Одлука У.бр.70/2013

У.бр.70/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 февруари 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 31 став 1, во делот: „по објавувањето“ од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011 и 136/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативата на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.70/2013 од 4 декември 2013 година, поведе постапка за оценување на уставноста на: член 31 став 1, во делот: „по објавувањето“ и ставовите 10 и 11, член 52 точка 11, член 53 став 2, во делот: „на членовите на Комисијата им следува месечен надоместок за извршената работа што го определува Владата на Република Македонија, а средствата се обезбедуват од Буџетот на Република Македонија“, член 53 став 3 во делот: „на членовите на Комисијата им следува месечен надоместок за извршената работа што ќе биде определен од советот на единицата на локалната самоуправа, а средствата се обезбедуваат од средствата на буџетот на единицата на локалната самоуправа“ и член 53 став 6, сите од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011 и 136/2011).

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 31 став 1 од Законот против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за енергетика, се уредуваат: целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација, енергетските дејности и начинот на регулирање на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија, условите за остварување на енергетската ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.

Во Глава III од Законот со наслов: „Регулаторна комисија за енергетика“ е предвиден оспорениот член 31 од Законот во кои се утврдени правата на незадоволната странка на жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката. Во ставот 1 на членот 31 од Законот се наведува дека против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика до наведената комисија се поднесува жалба најдоцна 15 дена по објавувањето на актот.

Според член 30 став 2 од Законот за енергетика, во постапката за донесување на одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон не е предвидена поинаква постапка.

Од анализата на цитираните уставни норми јасно произлегува дека владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок се засновува врз неколку постулати: примарно значење на човековите слободи и права, постоење на ограничена државна власт, поделба на власта на законодавна, извршна и судска, постоење на независно судство и правна сигурност на човекот и на граѓанинот.

Правната сигурност значи постоење на процесни гаранции и на правни лекови за заштита на правото во случај на негова повреда.

Законот за енергетика во постапката за донесување на одлуки упатува на примена на Законот за општата управна постапка, во кој член 230 став 1 е предвидено дека жалбата се поднесува во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, ако со закон поинаку не е определено. Рокот за жалба за секое лице и за секој орган на кои им се доставува решението, се смета од денот на доставувањето на решението (став 2).

Анализирајќи ја наведената уставна и законска регулатива, Судот оцени дека во конкретниов случај, оспорениот дел на ставот 1 од член 31, „по објавувањето“, не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија како дел од ова начело. Имено, имајќи го во вид фактот што со оспорениот член 31 став 1 од Законот за енергетика се предвидува дека против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија, за разлика од Законот за општата управна постапка,кој во конкретниов случај има карактер на lex specialis, Судот смета дека во овој случај постапката треба да се спроведува согласно одредбите од Законот за општата управна постапка .

Според Судот, рокот за поднесување на жалба против поединечен акт на Регулаторната комисија за енергетика мора да тече од денот на доставувањето на поединечниот акт до вршителите на регулаторните енергетски дејности, а во смисла на одредбите од Законот за општа управна постапка. Во член 30 став 1 точка 2 од Законот за енергетика, децидно се наведува дека заради извршување на работите од својата надлежност Регулаторната комисија за енергетика донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон, вклучително и одлуки со кои на вршителите на регулираните енергетски дејности им наредува или забранува определено однесување со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија или енергенти и ефикасна конкуренција на одделните енергетски пазари.

Од наведените причини, Судот оцени дека во случајов станува збор за решавање на права и обврски од поединечни управни акти. Оттука, рокот за поднесување на жалба против конкретните поединечни акти не може да тече од денот на објавувањето, туку исклучиво од денот на доставувањето на одлуката, односно од денот на осознавањето на субјектот за постоењето на ваков акт, а не од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Поради наведените аргументи, според Судот, оспорениот дел од членот 31 став 1 од Законот за енергетика не е во согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.70/2013
26 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply