74/2013-0-0

74/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 2 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 8/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013 и 119/2013).

2. Сашо Крстевски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 8 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата во оспорената законска одредба било определено дека не се сметаат за трговци, во смисла на Законот за трговските друштва, физичките лица кои се занимаваат со слободни занимања, како што се адвокатите. Ваквата одредба, според практиката на Управата за јавни приходи и други државни органи, се разбирала на начин што од адвокатите-поединци се барало да се регистрираат во Централниот регистар на трговските друштва како трговци-поединци. Од друга страна, адвокатот-поединец се регистрирал во именикот на адвокатите, кој согласно членот 7 став 1 од Законот за адвокатурата го водела Адвокатската комора на Република Македонија, а тоа било со цел адвокатската дејност да не биде под контрола на државните органи, односно истите индиректно да не влијаеле на адвокатот во вршењето на неговата дејност.

Членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот барал сите правни правила, па и оние содржани во законите да бидат претцизни, јасни, разбирливи и практично применливи, а во конкретниот случај оспорената законска одредба не била доволно јасна, со што се овозможувало различна практична примена, со што не се обезбедувало вледеењето на правото, туку субјективната волја на државните органи, надлежни за примената.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 став 2 од Законот за трговските друштва, физичките лица кои се занимаваат со слободни занимања (адвокати, нотари, лекари и други), не се сметаат за трговци во смисла на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба произлегува дека со неа законодавецот утврдува дека, адвокатите како лица кои се занимаваат со слободни занимања немаат статус на трговци во смисла на Законот за трговските друштва. Оттаму, оваа одредба не предвидува обврска за регистри-рање на адвокатите во посебни регистри, како што се посочува во иницијативата, туку го утврдува статусот на адвокатите низ призмата на уредувањето во Законот за трговските друштва, односно разграни-чува дека адвокатите, како вршители на слободни занимања, не се трговци во смисла на одредбите на Законот за трговските друштва.

Прашањето, пак, за евентуална погрешна или неправилна примена, начинот на толкувањето или пак евентуалната неусогласеност на оваа одредба со одредби од други закони не е прашање од надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 8 став 2 од Законот за трговските друштва, оценуван од аспектите на иницијативата е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.74/2013
22 јануари 2014 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply