134/2014-0-0

У.бр.134/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 123 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012 и 187/2013)

2. Илко Петров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се бара ставот 1 во оспорениот член 123 од Законот, зборовите „освен камата„ да се избришат и да се додаде нов став 4 кој би гласел: „На износот на присилно наплатениот данок и споредни даночни давачки каматата се пресметува по истекот на рокот од 30 дена од денот на приемот на барањето за враќање на парите.„ Оттука, со иницијативата се бараат измени и дополнувања на оспорениот член од причина што постоечките одредби биле нејасни и граѓаните и другите правни субјекти како обврзници за плаќање на камата за долгуваниот данок и даночна обврска не биле во еднаква положба со државата, односно за два исти субјекти законодавецот предвидел две различни решенија за рокот за плаќање камата со кои едниот субјект (даночен обврзник) го ставил во нерамноправна – понеповолна положба во однос на другиот субјект (Република Македонија, Министерство за финансии – Управа за јавни приходи). Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 123 од Законот за даночната постапка како спротивен на повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 30 со кој се гарантира правото на сопственост и членот 55 со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на член 123 став 1 од Законот, на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки се пресметува и наплатува камата во висина од 0,03% за секој ден задоцнување. На долгуваниот данок и споредната даночна давачка, каматата се пресметува почнувајќи од наредниот ден од денот на првобитната пристигнатост. (став 2) На износот на повеќе платен данок и споредни даночни давачки каматата се пресметува по истекот на рокот од 30 дена од денот на приемот на барањето за враќање.(став 3)

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.27/2009 од 23 септември 2009 година ја оценувал уставноста на одредбата од членот 123 од Законот за парничната постапка и изразил став дека: „Според одредбите на овој закон, по спроведената управна постапка извршувањето на донесениот даночен управен акт настапува по доставувањето на актот на обврзникот и истекувањето на рокот за жалба, а жалбата во даночната постапка нема суспензивно дејство.

Според овие одредби од членот 123 од Законот, за обврзникот за долгуваниот данок, каматата се пресметува наредниот ден од денот на првобитната пристигнатост на данокот, а за даночниот орган, заради повеќе платениот данок, каматата се пресметува по истекот на рокот од 30 дена од приемот на барањето за враќање. Оттука, за обврзникот треба да постои прво пресметан, утврден данок кој пристигнал на негов товар и рок за негово плаќање. За даночниот орган треба да постои барање од странката за враќање на повеќе платениот данок и рок од 30 дена во кој даночниот орган ќе треба да реши за фактичката и правната состојба по барањето и донесе решение за исходот и висината на враќањето. При тоа на странката и е обезбедено дека камата од оваа постапка му следува на утврдениот износ за секој ден по рокот од 30 дена од поднесувањето на барањето до органот за враќање на данок.

Во врска со приговорот во иницијативата зошто овој рок за камата за даночниот орган не е од денот на првобитната пристигнатост на каматата, Судот оцени дека се работи за две различни постапки. Имено, основицата за камата на повеќе платениот данок е фактичка состојба која органот треба да ја реши во висина и износ како повеќе платен. Сепак, и покрај тоа органот е со закон задолжен каматата да ја пресметува во рок од 30 дена од приемот на барањето на странката, што значи тој нема слобода за пролонгирање на решавање на ова прашање на странката, затоа што каматата е врзана со определен рок од поднесување на барањето, па оттука и органот има каматна обврска која е во врска со ажурноста на решавањето на евентуално повеќе платениот данок. Притоа, се има предвид дека пресметување и плаќање на данок и пресметување и плаќање на камата се различни прашања. Данокот се плаќа по доспеаност на пресметката за данок, во рокови уредени со посебните законски решенија за одделни видови даноци, а каматата се плаќа после истекот на рокот за плаќање на данокот.

Управата за јавни приходи е должна да го донесе даночниот управен акт со кој ќе се утврди основаноста на барањето за враќање на повеќе платениот данок, во роковите пропишани со Законот за општата управна постапка, како и во согласност со член 28 од Законот за даночната постапка според кој доколку даночниот обврзник има основано право на враќање на повеќе или погрешно наплатен данок, Управата за јавни приходи има обврска решението за враќање да го донесе во најкус можен рок. Во пропишаниот временски период надлежниот орган – Управата за јавни приходи е должна да го донесе актот со кој ќе се утврди основаноста на поднесеното барање и ќе се одобри враќање на повеќе платениот данок, во кој рок е потребно правилно да се утврди фактичката состојба во согласност со член 10 од Законот, да се изведат и оценат доказите во согласност со член 57 од Законот и да се изготви и издаде даночниот управен акт на даночниот обврзник според правилата на управната постапка. Доколку Управата за јавни приходи, по поднесеното барање од страна на даночниот обврзник не донесе акт во рокот од 30 дена, на обврзникот му следи камата за износот на повеќе платениот данок и споредни даночни давачки во висина од 0,03% за секој ден задоцнување.

Со член 16 од Законот за даночната постапка, даночно-правниот однос е дефиниран како однос кој во даночната постапка ги опфаќа правата и обврските на Управата за јавни приходи од една страна и на даночниот обврзник од друга страна, при што особено се уредува исполнувањето на даночните обврски од страна на даночниот обврзник, како и правото на Управата за јавни приходи да бара исполнување на овие обврски. Значи, даночно-правниот однос е однос помеѓу државата и другите лица во правото во врска со утврдувањето и наплатата на даноците, во кој однос активен субјект е државата преку даночниот орган, додека пасивен даночен субјект е даночниот должник. Во даночното право постои овластувањето за државата преку своите законодавни органи да воведе и нормира даночни обврски за субјектите на нејзината територија. Од друга страна за субјектите – даночни обврзници постои должност за исполнување на даночните обврски. Тука не станува збор за пазарни односи во општеството туку за однос помеѓу даночните обврзници и Управата за јавни приходи како специфичен однос кој се разликува од граѓанско-правниот однос каде како основно начело во меѓусебните односи се јавува начелото на еднаквост и рамноправност на субјектите-учесници, за разлика од надредената положба на државниот орган во даночно-правниот однос како специфичен управно-правен однос.„

Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива истата одредба се оспорува од исти причини како и во претходно наведениот предмет и во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по основ на res judicata, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.134/2014
29.10.2014г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply