Решение У.бр.144/2013

У.бр.144/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 147 став 1 во деловите: „или по негова вина“ и „и соодветна гаранција во случај на неисполнување на обврската кон здравствената установа“, целината на член 147 став 3 и посебно деловите: „или по негова вина предвреме ја напушти установата која го упатила на специјализација од ставот 1 од овој член не може да биде помала од десеткратниот износ на вредноста на специјализацијата“ и „во моментот на напуштањето на установата“ од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014 и 43/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје и д-р Нане Никола заедно со уште седум други граѓани од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и делови од одредби од Законот за здравствената заштита означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов со оспорените делови од одредбите се предвидувало специјализантот кој предвреме ќе ја напушти установата, по негово барање или по негова вина, покрај обезбедената соодветна гаранција, да плати и десеткратен износ на вредноста на специјализацијата, со што се наметнувала двократна обврска. Тоа не било пропорционална мерка со целите за кои била утврдена, преставувало прекумерно ограничување на слободите и правата, а особено десеткратниот износ на вредноста на специјализацијата, кој истовремено преставувал и загрозување на правната сигурност, како елемент на владеењето на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Вака предвидениот износ бил претерано висок и крајно несразмерен, тој не преставувал надомест на штета, што била неговата намена, туку преставувал претерано висока казнена мерка, што немала уставен основ во правниот поредок на Република Македонија. Освен тоа, вака предвидената мерка ќе се применувала во случаите кога специјализантот не одработил ниту еден ден во установата, но и кога одработил десет, четиринаесет години и тогаш ја напуштил установата, што било неуставно и ненормално. Ова од причина што и во двата случаја, според оспорените делови од одредбата, било предвидено да се плаќа десеткратен износ од вредноста на специјализацијата.

На овој начин грубо се повредувал и членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, затоа што законодавецот во сферата на работните односи како специфични облигациони односи, немал право однапред процентуално или во апсолутен износ да ја определи висината на штетата што установата ја трпи, туку тоа требало да го утврди судот, бидејќи пред него ќе се водела постапка и тој ќе ја утврдел конкретната висина на штетата.

Во иницијативата се посочува на уставно-судската практика по предметот У.бр.139/2005 и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорените делови да ги укине или поништи.

Од овие причини подносителот на иницијативата смета дека оспорените делови од членот 147 ставови 1 и 3 од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 51 и член 54 од Уставот.

Иницијативата на д-р Нане Никола и уште седум други граѓани во целост е идентична со наводите од иницијативата на Стамен Филипов. Она што е изворно, се состои во дадена пресметка, според која, здравствениот работник требало да работи 23 години за да го исплати 10-то кратниот износ на вредноста на специјализацијата, а ако се имало во предвид дека месечните примања на здравствениот работник биле околу 500 евра. Ова не преставувало справедлив надомест на штета.

Во иницијативата се наведува дека не било јасно кој ја утврдува вината, што се подразбира под поимот: „по негова вина“, во која постапка и на кој начин ќе се утврдела вината, односно дека вината и штетата не можеле да бидат однапред утврдени од страна на работодавецот со некаков типски договор, туку тоа можело да се утврдува во надлежна судска постапка.

Исто така, постоела и повреда на членот 44 став 1 и 2 од Уставот, бидејќи образованието требало да му биде достапно секому под еднакви услови.

Во оваа иницијатива е содржан предлог Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија кои се преземаат врз основа на оспорените делови од одредбите.

3. Судот на седницата утврди дека членот 147 став 1 од Законот за здравствената заштита е со наслов: „ Договор на јавната здравствена установа со специјализантот“. Според ставот 1 од овој член од Законот, јавната здравствена установа што ја одобрила специјализацијата склучува договор со специјализантот, со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски во однос на реализацијата на специјализацијата, времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата и тоа за специјализациите што траат до пет години, специјализантот треба да работи во установата најмалку десет години, а за специјализациите што траат над пет години, специјализантот треба да работи во установата најмалку 15 години, висината на средствата што треба да ги надомести ако предвреме ја напушти установата по негово барање или по негова вина и соодветната гаранција во случај на неисполнување на обврската кон здравствената установа.

Ставот 1 од одредбата се оспорува по однос на деловите: „или по негова вина“ и „и соодветна гаранција во случај на неисполнување на обврската кон здравствената установа“.

Во членот 147 став 2 од Законот е предвидено дека, средствата за плати, плаќањето на придонесите за социјално осигурување, средствата за надоместок на плата во случај на привремено отсуство од работа заради болест или повреди и други трошоци во врска со работата и специјализацијата на специјализантите им ги обезбедуваат нивните работодавачи.

Според членот 147 став 3 од Законот, висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако по негово барање или по негова вина предвреме ја напушти установата која го упатила на специјализација од ставот 1 на овој член не може да биде помала од десеткратен износ на вредноста на специјализацијата што ја плаќаат здравствени работници вработени во приватна здравствена установа, други правни лица или невработени во моментот на напуштањето на установата.

Ставот 3 од одредбата се оспорува во целина и посебно деловите: „или по негова вина предвреме ја напушти установата која го упатила на специјализација од ставот 1 од овој член не може да биде помала од десеткратниот износ на вредноста на специјализацијата“ и „во моментот на напуштањето на установата“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 44 став 1 од Уставот секој има право на образование, а според став 2 од истиот член од Уставот, образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Поаѓајќи од анализата на оспорениот член 147 од Законот произлегува дека со него, меѓу другото, се уредуваат меѓусебните права и обврски на јавната здравствена установа и специјализантот при склучувањето на договор за специјализација. Во ставот 1, помеѓу другото, е определено дека елемент на договорот за специјализација е и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата по негово барање или по негова вина и соодветната гаранција во случај на неисполнување на обврската кон здравствената установа.

За подносителите на иницијативата оспорените делови од одредбата не биле во согласност со уставните одредби означени во иницијативите од причина што не било јасно определено што се подразбира под поимот: „по негова вина“, кој ќе ја утврдувал вината и во каква постапка, а определувањето на висината и соодветната гаранција преставувало двојно оптоварување или двојно плаќање на вредноста на специјализацијата.

Според оцена на Судот вака изнесените наводи се неосновани, од причина што законодавецот и не можел однапред прецизно, детално и конкретно да определи какви се ситуации можат да бидат опфатени под поимот: „по негова вина“ со оглед на тоа што прашањето дали некој има вина за прекин на специјализацијата и во што се состои истата е фактичко прашање, кое се разликува во секој одделен случај. Впрочем ова прашање би било предмет на анализа во постапка определена со закон, како што наведуваат и самите подносители на иницијативите.

Тоа што во договорот за специјализација се определува и висината на средствата на специјализацијата и соодветна гаранција во случај на неисполнување на обврската, според Судот, не преставува двојно оптоварување. Ова од причина соодветната гаранција е механизам за обезбедување на сигурно враќање на висината на средствата за специјализација, доколку не дојде до исплата на овие средства. Со оглед на тоа што гаранцијата се активира само во случај ако не се врати висината на специјализацијата определена во договорот, со оспорените делови, не се предвидува двојно оптоварување или двојно плаќање на вредноста на специјализацијата.

Од анализата на оспорениот член 147 став 3 од Законот, како целина и посебно оспорените делови произлегува дека во оваа одредба се утврдува начинот на пресметка на минималната вредност на средствата што треба да се вратат во случај на предвремено прекинување или по вина на специјализантот прекинување на специјализацијата. Појдовна основа за пресметка на минималната вредност, (не може да биде помала од десеткратниот износ на вредноста на специјализацијата) е вредноста на специјализацијата што ја плаќа здравствен работник вработен во приватна здравствена установа, други правни лица или невработено лице во моментот на напуштање на установата.

Судот, исто така, имаше предвид дека согласно член 140 став 1 од Законот, специјализацијата и супспецијализацијата се спроведува преку теоретска настава и практична обука која се спроведува во одредено траење во соодветните високообразовни и здравствени установи. Според ставот 2 од членот 140 од Законот, надоместокот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на специјалистичкиот испит од ставот 1 на овој член го определува Владата на предлог на министерот за здравство врз основа на висината на материјалните трошоци за спроведување на специјализацијата и надоместоците за лицата ангажирани во спроведувањето на теоретската настава и практичната обука, а на товар на установата што ги упатува на специјализација, согласно со програмата за потребите од специјалистички кадри.

Врз основа на членот 140 став 2 од Законот, Владата на Република Македонија донела Одлука за надоместкот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на испит за специјализации, односно супспецијализации од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.123 од 2 октомври 2012 година). Во оваа одлука е утврдена висината на надоместокот за специјализација (теоретска настава, практична настава и испит) во распон од 2000 до 16000 евра во денарска противвредност, во зависност од видот на специјализацијата и нејзиното времетраење.

Според Судот вака утврденото законско уредување преставува доволно јасна и прецизна законска рамка и како таква дава правна сигурност во правните односи во кои влегуваат здравствената установа и специјализантот при склучување на договорот за специјализација. Прашањето за висината на надоместокот не спаѓа во уставно-судска надлежност, туку е прашање на целисходност.

Оттаму, Судот оцени дека оспорените одредби се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 51 од Уставот.

Според Судот оспорените делови од одредбите не можат да бидат проблематизирани по однос на нивната согласност со членот 9 од Уставот, кој ја гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, бидејќи уредувањето се однесува на конкретна категорија на граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба. Исто така, оспорените делови се во согласност и со членот 44 став 1 и 2 од Уставот, бидејќи не го доведуваат во прашање право на образование и достапноста на образованието за секого под еднакви услови.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети деловничките услови од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесувањето на конечна одлука, да се запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот член 147 ставови 1 и 3 од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на оспорениот член 147 став 3 од Законот Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.144/2013
18 јуни 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.144/2013

 

Leave a Reply