, ако поминале 60 дена од денот кога непосредно раководниот финансиски полицаец или повисокиот раководен финансиски полицаец дознал за тоа.

Во членот 65 од Законот е предвидено дека:
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се покрене,ако од денот кога е сторена материјална штета поминала една година.

Според членот 66 од Законот:
Постапката за утврдување на материјална одговорност не може да се води подолго од 60 дена, сметано од денот на донесувањето на решението за формирање на комисијата за утврдување на материјална одговорност на финансискиот полицаец.

Во членот 67 од Законот е предвидено:
(1) Против решението за надоместок на штета финансискиот полицаец има право да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен преку Финансиската полиција, во рок од осум дена од денот на врачувањето на решението.
(2) Жалбата го задржува извршувањето на решението до донесување на конечна одлука или истекот на рокот во кој требала да одучи Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Тргнувајќи од содржината на наведените членови со кои се уредува прашањето на материјалната одговорност како и содржината на оспорениот член 68 од Законот,Судот смета дека даденото овластување на директорот да донесе оперативна инструкција е во насока на операционализација на посочените законски одредби, од кои причини не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Воедно, Судот утврди дека во оспорениот член 9 став 5 од Законот предвидено е дека „Именувањето на директорот и заменик на директорот се врши врз основа на нивната стручност, при што се земаат предвид и другите нивни способности релевантни за вршење на функцијата.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредба е содржана во Законот за финансиска полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2014).
Имено во членот 9 од Законот во насловот „Раководење“ односно поднасловот „Директор и заменик директор“ е предвидено дека:
(1) Со работата на Финансиската полиција раководи директор кој го именува иразрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот зафинансии.
(2) За својата работа и работата на Финансиската полиција директорот е одговорен пред Владата на Република Македонија и министерот за финансии.
(3) Директорот е самостоен во извршувањето на работите на Финансискатаполиција и ги има сите овластувања согласно со овој закон.
(4) Директорот има заменик кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии.
(5) Именувањето на директорот и заменикот на директорот се врши врз основа нанивната стручност, при што се земаат предвид и другите нивни способности релевантни за вршење на функцијата (оспорен дел).
(6) Директорот и заменикот на директорот се именуваат за време од четиригодини и можат повторно да бидат именувани за уште еден мандатРаботи што ги врши директорот.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансискта полиција („ Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014).членот 9 ставот (5) се менува и гласи:
„За именување на директор и заменик на директор се објавува јавен оглас во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што гозборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.“

По ставот (5) се додава нов став (6), кој гласи:
“(6) За директор и заменик на директор може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови, и тоа:
1) е државјанин на Република Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изреченаказна или прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност илидолжност;
3) има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен;
4) има минимум пет години работно искуство;
5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенијаза активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
– ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,
– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
– ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода и
– АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2) и
6) има положено психолошки тест и тест за интегритет.“
Ставот (6) станува став (7).

Со оглед на фактот што со иницијативата се оспорува членот 9 став 5 во делот делот „при што се земаат предвид и другите нивни способности релевантни за вршење на функцијата“од Законот за финансиска полиција,а со измените на Законот ставот 5 на член 9 во целост е изменет, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување, односно за оценување на иницијативата во овој дел,а во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот,поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9 .Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.20/2014
12 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply