90/2013-0-0

90/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 и член 70 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Дејан Цанев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 1 од Законот, не бил во согласност со членовите 9, 50 и 54 од Уставот од причина што истиот уредува само односи и спорови на човекот и граѓанинот, но не и спорови за основните права и обврски на правни лица, кои исто така се субјекти на правото воопшто. Имено, и правното лице било признато како субјект на правото бидејќи и на него му било определено еднакво право на пристап до Судот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот е предвидено дека со овој закон се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните, како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Според член 70 став 1 од овој закон странка во постапката може да биде секое физичко и правно лице.

4. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 50 и 54 од Уставот се поместени во точка II со наслов: „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“ и потточка 3, со наслов: „Гаранции на основните слободи и права“.

Оспорениот член 1 од Законот, кој е изменет со Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2010), според Судот е со цел зголемување на ефикасноста на парничната постапка што директно влијае на подобрување на степенот на зашти­та на правата на граѓаните и другите правни субјекти во постапката.

Тргнувајќи од правната теорија во која децидно е наведено значењето на изразот правен субјект, како и на изразот способност за странка во постапката, Судот оцени дека не може основано да се доведе во прашање согласноста на оспорените членови од Законот со Уставот на Република Македонија.

Имено, членот 1 од Законот е содржан во Глава I под наслов: „Основни одредби“ во кои се определуваат кругот на субјективните права чие остварување или заштита може да се бара пред судовите во парнична постапка, како и кругот на субјектите чии права може да се остваруваат или заштитуваат според правилата на овој закон.

Во таа насока оспорениот член 70 став 1 од Законот, определува дека странка во постапка може да биде секое физичко и правно лице. Според став 2 на овој член од Законот, со посебни прописи се определува кој може да биде странка во постапката освен физички и правни лица.

Од наведената одредба јасно произлегува дека Законот за парнична постапка не се однесува само на физичките лица, како што се тврди во иницијативата, туку тоа е постапка во која својство на странка можат да имаат и правните лица.

Својство на странка во парничната постапка им е признато на сите физички и правни лица, односно на сите субјекти кои по прописите на материјалното право можат да бидат носители на права и обврски.

Предвид на направената уставно судска анализа, и покрај скромноста на аргументите во иницијативата, Судот утврди дека во конкретниов случај не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 1 и 70 став 1 од Законот за парничната постапка со уставните норми од членот 9, 50 и 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Бранко Наумоски, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.90/2013
26 ноември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply