59/2014-0-0

У.бр.59/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 5 ноември 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 14 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Илко Петров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во однос на член 14 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека неопределувањето во означената одредба обврска за доверителот да ја соопшти својата трансакциска сметка на должникот пред да истече рокот за доброволно исполнување на обврската oд извршната исправа, значело на должникот неуставно да му се зголемуваат трошоците (на пример, ако тоа го побара од Централен депозитар на трансакциски сметки или од доверителот со препорачана пратка), односно неуставно да му се одзема дел од имотот, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 30 став 1 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост.

Во врска со член 18 во делот: „донесувањето“ од Законот, во иницијативата се наведува дека определувањето на затезна камата на трошоците на постапката да се пресметуваат и извршуваат од денот на донесувањето на извршната исправа, а не од првиот ден по истекот на доброволниот рок за исполнување на обврската од извршната исправа, значело затезната камата да се наплатува (1) и за периодот од донесувањето на првостепената пресуда до донесувањето на второстепената пресуда, во кој период се остварува право на жалба утврдено во Амандман XXI на Уставот и во член 337 став 1 и член 355-а од Законот за парнична постапка, како и право на судење во разумен рок утврдено во член 36 ставовите 1 и 5 од Законот за судовите, и (2) за периодот од 15 дена на доброволниот рок за исполнување на обврската од извршната исправа, со што на должникот неуставно му се зголемуваат трошоците односно неуставно му се одзема дел од имотот, поради што оспорениот дел од наведената законска одредба не бил во согласност со член 30 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 1 од Законот, „судската одлука е извршна ако станала правосилна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска.“

Во член 18 од Законот се определува дека „ако во извршната исправа се определени и трошоците на постапката, извршителот, по предлог од доверителот, ќе пресмета и ќе изврши наплата на затезната камата на износот на определените трошоци согласно со пропишаната стапка, од денот на донесувањето на извршната исправа до наплатата.“

5. Во однос на член 18 во делот: „донесувањето“ од Законот, Судот утврди дека наведената законска одредба определува дека извршителот ќе пресмета и ќе изврши наплата на затезна камата на износот на трошоците настанати во постапката на донесувањето на извршната исправа, ако тоа го предложи доверителот, при што периодот на пресметување на затезната камата е од денот на донесувањето на извршната исправа до наплатата. Со други зборови, затезната камата на трошоците, настанати во постапката на донесувањето на извршната исправа, се пресметува и наплатува при присилно извршување на извршната исправа од страна на извршителот и по предлог на доверителот, а не и ако должникот во рокот за доброволно исполнување на обврската ги плати трошоците утврдени во извршната исправа.

Според тоа, должникот може да го избегне во целост плаќањето на затезната камата на трошоците во постапката ако доброволно ја исполни обврската од извршната исправа, а не само делумно, од донесувањето на извршната исправа до последниот ден од истекот на рокот за доброволно исполнување на обврската од извршната исправа, како што предлага подносителот на иницијативата.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека членот 18 во делот: „донесувањето“ од Законот не го доведува во прашање правото на сопственоста на граѓаните утврдено во член 30 став 1 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека членот 14 став 1 од Законот го уредува моментот кога судската одлука станува извршна исправа, при што се определува дека тој момент е кога на правосилната судска одлука и истекол рокот за доброволно исполнување на обврска од страна на должникот.

Оспорувањето, пак, на ваквата законска одредба од аспект на повреда на правото на сопственоста утврдено во член 30 став 1 од Уставот, како што се прави со иницијативата, според мислењето на Судот значи споредување на законска со уставна одредба иако тие уредуваат различна материја, па за таквиот аспект на оспорување на законската одредба постојат процесни пречки за постапување, поради што Судот оцени дека се исполнети условите, определени во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2014
5 ноември 2014 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply