45/2013-0-0

У.бр.45/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеja 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 262 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009 и 51/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 2 став 1 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и критериумите во однос на просторните услови за материјално техничката и информатичката опрема на испитните центри, водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити и формата и содржината на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2007).

3. Атанасоски Владо од с.Никифорово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 262 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување на членот 2 став 1 од Правилникот, означен во точката 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот. Ова од причина што определбата на законодавецот за објавување на јавен оглас за овластување на испитните центри за спроведување на возачкиот испит било погрешно, бидејќи веќе постоела долгогодишна непрекината образовна дејност. Исто така, се оставал простор, според волјата на Министерството за внатарешни работи да бидат овластени одредени правни лица за вршење на наведената дејност. Во таа смисла подносителот на иницијативата дава свој предлог како би требало да биде нормирана конкретната правна проблематика.
По однос на оспорената одредба од Правилникот се наведува дека не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот. Имено, Правилникот бил донесен врз основа на членот 417 став 1 алинеја 10 од Законот, во која одредба не било напишано дека министерот за внатрешни работи овластува само осум испитни центри во Македонија за спроведување на возачкиот испит. Притоа, организацијата на наведеното Министерство немала никаква поврзаност со формирањето на испитните центри во приватна сопственост, од каде произлегувала неговата длабока убеденост за спротивност на оспорената одредба со Уставот и Законот. Подносителот на иницијативата предлага Судот да ја поништи оспорената одредба и дава свој предлог како би требало да биде нормирана проблематизираната правна проблематика.

4. Судот на седницата утврди дека според член 262 став 1 од Законот, постапката за овластување на испитните центри од членот 261 став 1 на овој закон се спроведува врз основа на јавен конкурс кој го распишува Министерството за внатрешни работи.

Според ставот 2 од членот 262 од Законот, на јавниот конкурс може да се пријави правно лице што ги исполнува условите од членот 263 став 1 на овој закон.

Според ставот 3 од истиот член од Законот, ако на јавниот конкурс од ставот 1 на овој закон за определено подрачје не се пријави ниту едно правно лице или ниту едно од пријавените правни лица не ги исполнува условите од членот 263 став 1 на овој закон, јавниот конкурс за тоа подрачје се повторува.

Во членот 262 став 4 од Законот е определено дека, до избор на правно лице од ставот 3 на овој член работите на спроведување на возачки испит за кандидат за возач и проверка на знаење на возачите-инструктори, Министерството за внатрешни работи ќе ги довери на еден од овластените испитни центри.

Според ставот 5 од членот 262 од Законот, вршењето на работите од ставот 4 на овој член Министерството за внатрешни работи ќе го предложи на испитнитe центри, тргнувајќи од најблискиот испитен центар до подрачјето за кое се врши повторниот јавен конкурс.

Според ставот 6 од членот 262 од Законот, во случај кога ниту еден од испитнитe центри не прифати вршење на работите на спроведување на возачки испит за кандидат за возач и проверка на знаење на возачите-инструктори за друго подрачје освен за она за кое е овластен, тие работи ќе ги врши Министерството за внатрешни работи.

Во членот 2 став 2 од Правилникот е определено дека за извршување на работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач и проверката на стручноста на возачите-инструктори, Министерството за внатрешни работи овластува осум испитни центри на територијата на Република Македонија согласно организацијата на соодветните организациони единици – Сектори за внатрешни работи на Министерството и тоа:

1. Испитен центар со седиште во Скопје;
2. Испитен центар со седиште во Битола;
3. Испитен центар со седиште во Велес;
4. Испитен центар со седиште во Куманово;
5. Испитен центар со седиште во Охрид;
6. Испитен центар со седиште во Струмица;
7. Испитен центар со седиште во Тетово и
8. Испитен центар со седиште во Штип.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 55 од Уставот, се гаранитира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката превзма мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно членот 261 став 1 од Законот, работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач и проверката на стручноста на возачите – инструктори, ги вршат испитни центри во согласност со организацијата на соодветните организациони единици на Министерството за внатрешни работи, согласно со закон.

Оттаму, испитните центри и нивниот број, во оваа законска одредба индиректно се определени на начин што нивниот број е усогласен со бројот на организационите единици на Министерството за внатрешни работи, или осум според моменталната организациона поставеност.

Во оспорениот, пак, член 262 од Законот е уредена постапката за овластување на испитните центри од членот 261 став 1 на наведениот закон, која се спроведува врз основа на јавен конкурс кој го распишува Министерството за внатрешни работи. Потоа, во оспорената одредба е уредено кој може да се пријави на јавниот конкурс, како се уредува ситуацијата ако за определено подрачје не се пријави ниту едно правно лице или ниту едно од пријавените правни лица не ги исполнува законските услови и кој ги врши работите на спроведување на возачки испит за кандидат за возач и проверка на знаење на возачите-инструктори, во ваков случај.

Во наведената смисла од значење е ставот на Судот изразен во постапката по предметот У.бр.144/2007 кога не повел постапка за оценување на уставноста на членот 261 од Законот, според кој Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт донесува закони во сите области на општествениот живот, што значи, меѓу другото, има уставно овластување да ги уреди прашањата и односите поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата, од каде законодавецот има право и во оваа област да ги уреди прашањата кои се однесуваат на тоа кој ќе го организира и спроведува возачкиот испит и испитот на проверка на стручноста на возачите – инструктори.

Врз основа на наведеното произлегува дека Судот се произнел по однос на прашањето за овластувањето на Министерството за внатрешни работи да ја спроведува постапката за овластување на испитните центри. При состојба кога во оспорениот член 262 од Законот постои уредување врз основа на кое на индиректен начин може да се утврди и бројот на испитните центри (во согласност со организацијата на соодветните организациони единици на Министерството за внатрешни работи), Судот оцени дека оваа законска одредба е во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот.

6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Прашањето за уставноста и законитоста на оспорениот член 2 став 1 од Правилникот веќе било предмет на оцена од страна на Уставниот суд во постапката по предметот У.бр.127/2009 и Судот со решение од 27 јануари 2009 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Според гледиштето на Судот изразено во наведениот предмет, не постојат уставни пречки министерот за внатрешни работи, врз основа на Законот, да го уреди предметното прашање на начин како што е тоа уредено со оспорената одредба од Правилникот и од овој аспект таа не може уставно да се проблематизира од наводите во иницијативите.

Тврдењето во иницијативата дека оспорениот Правилник е донесен согласно членот 417 став 1 алинеја 10 од Законот во кој не е определен бројот на испитните центри е точно, но не ја доведува во прашање согласноста на оспорената одредба со Уставот. Имено, членот 417 став 1 алинеја 10 од Законот е законски основ за носење на подзаконски акт, а бројот на испитните центри, како што е изнесено погоре е определив, согласно членот 261 од Законот.

Според наведеното Судот оцени дека наводите во предментана иницијатива не можат да доведат до промена на утврдената фактичка и правна состојба во предметот У.бр.127/2009, односно не преставуваат основ за поинакво одлучување.

Што се однесува до предлозите на подносителот на иницијативата како би требало да бидат нормирани оспорените одредби согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Судот оцени дека нема надлежност да креира норми од каде и не може да се впушти во оцена на ваков вид наводи.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.45/2013
25 декември 2013 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply