У.бр.14/2014

У.бр.14/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот за решавање судир на надлежност меѓу Основениот суд Гевгелија и Управниот суд Скопје.

2. Злата Попова, судија во Основниот суд во Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за решавање на судир на надлежност предизвикан помеѓу Основниот суд Гевгелија со акт П4.бр.62/13 и Управниот суд со Решение У-3 бр.17/2013 од 25.01.2013 година.

Во наводите во барањето на судијата на Основниот суд во Гевгелија, се наведува дека Управниот суд со Решение У-3 бр.17/2013 година од 25.01.2013 година оценил дека основата за надлежноста на Основниот суд Гевгелија произлегувала од членот 29 од Законот за земјоделско земјиште врз основа на кој е дадена и правна поука во член 6 од обжалената Одлука на Комисијата за спроведување на постапка за доделување на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп.

Управниот суд оценил дека наведената одредба јасно укажувала дека понудувачот може да покрене постапка за заштита на своите права пред надлежен редовен суд, што во конкретниот случај бил Основниот суд Гевгелија како стварно надлежен суд, со оглед дека само со изведување на докази во една контрадикторна постапка можело да се докаже основаноста на изнесените наводи и факти од страна на тужителот.

Управниот суд оценил дека во наведениот случај не станувало збор за решавање на право и обврска на субјектот во управна постапка, туку за одлука донесена како акт на располагање со земјоделско земјиште во државна сопственост како добро од општ интерес за Републиката.

Врз основа на член 29 од Законот за земјоделско земјиште, Управниот суд нашол дека основниот суд е надлежен да постапува во постапките за оцена на законитоста на постапката за избор на најповолен пондувач за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, па се огласил за ненадлежен и определил предмет да се достави на постапување на Основниот суд Гевгелија како стварно надлежен суд.

Основниот суд Гевгелија по добивање на списите по предметот во постапка на претходно испитување на тужбата нашол дека тужбеното барање на тужителката се однесува на барање да се цени законитост на поединечен управен акт – Одлука на Комисијата при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каков што претставува Одлуката за избор на најповолен понудувач за добивање под закуп на земјоделско земјиште, во сопственост на државата до 10 хектари за регион Гевгелија бр.22-12477/1 од 24.11.2012 година за кој нашол дека овој суд не е стварно надлежен да постапува.

Имено, Основниот суд утврдил дека Управниот суд е надлежен да решава против поединечните акти на органите на државната управа. Во конкретниов Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно министерот, како орган на државната управа согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на РМ“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) формирал комисија за одлучување по распишан јавен оглас за давање на земјоделско земјиште под закуп, член 21 став 2 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на РМ“ бр.135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012 и 106/2013) кој ја спроведува постапка за отварање, еволуција на понудите и донесува одлука за избор член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште бр.18/2011, со кој се менува член 28 од Законот за земјоделско земјиште; истата комисија во случај на неправилности во постапката за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопстеност под закуп, доставува предлог до министерот да го поништи цел или дел од јавниот оглас или повикот за прибирање на понуди член 17 од Законот за земјоделско земјиште со кој се менува став 2 од член 26 од Законот; формата и содржината на образецот на записникот за отварање на понудите, на извештајот на еволуација на понудите ги изготвува министерот член 19 со кој се менува член 28 од Законот, министерот ги пропишува и критериумите за избор на најповолен понудувач член 27 и 18 од Законот за земјоделско земјиште со кој се менува дел од член 27 од ЗЗЗ, а министерот ги пропишува и подзаконските акти согласно овој закон, Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште во државна сопственост кое може да се даде под закуп („Службен весник на РМ“ бр.12/2008 и 26/2012) и Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за ослободување од плаќање на надомест за трајна пренамена на земјоделско земјиште и потребната документација („Службен весник на РМ“ бр.12/2008),како и Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач….. („Службен весник на РМ“ бр.26/12 ).

Понатаму, подносителот на барањето ги цитира одредбите од член 1 и 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на РМ“ бр.38/2003, 110/2008 и 51/2011) според кој е предвидено кој го применува овој закон и што се тоа управни работи.

Во смисла на Законот за земјоделско земјиште и неговите измени во делот на постапката за размена на земјоделското земјиште заради окрупнување на земјоделските парцели јасно е предвидено дека во оваа постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка и Законот за облигационите односи.

Ценејќи ги сите наведени околности Основниот суд Гевгелија, сметал дека комисијата формирана од министерот одлучува по критериумите пропишани од министерот и дека во случајов се работи за одлука како поединечен акт која е донесена во управна постапка.

Според подносителот, неспорно е дека согласно одредбата од член 29 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на РМ“ бр.135/2007 и 18/2011) понудувачот кој не е задоволен од извршениот избор по јавниот оглас или повик за прибирање понуди, може во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката да покрене постапка пред надлежен редовен суд.

Согласно Законот за судовите толкувањето на одредбата редовниот суд може да се толкува и на основен и на управен суд како судови од прв степен.

Со оглед на тоа дека согласно член 30 од Законот за земјоделско земјиште изменет со член 21 („Службен весник на РМ“ бр.8/2011) неспорно е предвидено склучување на договор за закуп со избраниот најповолен понудувач, Основниот суд Гевгелија смета дека постапката за склучување на договор преставува управна постапка во која постапува се одлучува од управен орган, а по склучување на договорот за закуп, како облигационен однос. Според тоа ценењето на истата е во надлежност на основен суд во делот на формата, условите, правата и обврските и нивното исполнување кои како облигационен однос настапува во моментот на склучување на договорот.

Со оглед на фактот што Одлуката на Комисијата за избор на најповолен понудувач според Основниот суд претставува поединечен акт кој се носи во управна постапка од страна на органот на државната управа, оценувањето на законитоста на постапката за избор на најповолен понудувач до склучување на договорот за закуп е во надлежност на Управниот суд, а не на основен парничен суд.

Со оглед на наведеното, Основниот суд Гевгелија сметал дека тужбеното барање се однесува на оценување на законитоста на управната постапка во која е донесен поединечен акт на орган на државна управа, па во однос на ваквото тужбено барање стварно надлежен по донесување на Законот за судовите и отпочнување со работа на Управниот суд е предвидена надлежност на Управниот суд.

Поради сето наведено Основниот суд во Гевгелија побарал од Врховниот суд на РМ да одлучи за предизвикан судир на надлежност помеѓу Управниот суд и Основниот суд Гевгелија.

Врховниот суд на Република Македонија одлучил дека Основниот суд Гевгелија е надлежен да постапува по конкретниов случај и по конкретните правни работи.

Врховниот суд на Република Македонија ги ценел одредбите од член 1, 3, 4 став 2, 17, член 18 и 19 од Законот за земјоделско земјиште и член 30 став 2 и 31 став 2 од Законот за судовите па нашол дека во конкретниов случај со поднесената тужба обезбедена е судска заштита пред редовниот суд – основен суд, а тоа е Основниот суд Гевгелија како стварно и месно надлежен.

Ова од причина што според предвиденото право од член 17 од Законот за земјоделско земјиште, земјиштето во државна сопственост може да се даде на користење по пат на закуп и плодоуживање,а од членовите 18 и 19 произлегувало дека закупот претставува облигационен правен однос од кој за закупувачот произлегува право да го користи туѓото земјоделско земјиште и обврска да плаќа и закупнината и по определен период да го врати земјиштето.

Од наведеното произлегува дека Комисијата како орган на Министерството не настапува како носител на извршната власт, туку како субјект кој во името на Републиката согласно Законот за земјоделско земјиште дава под закуп земјиште кое е државна сопственост на физички и правни лица на начин и во постапка утврдени со закон. Тоа значело дека закуподавачот и закупецот воспоставуваат облигациони односи за кои според одредбата од член 29 од Законот за земјоделско земјиште обезбедено е судската заштита пред редовен суд – основен суд, а тоа е Основниот суд Гевгелија како стварно и месно надлежен.

Подносителот на барањето, сметајќи дека во конкретниов случај и ако е неспорно дека закупот претставува облигационен правен однос, истиот се уште не е склучен за да Основниот суд биде надлежен да ги цени условите на ваков договор – воведување во владение за да договорот влезе во сила.

Во конкретниов случај се уште се работи за управна постапка во која се одлучувало за права, обврски и правни интереси на физички лица од страна на орган на државната управа во постапка и по критериуми предвидени од истиот, па законитоста на така спроведената постапка и исполнетоста или не на критериумите предвидени и пропишани од орган на управата е во надлежност на Управниот суд.

Ова уште повеќе што постапка за располагање од било каков вид се предвидува единствено за земјиште во државна сопственост (градежно или земјоделско). со постапката за јавен оглас или повик со пропишани критериуми од страна на орган на државната управа, додека за земјиштето во приватна сопственост располагањето е слободно во пролет и се постигнува на согласност на волјана две договорни страни.

Постапката за оценување на законитоста на постапката за избор на најповолна понуда за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост претставува методологија за оценување исполнетоста на условите предвидени во правилниците пропишани од орган на државната управа од кои по нивно спроведување зависи понатамошниот избор за најповолен понудувач но сето тоа претставува управна област. Законот за облигационите односи, пак, претставува најширока рамка за основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги кои во овој случај се уште не се создадени бидејќи не е склучен договор.

При оценување на законитоста на постапката за исполнување на условте од јавниот оглас или повик, редовниот суд би требало да ги цени околностите од конкретен случај според законски предвидените услови со закон од управна област и да се повика на одредби од закон од управна област од причини што не постои одредба од Законот за облигациони односи на која основен суд во парнична постапка би се повикал во својата одлука, и која би била е применлива за оценување на постапката за законитоста на извршен избор.

На крајот од барањето Основниот суд уште еднаш потенцира дека ваков предмет претставува предмет на управна област за управен акт, донесен од орган на државната управа односно од него формирана комисија, па имајќи го предвид начелото на економичност на постапката и итноста како и различните постапувања од страна на судовите на територијата на Република Македонија, предлага Уставниот суд на Република Македонија да се произнесе за ова прашање со што би се воедначило понатамошното постапување.

3. Судот на седницата, а од увидот на доставената документација утврди:

Комисијата за спроведување на постапка за доделување на земјоделско земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство врз основа на Оглас бр.10/12 за давање на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари од 20.10.2012 година, а врз основа на член 21 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на РМ“ бр.135/2007, Комисијата за спроведување на постапка за доделување на земјоделско земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство врз основа на Оглас бр.10/12 за давање на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари од 20.10.2012 година, а врз основа на член 21 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на РМ“ бр.135/2007, 18/2011 и 95/2012) по Одлука бр.22-11024/1 од 18.10.2012 година и условите во Огласот за давање на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари на 24 ноември 2012 година донела Одлука за избор на нај поволна понуда за давање во закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари за регионот Гевгелија.

На јавниот оглас бр.10/12 од 20.10.2012 година за давање во закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари за регионот Гевгелија за вкупно површина од 1258 хектари 67 бр.76 м2, се приајвиле 79 понудувачи, од кои 68 понудувачи ги исполнувале условите од огласот, 6 понудувачи не ги исполниле условите од огласот, а понудата на 3 понудувачи е одбиена.

Во одлуката поименично за 68 лица направен е табеларен преглед во кој се пренесени најповолните понуди избрани врз основа на катастарската општина, место викано, имотен лист, култура, површина, закупнина и намена на површината за кој се дава земјиштето под закуп.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека понудата на 4 поименично наведени понудувачи се одбиени затоа што добиле помал број на бодови и ако ги исполнувале условите (меѓу кои било и лицето Силвана Упчева – Стар Дојран).

Во членот 4 од одлуката се наведени понудувачи кои се одбиени затоа што понудите не биле изработени согласно условите од огласот.

Во членот 6 од Одлуката е предвидено дека согласно членот 29 од Законот за земјоделско земјиште, понудувачот кој не е задоволен од извршениот избор по јавниот оглас во рок од 15 дена од денот на приемот на Одлуката може да покрене постапка пред надлежен редовен суд.

Незадоволна од Одлуката за избор на најповолна понуда за давање во закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата за регион Гевгелија од 24.11.2012 по јавниот оглас под реден број 45 за КП.328 култура 11.000 во површина од 7.954 м2 за најповолен понудувач бил избран ДТУ „Тентови БЕ-ЏО“ ДООЕЛ – Петар Тентов, а додека пак тужителката Силвана Упчева од Стар Дојран била одбиена со образложение дека добила помалку бодови од понудувачите кои биле избрани, поднела тужба за поведување на управен спор пред Управниот суд на Република Македонија.

Во образложението на тужбата тужителката наведува дека ги исполнувала условите предвидени со јавниот оглас и со Законот за земјоделско земјиште, меѓутоа истата со горенаведената одлука била одбиена со образложение дека има помалку бодови од понудувачите кои се избрани.

Според тужителката Силвана Упчева донесената одлука од страна на тужениот Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство била спротивна на условите предвидени во јавниот оглас, критериумите предвидени со Законот за земјоделско земјиште и Правилникот за поблиските критериуми и тоа оддалеченост на местото на живеење (30 бода), понудена закупнина од тужителката 7000,00 денари, а избраниот понудувач 2000,00 денари, по основна правен статус (регистриран вршител на земјоделска дејност) и критериумот планирано проиводство (подигање на долгогодишни насади).

Врз основа на изнесеното според тужителката тужениот орган со донесување на оспорената одлука сторил суштествена повреда на постапката, погрешно ја утврдил фактичката состојба и погрешно го применил материјалното право.

Со оглед на наведеното тужителката Силвана Улчева предлага Судот да го уважи тужбеното барање и да ја поништи одлуката за избор или да ја преиначи на начин што за избор на најповолен понудувач да биде избрана таа.

Управниот суд по предметот У-3 бр.17/2013, постапувајќи по тужбата на тужителката Силвана Упчева против тужениот Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на 25.01.2013 година, донел Решение со кое се огласува за стварно ненадлежен да постапува по тужбата на тужителката Силвана Улчева со кој бара поништување на Одлуката за избор на најповолна понуда за давање во закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата, а списите по предметот да се достават на постапување и одлучување на Основниот суд Гевгелија како стварно надлежен суд.

Во образложението на Решението, Управниот суд наведува дека согласно членот 29 од Законот за земјоделското земјиште, тужителот доколку смета дека со извршениот избор се повредени неговите права, може да покрене постапка за заштита на своите права пред надлежен редовен суд во случајот Основен суд Гевгелија како стварно надлежен суд со оглед на фактот што само со изведување на докази во една контрадикторна постапка може да се докаже основаноста на изнесените наводи и факти од страна на тужителот. Ова од причина што според Судот во случајот не станувало збор за решавање на права и обврски на субјектите во управна постапка, туку за одлука донесена како акт на располагање со земјоделско земјиште во државна сопственост како добро од општ интерес за Републиката.

Во правната поука на решението е предвидено дека против решението дозволена е жалба во рок од 15 дена по приемот на истото преку овој Суд до Вишиот управен суд. Основниот суд Гевгелија на 22.11.2013 година упатил барање до Врховниот суд на РМ да го реши судирот на надлежност меѓу Основен суд Гевгелија и Управниот суд (П4.62/13).

Во барањето Основниот суд навел дека тужителката Силвана Упчева барала да се поништи Одлуката за избор на најповолна понуда за давање под закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари за регионот Гевгелија и да се преиначи на начин што за избор на најповолен понудувач за закуп на земјоделско државно земјиште да се избере Силвана Упчева од Стар Дојран.

Управниот суд при донесување на решението У-3 бр.17/2013 се повикал на член 16 став 1 од ЗПП в.в. со член 7-а од Законот за управните спорови и член 29 од Законот за земјоделско земјиште во кој е предвидено дека понудувачот кој не е задоволен од извршениот избор по јавниот оглас може да покрене постапка пред надлежниот редовен суд, па во тој контекст била дадена и правната поука во член 6 од оспорената одлука. Управниот суд сметал дека одредбите од член 29 од Законот за земјоделско земјиште јасно укажувала дека во конкретниов случај понудувачот Силвана Упчева доколку смета дека со извршениот избор и се повредени нејзините права може да покрене постапка за заштита на своите права пред надлежен редовен суд во овој случај Основниот суд Гевгелија како стварно надлежен суд.

Основниот суд Гевгелија во поднесокот наведува дека не е стварно надлежен имајќи ги предвид одредбите од член 29 од Законот за земјоделско земјиште, член 30 став 2 од Законот за судовите, член 104 од Законот за парничната постапка, член 31 од Законот за управните спорови и член 2 од наведениот Закон кој е со идентична содржина со член 34 од Законот за судовите.

Понатаму, Основниот суд Гевгелија наведува дека согласно член 5 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерствата се органи на државната управа кои подлежат на инспекциски надзор кој согласно членот 45 од наведениот закон се врши според правилата на управната постапка. Вака предвидената контрола според правилата на управната постапка е предвидена и во одредбата на член 56 од Законот за земјоделско земјиште.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај се работи за оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост по кој постапката ја спроведува комисија од 5 члена формирана од министерот, формирањето на оваа комисија, нејзината работа и постапување претставуваат управна област.

Одлуката која е донесена од комисијата за спроведување на постапката за доделување на земјоделско земјиште во државна сопственост во закуп не претставува договор кој може да се побива како секој договор предвиден во Законот за облигациони односи.

Понатаму согласно член 30 од Законот за земјоделско земјиште огласувачот Република Македонија преку министерството со избраниот најповолен понудувач склучат договор за закуп, на ваквиот договор е предвидено да се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи, односно ваквиот договор помеѓу странките може да се побива како секој друг договор но не и одлуката за избор.

Според Основниот суд Гевгелија, а имајќи ги предвид наводите во тужбата со кои тужителката приговара на правилното бодирање, тоа барање претставува барање за оценување на законитост на поединечен акт во постапувањето на комисијата при донесување на Одлука за избор на најповолен понудувач.

Поради сето наведено Основниот суд Гевгелија оценил дека Одлуката за избор на најповолен понудувач претставува акт на орган на државна управа за чија законитост согласно член 1 од Законот за управните спорови одлучува Управниот суд.

Согласно член 21 став 1 и член 22 од Законот за парничната постапка во врска со член 35 точка 4 од Законот за судовите, Основниот суд Гевгелија го доставил предметот до Врховниот суд на Република Македонија како надлежен суд кој одлучува за судир на надлежност меѓу Управниот суд и друг суд.

Врховниот суд на Република Македонија во правната работа на тужителот Силвана Упчева од Стар Дојран против тужениот Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за поништување на Одлуката за избор на најповолна понуда за давање во закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари за регион Гевгелија, решавајќи по изјавениот судир на надлежност помеѓу Основниот суд Гевгелија и Управниот суд на седницата одржана на 5.12.2013 година донел Решение Р.бр.104/2013 со кое утврдил дека Основниот суд Гевгелија е стварно и месно надлежен да постапува по тужбата на тужителката Силвана Упчева од Стар Дојран против тужениот Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство за поништување на Одлуката за избор на најповолна понуда за давање во закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари за регион Гевгелија бр.22-12477/1 од 24.11.2012 година.

Во образложението на Решението на Врховниот суд, покрај другото се наведува дека Основниот суд Гевгелија со допис под П.бр.62/13 од 22.11.2013 година предизвикал судир на надлежност и во смисла на член 21 став 1 и член 22 од Законот за парнична постапка, а во врска со член 35 точка 4 од Законот за судовите кој го доставил на Врховниот суд на Република Македонија како надлежен суд за решавање на изјавениот судир помеѓу Управниот суд и Основниот суд Гевгелија.

Врховниот суд на РМ, решавајќи по судирот на надлежност утврдил дека во конкретниот случај стварно и месно надлежен суд да постапуа по тужбата е Основниот суд Гевгелија од причина што:

Во конкретниов случај тужениот објавил јавен оглас бр.10/12 од 20.10.2012 година за давање под закуп на земјоделско земјиште во сопственост на државата до 10 хектари за регионот Гевгелија, а тужителот се јавил на наведениот оглас. По спроведената постапка од Комисијата при тужителот било донесена Одлука за избор на најповолна понуда, со која понудата дадена од страна на тужителот е одбиена, од причини што понудата на тужителот не била изработена согласно условите утврдени во огласот. Незадоволен од оваа одлука тужителот поднел тужба до Управниот суд со кој барал поништување на наведената одлука.

Во членот 1 од Законот за земјоделско земјиште се уредува користењето, располагањето и заштита на земјоделско земјиште, а во член 3 предвидено е дека земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени во овој закон.

Согласно член 4 став 2 од наведениот закон, право на располагање е право земјоделското земјиште да се отуѓи со продажба, подарок, размена, да се даде под хипотека, како и да се даде на користење на други лица со закуп или плодоуживање. Во член 17, пак од Законот предвидено е земјоделското земјиште во државна сопственост може да се даде под закуп и плодоуживање, а од членовите 18 и 19 од Законот произлегувало дека закупот претставува облигационен правен однос, од кој за закупецот произлегува право да го користи туѓото земјиште и обврска да плаќа определен надоместок на закуподавачот и по определен период да го врати.

Во одредбата од член 30 став 2 и член 31 став 2 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010) таксативно е наведена стварната надлежност на основните судови со основна надлежност и на основните судови со проширена надлежност.

Согласно член 27 од Законот за парнична постапка, во парничната постапка судовите судат во границите на својата стварна надлежност определена со закон.

Во смисла на цитираните законски одредби, произлегува дека во случајот Комисијата за спроведување на постапката за доделување на земјоделското земјиште во државна сопственост во закуп, како орган при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, не постапувало како вршител на извршната власт, туку како субјект кој во името на Републиката во согласност со Законот за земјоделско земјиште дава под закуп земјиште кое е во државна сопственост на физички и правни лица на начин и во постапка која е утврдена со Законот за земјоделско земјиште. Ова значи дека помеѓу закуподавачот и закупецот се воспоставуваат облигациони правни односи за кои согласно одредбите од член 29 од Законот за земјоделско земјиште обезбедена е судска заштита пред редовен суд – основен суд, а тоа е Основниот суд во Гевгелија како стварно и месно надлежен суд.

4. Според член 110 став 1 алинеите 4 и 5 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт како и да решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој Деловник, кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органа ја прифатат или ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Имајќи го предвид наведеното, сметаме дека во конкретниов случај постоел негативен судир на надлежност помеѓу Основниот суд во Гевгелија и Управниот суд Скопје, кој судир го разрешил согласно својата надлежност Врховниот суд на Република Македонија.

Наведеното становиште Судот го темели имајќи го предвид следното.

Прашањето на остварување на правата, обврските и одговорностите и заштита на правата кои произлегуваат од давањето под закуп на земјоделското земјиште се уредувата со Законот за земјоделско земјиште, (“Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/11, 148/11, 95/12, 87/13 , 106/13, 164/13 и 39/14).

Во членот 1 од Законот за земјоделско земјиште, е предвидено дека со овој закон се уредува користењето, располагањето, заштитата и пренамената на земјоделското земјиште, а според членот 3 од наведениот закон земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени со овој закон.

Во членот 4 од наведениот закон,во кој е утврдено значењето на одделни поими кои се употребуваат во Законот,при што под поимот „располагање“ е предвидено дека тоа е право земјоделското земјиште да се отуѓи со продажба, подарок или размена,да се даде под хипотека, како и да се даде на други лица под закуп или плодоуживање.

Во членовите 17,18 и 19 од Законот е уредено прашањето на промет и користење на земјоделското земјиште во државна сопственост, при што за земјоделското земјиште во државна сопственост кое се дава под закуп се плаќа закупнина.

Во член 30 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010) е утврдена стварната надлежност на судовите. Според ставот 2 алинеја 9 од наведениот закон, основните судови во прв степен се надлежни да одлучуваат, покрај другото и за граѓански спорови за работни односи.

Согласно член 35 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјата на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управен суд и друг суд, судир на надлежност меѓу виши управни судови и друг суд.

Според член 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010) заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, судот, во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Според член 2 став 5 од Законот за управните спорови во управен спор се одлучува за судир на надлежности, меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините и градот Скопје и по споровите настанати за судир на надлежност меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита.

Тргнувајќи од анализата на наведените законски одредби кои ги уредуваат прашањата на судска заштита на граѓаните како и надлежноста на судовите во судскиот систем, произлегува дека за судир на надлежност помеѓу основните судови и Управниот суд одлучува Врховниот суд на Република Македонија.

Врховниот суд на Република Македонија, тргнувајќи од утврдената фактичка состојба и надлежност утврдена со закон, а по барање на Основниот суд Гевгелија, го решил судирот на надлежност во смисла на тоа што утврдил дека во конкретниов случај надлежен е Основениот суд во Гевгелија.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Тргнувајќи од изнесените уставни, законски и деловнички одредби, Судот оцени дека не е надлежен да решава за судир на надлежност меѓу судовите, од кои причини барањето се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.14/2014
12 ноември 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply