167/2013-0-0

У.бр.167/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 341 став 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ“ бр.150/2010).

2.Љупчо Тодоровски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 341 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со Амандманот IV од Уставот со кој е заменета преамбулата на Уставот како и одредбата од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причини што е предвидена контрола на судска одлука од страна на друг државен орган.

Таквото овластување на јавниот обвинител било во спротивност и со одредбата од член 13 став 2 од Законот за судовите, кој предвидува дека судска одлука може да менува или укинува само надлежен суд.

3.Судот на седницата утврди дека според член 341 став 3 од Законотот, решението за запирање на постапката на овој член му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од 8 дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител.

4. Со Амандманот IV со кој се заменува Преамбулата од Уставот на Република Македонија на кој се повикува подносителот на иницијативата, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите претци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат Уставот на Република Македонија.

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.

Во смисла на член 9 од Уставот, граѓаните на РМ се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 12 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена (став 1). Никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утрдена со закон (став 2).

Во член 54 став 1 од Уставот, е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според Амандман XXV од Уставот со кој е заменет член 98, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Со Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007,111/2008) се уредуваат надлежноста, основањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.

Во членот 2 од Законот е утврдено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.

Според член 3 од Законот, јавното обвинителство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во членот 6 од истиот закон, е определено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација согласно со закон. Почитувањето на принципите од став 1 на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.

Операционализација на овие принципи јасно може да се согледа преку анализата на одредби од членовите 20 до 28 во кој се уредени прашањата кои се однесуваат на одговорноста, надзорот, оценувањето, давање задолжителни писмени насоки од непосредно повисокиот јавен обвинител при вршење надзор, оценка како и преземање кривично гонење за кое е надлежен понискиот јавен обвинител.

Според член 30 став 1 од Законот за јавното обвинителство во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавниот обвинител ги има овластувањата што ги имаат Министерството за внатрешни работи и другите државни органи за откривање на кривични дела и нивните сторители и на прибирање на докази заради кривично гонење на сторителите на кривични дела; во предистражна постапка има овластувања да издава наредби за примена на посебните истражни мерки; ја раководи предистражната постапка и ги има на располагање овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа во согласност со закон; може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа; одлучува за преземање или продолжување на кривичното гонење за сторителите на кривични дела; поднесува и застапува обвиненија пред судовите; изјавува редовни или вонредни правни лекови против судски одлуки; да поднесува барање за поведување прекршочна постапка и да врши и други дејствија определени со закон.

Јавниот обвинител врши и други дејствија определени со закон за ефикасно функционирање на кривично правниот систем и спречување на криминалот.(став 2) Во случај на непостапување на другите државни органи од ставот (1) алинеја 1 на овој член, јавниот обвинител може сам да ги презема дејствијата што ги вршат овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи или другите државни органи.(став 3)

Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ 150/2010 ) ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка (член 1).

Со донесување на Законот за кривичната постапка во 2010 година,а чија примена беше одложена се воведе целосно нов систем на казнената постапка со целосно преуредување на начинот на водењето на истрагата која премина кај јавниот обвинител,воведување на нови институти како правосудна полиција и истражни центри на јавното обвинителство,редифинирање на начинот на водење на главната расправа, на системот на правни лекови како и доуредување на посебните постапки.

Имено основната цел на реформите во кривичната постапка е целосно напуштање на судската предистражна и истражна постапка и преземање на истата на јавното обвинителство,раководење односно насочување на судската полиција, што во суштина значи дека овластениот тужител е основа dominuс на кривичната постапка.

Во кривичната постапка напуштен е институтот истражен судија и е воведен институтот судија на претходната постапка со битно поинаква функција и наместо тој да биде активен истражител во водењето на истрагата, тој е само контролор на законитоста на мерките со кои се задира во правата и слободите и на легалноста на собраните докази.

Имајќи ја предвид ваквата поставеност на јавното обвинителство во кривичната постапка,Судот, смета дека подносителот на иницијативата оспорениот член го гледа изолирано сам за себе без притоа да ја има предвид целината и Главата XXII од Законот, односно одредбите од членовите од 319 до 344 во кои е поместен и оспорениот член 341 став 3.

Имено во наведените одредби се уредени прашањата кои се однесуваат на : Поднесување на обвинителен акт, Надлежност за оцена на обвинителниот акт, Содржина на обвинителниот акт, Притвор против осомничениот, Технички грешки во обвинителен акт, Ненадлежност, Доставување на обвинителниот акт, Постапување на осомничениот по приемот на обвинителниот акт, Приговор против обвинителниот акт, Оцена на приговорот, Изјава за признавање на вината, Начин на постапување при оцена на обвинителниот акт, Седница на советот за оцена на обвинителниот акт, Рочиште за оцена на обвинителниот акт, Тек на рочиштето, Тек на рочиштето кога има изјава за признавање на вината, Поднесување на предлог-спогодба, Оцена на обвинителниот акт, Основи за одбивање на обвинителниот акт како неоснован, Образложение на решението за одобрување на обвинителниот акт, Клаузула за одобрување на обвинителен акт, Право на жалба од јавниот обвинител, Откажување од обвинителниот акт, Привилегија на здружување (Beneficium cohaesionis), Влегување на обвинителниот акт во правна сила и упатување на судење.

Во членот 341 од Законот е предвидено дека:

(1) Јавниот обвинител може да се откаже од обвинителниот акт пред донесување одлука за неговото одобрување.
(2)По откажувањето на јавниот обвинител во смисла на ставот (1) на овој член,судијата, односно советот за оцена на обвинителниот акт носи решение за запирање на постапката, за што веднаш се известува осомничениот и неговиот бранител.
(3) Решението за запирање на постапката од ставот (2) на овој член му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител.

Од анализата на целината на законот и оспорениот член произлегува дека по завршување на истражната постапка кога јавниот обвинител ќе утврди дека постојат доволно докази од кои може да се очекува осудителна пресуда подготвува и поднесува обвинителен акт до надлежниот суд. Во зависност од предвидената казна обвинителниот акт се доставува до судија поединец или до советот за оцека на обвинителниот акт. Обвинителниот акт влегува во сила со денот на донесување на решение за одобрување,односно со впишување на клаузула за одобрување на обвинителниот акт.

Пред донесување на решение за одобрување,јавниот обвинител може да се откаже од обвинителниот акт за што судијата или советот за оценување на обвинителниот акт носат решение за запирање на постапката за што се известува осомничениот, неговиот бранител и оштетениот кој има право на жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител.

Тргнувајќи од сето досега наведено,Судот оцени дека наводите од иницијативата се неосновани,односно не се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата од причини што непосредно повисокиот јавен обвинител согласно принципот на хиерархија и субординација врши контрола и надзор над работата на пониските јавни обвинитеи. Преку оценка на решението за запирање на постапката кое е резултат на откажување на јавниот обвинител, повисокиот јавен обвинител по повод жалбата на оштетениот цени дали јавниот обвинител основано се откажал од натамошно гонење,од причини што не се работи за судска одлука која ја донел судот со превземање на дејствија од негова страна туку за дејствија кои ги презема јавниот обвинител.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.167/2013
22 октомври 2014 година
С к о п ј е
З.Б

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply