168/2013-0-0

168/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22-б став 2 од Законот за денационализација („Службен весникна Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010 и 55/2013).
2. Вефки Хасан Озгун од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба била во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната заштита на сопственоста – предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 од Уставот на Република Македонија, како и со едно од основните економски, социјални и културни права – правото на сопственост содржано во член 30 од Уставот.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член 22-б став 2 од Законот, во целина бил во директна спротивност со останатите одредби содржани во Законот за денационализација, кое било причина за создавање на правна несигурност кај граѓаните на Република Македонија, како и за нарушување на принципот на владеењето на правото, како една од основните темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Ова, од причина што оспорената одредба имплицирала нерамноправност на барателите на денационализација чие барање се окончало по одредбите од Законот кои не биле претходно изменети, со што барателите биле доведувани во нееднаква положба. Донесувањето на овој член од Законот, според подносителот на иницијативата, претставувало сигнал на рестриктивноста во целина, која доведувала до одредена дискриминација кон оние баратели на денационализација на градежно земјиште или деловни објекти со изградено, односно неизградено земјиште.
Во овој случај, со оспорената законска одредба се вршело ограничување на сопственоста и правата на сопственост кое се ревидирало со одредени познати тактички рокови и условувања. Со оваа противуставна законска одредба се овозможувало да се врши и понатаму селективно постапување по поднесените барања на граѓаните. Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспореното законско решение се оневозможувало непреченото уживање на сопственикот на својата ствар, односно на правото на сопственост на земјиштето, со што на истите им била нанесена како материјална, така и нематеријална штета.
Според резимето на подносителот на иницијативата, со оспорената одредба од Законот, барателите на денационализација биле ставени во нерамноправна положба по однос на оние кои имале „среќа“ и успеале во изминатиов период од 14 години да издејствуваат враќање на недвижностите – предмет на денационализација и оние кои не успеале во својата цел за правичен надоместок или враќање на имотот. Целата оваа ситуација, според иницијативата, е последица на промените во правниот режим.
Од наведеното, поради повреда на погорецитираните уставни одредби, подносителот смета дека Судот треба да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот и истовремено во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за изрекување на времена мерка за одложување на примената на оспорениот член од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 22-б став 2 од Законот за денационализација не се враќа во сопственост, а се дава надоместок за градежно неизградено земјиште на кое со урбанистичките планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација е предвидена изградба на добра во општа употреба, објекти за потребите на одбраната и безбедноста или е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 од Уставот темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3 на овој член од Уставот никому не можат даму бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 51 од Уставот во Република Макдонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со донесувањето на Уставот и неговата операционализација со законите со кои започна и се остварува процесот на трансформација (приватизација) на општествената сопственост, а особено со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им е признаено правото на сопственост, односно правото на враќање во сопственост на одземениот имот. Со овој закон, државата всушност ја исполни својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици на кои со присилни прописи во периодот на ослободувањето им беше одземен имот (земјоделско земјиште, шуми, пасишта, згради, сточен фонд, опрема, инвентар и сл.).
Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање на надоместот за имот одземен во корист на државата.
Според член 1-а од Законот, се враќа имот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени по 2 август 1944 година: 1) врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста; 2) врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општо корисни цели, односно општ интерес ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експропријација и 3) без правна основа.
Според член 8 од Законот, враќањето и надоместот за одземен имот се врши без право на надомест на обична штета и надомест за испуштена корист.
Согласно член 9 од Законот, не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест за: 1) имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба, и тоа: јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно-сообраќајни површини и други објекти на комунална инфраструктура, 2) имот кој се користи и е во функција за потребите на одбраната и безбедноста на Република Македонија, неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти интерес од јавен, и 3) имот кој по одземањето се користи за вршење на дејности од јавен интерес утврден со закон.
Според член 10 од Законот, начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост кој е предмет на денационализација со пропис ја определува Владата на Република Македонија.
Денационализацијата претставува мерка на државата изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост во првобитна состојба, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме е предвидена изградба на добра во општа употреба или пак на тој имот бил утврден јавен интерес, односно изградба на објекти од јавен интерес) државата обезбедува надомест.
Оттука, Законот за денационализација е систематизиран така што во посебна Глава II „Враќање во сопственост“ ги уредува прашањата за тоа кој имот е предмет на враќање и под кои услови.
Прашањето за надоместокот во случај кога не е можно враќање е регулирано во посебна Глава III од Законот со наслов „Надомест“. Оспорената одредба на членот 22-б став 2 е поместена во Глава II за враќање во сопственост.
Според став 1 на членот 22-б од Законот, градежно земјиште се враќа во сопственост: 1) на лице кое на денот на одземањето на сопственоста врз градежното земјиште било сопственик на градба изградена на тоа земјиште, а му е признаено право на користење врз тоа градежно земјиште и 2) кога не е реализирана целта заради која било одземено градежно земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено градежното земјиште, а тоа при поднесување на барањето за денационализација претставува градежно неизградено земјиште.
Оспорениот став 2 на членот 22-б од Законот предвидува дека не се враќа во сопственост, а се дава надоместок за градежно неизградено земјиште на кое со урбанистичките планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација е предвидена изградба на добра во општа употреба, објекти за потребите на одбраната и безбедноста или е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон.
При градењето на правното мислење по конкретното правно прашање, а во конотација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека од суштинско значење е да се напомене и автентичното толкување кое законодавниот дом го има донесено во однос на член 9 точка 3 од Законот, е во врска со разграничувањето на двата елементи во постапката за денационализација – враќање на одземениот имот во сопственост и надомест за одземениот имот кое Уставниот суд со Решение У.бр.87/2012 од 30 ноември 2012 година се произнесе дека е во согласност со Уставот на Република Македонија.
Имено, според Автентичното толкување, законодавецот прецизира дека во конкретнава ситуација клучен момент е урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација, со кој е предвидена изградба на објекти од јавен интерес. Оттука, сосема јасно и децидно е утврдено во однос на тоа кој урбанистички план треба да се има во вид при одлучувањето и во зависност од тоа што е предвидено со урбанистичкиот план за имотот кој е предмет на денационализација(кое право припаѓа на државата да го уредува просторот во смисла на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот)ќе може да се одлучи дали наместо враќање на неизградено градежно земјиште на барателот на денационализација, ќе му биде исплатен надоместок.
Според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорениот член 22-б став 2 од Законот се доведувале во нееднаква положба барателите на денационализација во зависност од периодот на одлучување по поднесеното барање, така што на некои подносители по чии барања претходно се постапувало, односно пред донесување на оваа „ригорозна“ мерка им бил вратен имотот, но сега со донесување на оспорената одредба на истите им се исплаќал надоместок. Ова, од причина што околностите на кои се укажува во иницијативата не се од влијание за доведување под сомнение на оспорениот член од Законот по однос на членот 9 од Уставот, бидејќи временската разлика на одлучувањето по барањата за денационализација не го демантира, односно негира правото на поврат на одземениот имот, кое може да се реализира со враќање на имотот предмет на денационализација или плаќање на надоместок, доколку враќањето е невозможно.Но, во секој случај законодавецот предвидува обештетување за претходно одземениот имот со присилни мерки, што е целта на Законот за денационализација.
Оспорената одредба не може да се стави под сомнение на уставната одредба од членот 9, според која граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, бидејќи уставното начело за еднаквост на граѓаните го обврзува законодавецот при регулирањето на определени односи тие односи да ги уреди под еднакви услови што ќе важат за сите граѓани што се наоѓаат во таква положба.Но, во конкретниов случај станува збор за поинакви услови, кои се предвидени децидно во оспорениот член од Законот,и оттука неможе да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член од Законот барателите на денационализација се доведувале во нееднаква положба.
Од анализата на оспорената одредба, како и од целината на Законот, а во контекст на целта поради која е донесен законот, според Судот основно е да се оцени дали оспорената одредба е во функција на остварување на основната цел на законот – враќање на одземен имот.ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Меѓутоа, враќањето на сопственоста на одземен имот во зависност од видот на имотот што се враќа е уредено со одредбите на член 22-б став 1 од Законот, која се однесува на градежно земјиште, кое во моментот на поднесување на барањето за денационализација било неизградено, односно кога не е реализирана целта за која било одземено градежното земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено градежното земјиште, а тоа при поднесување на барањето за денационализација претставува градежно неизградено земјиште.
Со оспорениот член 22-б став 2 од Законот, законодавецот решава друго прашање кое како реалност е присутно, односно решава одредена фактичка состојба на имот кој е предмет на уредување на просторот со одреден урбанистички план, како и имот на кој е предвидена изградба на објекти од јавен интерес, односно објекти за потребите на одбраната и безбедноста, што значи дека враќањето на имотот , предмет на денационализација, е невозможно.Токму поради ваквата фактичка состојба на терен,поради неможноста за враќање на имотот, во моментот на одлучување по барањето за денационализација, законодавецот со оспорената одредба регулира решение со кое за конкретното градежно неизградено земјиште предвидува исплаќање на надоместок .
Предвидената намена на земјиштето за реализација на јавен интерес утврден со закон и испланиран со урбанистичкиот план, како и изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста, според Судот, во постапката за денационализација претставува само законска пречка за враќање на земјиштето во сопственост на поранешниот сопственик, но токму поради тоа Законот за денационализација, поточно оспорената одредба, предвидува право на надомест во вакви случаи. Значи, овој имот и покрај тоа што постои не се враќа заради постоење на јавен интерес утврден со закон, или поради предвидена изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста со урбанистички планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација, но затоа од причина што истиот е предмет на денационализација, се определува надомест за истиот.
Интенцијата на законодавецот е изедначување на барателите во постапката за денационализација без оглед на состојбите кои фактички и реално постојат на терен, од една страна, како и остварување на целта на законот – враќање на имот, односно давање надомест во зависност од фактичката состојба на терен.
Понатаму, според Судот, со оспорената одредба не се повредува член 30 од Уставот, од причина што при постоење на јавен интерес утврден со закон допуштено е одземање и ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што и сега оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на начелото на повреда на правото на сопственост и правната заштита на сопственоста .
Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба Судот оцени дека истата е уставно оправдана, поради што по направената уставно-судска анализа оспорениот член 22-б став 2 од Законот за денационализација, не е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11,член 9, член 30 и член 51 од Уставот.
По однос на барањето на подносителот на иницијативата Уставниот суд до донесување на конечна одлука да донесе решение за времена мерка, според Судот во конкретниов случај, а поради погоре изнесените аргументи, не се исполнети условите предвидени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба од Законот за денационализација.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.168/2013
30 април 2014 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply