65/2014-0-0

У.бр.65/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 22-б став 2 од Законот за денационализација („Службен весникна Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010 и 55/2013).
2. Радмило Тасковски од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2013) кој содржи два члена, а во суштина се работи за член 22-б став 2 од основниот текст на Законот.
Според наводите на подносителот на иницијативата Законот за денационализација донесен во 1998 година има претрпено повеќе измени и по него Уставниот суд има донесено повеќе интервентни одлуки.
Во однос на оспорениот член подносителот наведува дека тој бил спротивен на член 8 став 1 алините 1, 3, 6 и 11, член 9 став 2, член 30, член 51 и член 52 став 4 о Усавот и истите ги цитира.
Според подносителот тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од член 1, селективно се приоѓало кон определувањето на предметот на денационализација на кој начин граѓаните биле доведени во нерамноправна положба и тоа на оние на кои веќе им бил вратен и на оние на кои сега не им се враќал одземениот имот, со што се повредувал принципот на еднаквост, а истовремено и се ограничувало правото на сопственост.
Според подносителот на барањето за денационализација морало да се решава во времето на поднесување на барањето за денационализација, а не во времето на одлучување по барањето како што тоа е предвидено во членот 1 од оспорениот закон. Имено, ако се исполнети законските услови правото се стекнува во моментот на поднесување на барањето, а не кога за тоа се решава, односно не може да се доведува во прашање остварувањето на одредено право поради одлагање на процедурата за решавање, што претставува повреда на правната сигурноста на граѓаните како елемент на владеењето на правото.
Дека тоа мора да се гледа, произлегувало и од членот 22-б од Законот за денационализација според кој градежното земјиште се враќало во сопственост на лице кое на денот на одземањето на сопственоста врз градежното земјиште било сопственик на градба изградена на тоа земјиште, а му е признато право на користење врз тоа градежно земјиште и кога не е реализирана целта заради која било одземено градежното земјиште, како и кога било реализирано целосно заради која било одземено градежното земјиште, а тоа при поднесување на барањето за денационлизација претставува градежно неизградено земјиште.
При тоа според подносителот морало да се има предвид и член 51 став 1 од Законот за денационализација, според кој решението за денационализација органот е должен да го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето, а во посложени случаи и по истекот на овој рок, но најдоцна шест месеци по решавање на претходното прашање. Заради тоа недолжните граѓани кои навреме го поднеле барањето не смеат да трпат последици.
Од друга страна според подносителот тоа значело дека со оспорениот член 1 ( член 22-б став 2) се создава правна ситуација, односно, можност законот да се применува и на односи – барања кои се поднесени пред влегувањето во сила со што оспорениот закон има и повратно дејство.
Според подносителот со оспорениот член од законот, на урбанистички планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација, како подзаконски прописи, им се дава третман како да се над Уставот и основниот Закон за денационализација од 1998 година.
Воедно подносителот предлага Судот да донесе и времена мерка, односно решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот закон.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за дополнување на Законот за денационализација, во Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010) во членот член 22-б по ставот 1 се додава нов став 2 кој гласи: „ Не се враќа во сопственост, а се дава надоместок за градежно неизградено земјиште на кое со урбанистичките планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација е предвидена изградба на добра во општа употреба, објекти за потребите на одбраната и безбедноста или е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон.“
Според членот 2 од оспорениот закон, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на РМ“.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите..
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение У.бр.168/2013 од 30 април 2014 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 22-б став 2 од Законот за денационализација. Во Решението, меѓу другото се наведува дека предвидената намена на земјиштето за реализација на јавен интерес утврден со закон и испланиран со урбанистичкиот план, како и изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста, според Судот, во постапката за денационализација претставува само законска пречка за враќање на земјиштето во сопственост на поранешниот сопственик, но токму поради тоа Законот за денационализација, поточно оспорената одредба, предвидува право на надомест во вакви случаи. Значи, овој имот и покрај тоа што постои не се враќа заради постоење на јавен интерес утврден со закон, или поради предвидена изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста со урбанистички планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација, но затоа од причина што истиот е предмет на денационализација, се определува надомест за истиот.
Интенцијата на законодавецот е изедначување на барателите во постапката за денационализација без оглед на состојбите кои фактички и реално постојат на терен, од една страна, како и остварување на целта на законот – враќање на имот, односно давање надомест во зависност од фактичката состојба на терен.
Понатаму, според Судот, со оспорената одредба не се повредува член 30 од Уставот, од причина што при постоење на јавен интерес утврден со закон допуштено е одземање и ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што и сега оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на начелото на повреда на правото на сопственост и правната заштита на сопственоста .
Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека истата е уставно оправдана, поради што по направената уставно-судска анализа оспорениот член 22-б став 2 од Законот за денационализација, не е во спротивност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на членот 22-б став 2 од Законот за денационализација по предметот У.бр. 168/2013, а при тоа не повел постапка за оценување на уставноста, а по предметот У.бр. 43/2014 ја отфрлил иницијативата во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија,Судот оцени дека и во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување,поради што оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и д-р Гзиме Старова.
У.бр.65/2014
25 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply