Решение У.бр.191/2012

У.бр.191/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20 став 4 од Законот за вршење на сметководствени работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.95/2012 и 188/2013)

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, се поставувало прашањето како ќе се обезбеделе потребните средства за обавување на основната дејност на една основна синдикална организација која броела 20 члена и собирала годишен приход од чланарина 34.000 денари, од причина што за вршење на сметководствени работи требало да плати 40.000 денари. Истото се однесувало и на едно здружение како непрофитна организација, кое остварувало приход само од чланарина во износ од 60.000 денари, а за вршење на сметководствени работи требало да плати 75.000 денари. Од тие причини оспорената одредба на членот 20 став 4 од овој закон, била противправна, апсолутистичка и монополска, односно го ограничувала правото на работа и слобода на пазарот и претприемништвото на сите веќе постоечки сметководители и сметководствени бира во Република Македонија. Тоа значело дека истите не ќе можеле да работат и ќе била загрозена нивната егзистенција, а тоа не смеело да се случи во една социјална и правна држава. Исто така, според наводите во иницијативата оваа апсолутистичка и монополска поставеност произлегувала и од одредбите на член 2 точки 3, 4, 6 и 8; член 20 став 1; член 21 став 1 од истиот закон.

Во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба била во спротивност и со одредбите на член 252 став 1 од Законот за работни односи, член 619 од Законот за облигационите односи и член 14-а став 1 точка 11 од Законот за персоналниот данок на доход. Од овие причини оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 9 став 2, член 20, член 30, член 32, член 51, член 54 став 1 и член 55 став 1 од Уставот.

3. Судот на седница утврди дека во Главата IV. „Вршење на сметководствени работи„ во членот 20 став 1, е уредено дека сметководствени работи врши сметководител и/или овластен сметководител кој добил уверение од Институтот и е регистриран во соодветниот регистар на Институтот. Според ставот 2 од овој член, сметководителот води трговски/деловни книги за сите обврзници за водење на сметководство и составува и потпишува годишна сметка за трговци поединци и здруженија и фондации. Овластениот сметководител води трговски/деловни книги и/или составува и потпишува годишна сметка и/или финансиски извештаи за сите обврзници за водење на сметководство. (став 3) За вршење на сметководствени работи за свои потреби обврзникот за водење на сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител или со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи. (оспорен став 4) Трговец поединец – сметководител врши сметководствени работи за трговци поединци и здруженија и фондации. (став 5) Трговец поединец – овластен сметководител врши сметководствени работи за трговци поединци, здруженија и фондации и други непрофитни организации и друштва со ограничена одговорност. (став 6) Друштво за вршење на сметководствени работи врши сметководствени работи за сите обврзници за водење на сметководство. (став 7) Друштвото за вршење на сметководствени работи мора да има вработено најмалку еден сметководител и еден овластен сметководител. (став 8)

4. Според член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружувањето заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственоста (став 1), сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2), никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Согласно член 1 од Законот за вршење на сметководствени работи, се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Во оспорениот член 24 став 4 е утврдено дека за вршење на сметководствени работи за свои потреби обврзникот за водење на сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител или со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи.

Во иницијативата се наведува дека законската одредба на оспорениот член од законот е апсолутистичка, монополска и со истата противуставно се ограничувало правото на работа со што се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 9 став 2, член 20, член 30, член 32, член 51, член 54 став 1 и член 55 став 1 од Уставот.

Притоа, како одредби од Законот кои продуцирале апсолутистичка и монополска поставеност на Институтот се посочуваат и член 2 точки 3, 4, 6 и 8, член 19, член 20 став 1, член 21 и член 30 став 1 точка 4, но во иницијативата наведените одредби не се посебен предмет на оспорување

Вака изнесените наводи се неосновани, од причина што, според Судот, оспореното законско решение претставува прилагодување на нашето законодавство со европското, па отука со воведувањето на нов законски режим со Законот за вршење на сметководствени работи, не се повредуват одредбите од Уставот на кои се повикува иницијативата. Имено, водењето на сметководство, составувањето и поднесувањето на сметководствени искази во согласност со закон и прифатените сметководствени принципи, прифатена практика и меѓународните стандарди за професионално однесување има за цел точно, вистинито, сигурно, сеопфатно и ажурно да се искажат билансните позиции, состојбата на средствата, обврските, изворите на средствата, приходите и расходите и резултатите од работењето на секој правен субјект.

Во таа насока, со овој закон е основан Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија како професионално здружение, чии надлежности децидно се утврдени во членот 6. Собранието на Институтот (го сочинуваат сите сметководители и овластени сметководители.), Надзорниот одбор, Управниот одбор и претседателот на Институтот (5 години мандат) се органи на Институтот со законски дефинирани надлежности. Помеѓу другото, Собранието на институтот ја утврдува висината на чланарината и висината на надомесокот за издавање на лиценца, но по дадена согласност од Министерството за финансии (член 7 став 3). На кој начин се обезбедуваат средствата за работа на Институтот е определено со Законот. Условите под кои се стекнува статус на сметководител и овластен сметководител се уредени во Главата III од Законот. Изворите за обезбедување на средства за работа на Институтот се законски определени. Во Законот е определено дека Институтот, заради остварување на надлежностите има редовно вработени лица во Стручната служба. Институтот е професионално здружение на целиот сметководствен еснаф, тој е основан, токму со оспорениот закон, како единствен облик на здружување заради воедначена примена на сметководствената регулатива, постојано усовршување, остручување и следење на бројните меѓународни стандарди кои се применуваат.

Во однос на наводите дадени во иницијативата дека непрофитните организации и малите трговски фирми за вршење на сметководствени работи требало да плаќаат 40.000 односно 75. 000 денари и прашањето дали тие ќе бидат во можност да ги покријат таквите обврски и потребните средства за обавување на основната дејност, дали ќе им престане работниот однос и како ќе се одразат законските одредби по однос на нивниот стандард, дали правните лица ќе имаат економски потешкотии да ангажираат сметководители или овластени сметководители, Судот оцени дека тоа се прашања кои навлегуваат во практичната примена на Законот и не можат да предизвикаат покренување на механизмот на уставно-судска оцена.

Судот утврди дека, тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба на член 24 став 4 од Законот за вршење на сметководствени работи “се доведува во прашање опстанокот“ на одредбите на член 252 став 1 од Законот за работните односи, член 619 од Законот за облигациони односи и член 14-а став 1 точка 11 од Законот за персоналниот данок на доход, претставува барање за утврдување на меѓусебна оцена на согласност на повеќе закони, што исто така не спаѓа во надлежност на Уставниот суд и во тој дел иницијативата се отфрла во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 24 став 4 од Законот, ценет од аспектите на иницијативата е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8, член 9, член 30, член 32, член 51, член 54 и член 55 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.191/2012
29 јануари 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply