104/2013-0-0

104/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на

1) Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичка планска документација за усогласување
на намената на градежното земјиште на КП.12032/2 КО Кавадарци, бр.07-3002/38 од 28 јуни 2013 година, донесена од Советот на Општина Кавадарци („Службен гласник на Општина Кавадарци“ бр. 4 од 22 јули 2013 година);

2) Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежното земјиште на КП.3888/4 КО Ваташа, бр.07-3002/39 од 28 јуни 2013 година, донесена од Советот на Општина Кавадарци („Службен гласник на Општина Кавадарци“ бр. 4 од 22 јули 2013 година).

3) Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената наградежното земјиште на КП.16513/1 КО Кавадарци, број 07-3002/40 од 28 јуни 2013 година, донесена од Советот на Општина Кавадарци („Службен гласник на Општина Кавадарци“ бр. 4 од 22 јули 2013 година), и

4) Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежното земјиште на КП.5076 КО Кавадарци 1, број 07-3002/41 од 28 јуни 2013 година, донесена од Советот на Општина Кавадарци („Службен гласник на Општина Кавадарци“ бр. 4 од 22 јули 2013 година).

2. Александар Панов – градоначалник на Општина Кавадарци до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките донесени од Советот на Општина Кавадарци кои се децидно наведени во точката 1 од ова решение.

Со сите четири поднесени иницијативи се оспоруваат одлуките за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на одредено градежно земјиште.

Имено, по однос на провооспорената одлука во иниција­тивата се наведува дека истата е во спротивност со член 51 од Уставнот на Република Македонија и Законот за локалната само­управа, од причина што во постапката за издавање на урбанис­тичка согласност за бесправен објект на барател Трајче Клинчаров од Кавадарци за објект Г-3 работилница изградена на КП.бр.12032/2 КО Кавадарци, наменета на дејноста на бесправниот објект не била во согласност со намената на земјиштето утврдена со важечката урбанистичка планска документација.

По однос на второоспорената одлука, исто така, се наведува дека постапката за издавање на урбанистичка согласност за бесправен објект на барателот Жанина Милешева од Кавадарци за објект – деловен простор со намена Г-3 сервиси изграден на КП.бр. 3888/4 КО Ваташа, намената на дејноста на бесправниот објект – деловен простор со намена сервиси, не била во согласност со намената на земјиштето – утврдена со важечката урбанистичка планска документација – спорт и рекреација.

Според иницијативата ваквата постапка ја чинела Одлу­ката противуставна и незаконита.

Во иницијативата која се однесува на третата оспорена Одлука се наведува дека бесправно изградениот објект немал статус на градба, истиот бил монтажно-демонтажен времен објект, кој се наоѓал на јавна површина – градски плоштад, поради што постапката за донесување на ваква одлука не била во согласност со Уставот, а доколку повеќе што постапката на ваков објект на јавен простор го нарушувал концептот и целината на просторот за Градски плоштад, како и естетскиот изглед на плоштадот кој го користеле сите граѓани на Општина Кавадарци.

Четвртооспорената Одлука, според наводите во иниција­тивата, исто така, биле донесени во постапка која била во спротив­ност со Уставот на Република Македонија и Законот за постапување со бесправно изградени објекти, од причина што намената на дејноста на бесправниот објект деловен простор (фитнес сала) не била во согласност со намената на земјиштето која била утврдена со важечката урбанистичко-планска документација – Г-2 – лесна и незагадувачка индустрија.

3. Со Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на градежното земјиште на КП.12032/2 КО Кавадарци, бр.07-3002/38 од 28 јуни 2013 година, Советот на Општина Кавадарци утврдил дека се исполнети условите за донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за бесправниот објект – деловен простор со намена Б1 – деловни комерцијални објекти, кој се наоѓал на КП.12032/2 КО Кавадарци, во сопственост на лицето Клинчаров Трајче. Според Деталниот урбанистички план од 1976 година КП.12032/2 била со намена семејни куќи.

Со Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на градежното земјиште на КП.3888/4 КО Ваташа, бр.07-3002/39 од 28 јуни 2013 година, Советот на Општина Кавадарци утврдил дека се исполнети условите за донесување на урбанистичка планска докуменација за усогласување на намената на градежно земјиште за бесправниот објект – деловен простор со намена Г3 – мало стопанство и сервиси, кој се наоѓа на КП.3888/4 КО Ваташа, во сопственост на лицето Жанина Милошева. Според Деталниот урбанистички план од 1976 година и Генералниот урбанистички план на КП.3888/4 намената била спорт и рекреација.

Со Одлуката за утврдување на исполнети услови за донесување на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на градежното земјиште на КП.16513/1 КО Кавадарци, бр.07-3002/40 од 28 јуни 2013 година Советот на Општина Кавадарци утврдил дека се исполнети условите за донесување на урбанистичка планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за бесправниот објект – деловен простор со намена Б4 – деловни простории, кој се наоѓал на КП.16513/1 КО Кавадарци, во сопственост на лицето Костадинов Киро од Кавадарци. Според важечкиот Детален урбанистички план, КП.16513/1 која е сопственост на Република Македонија била со намена Е – јавна површина и била дел од градски плоштад, додоека по елаборатот била со намена Б4 – деловни простории.

Со Одлука за утврдување исполнети услови за донесу­вање на урбанистичко планска документација за усогласување на намената на градежното земјиште на КП.5076 КО Кавадарци 1, бр.07-3002/41 од 28 јуни 2013 година Советот на Општина Кавадарци утврдил дека не се исполнети условите за донесување на урбанис­тичко планска документација за усогласување на намената на градежно земјиште за бесправниот објект – деловен простор (фитнес сала) со намена Б5 – деловни простории, кој се наоѓа на КП.5076 КО Кавадарци 1 во сопственост на правното лице ДПТ Универзал Промет ДОО од Кавадарци. Според Генералниот урбанистички план на КП.5076 намената била Г2 – лесна и незагадувачка индустрија.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставо и со законите.

Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти во правото.

Меѓутоа, според Судот, сите оспорени одлуки се всушност донесени по барање на индивидуален субјект (барател) и истите регулираат inter partes односи, а не erga omnes(како што би било во случај на Одлука за донесување на Детален урбанистички план за конкретно подрачје), што упатува на констатација дека сите одлуки имаат карактер на поединечен акт, а не општ акт, и истиот како таков не регулира односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти, кој би му дал карактер на пропис по кој Уставниот суд би можел мериторно да одлучува.

Судот оцени дека оспорените одлуки не се акти со кои се врши планирање на просторот во смисла на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што истите не можат да бидат предмет на мериторно одлучување, односно основ по кој Уставниот суд ќе се впушти во уставно-судска анализа по поднесените иницијативи.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Бранко Наумоски, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.104/2013
26 ноември 2013 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply