77/2013-0-0

77/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 ноември 2013 одина, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, за изградба на делницата од Европскиот коридор 10, Демир Капија-Смоквица како дел од Магистралниот пат М1 (Е-75) и за клучките Миравци и Смоквица, донесена од Владата на Република Македонија на 20 март 2012 година бр.41-1503/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2012).

2.Слободанка Стефановска од Скопје преку адвокатот Драгољуб Змејковски од Кавадарци до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, со оспорената одлука биле повредени Законот за земјоделско земјиште, Законот за градежно земјиште и Законот за експропријација на штета на сите сопственици на недвижен имот на потегот Демир-Капија-Смоквица-Гевгелија. Ова било сторено на начин што Владата земјиштето го експроприрала како земјоделско и го платила по 25 денари за м2, наместо истото да го експроприра како градежно и да го плати по пазарна цена. Со оспорената одлука Владата на Република Македонија им нанела материјална штета на сите сопственици на катастарските парцели наведени во одобрението за градење, поради што со иницијативата се предлага одлуката да биде поништена.

3.Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на 20 март 2012 година, врз основа на член 49 од Законот за земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2007, 18/2011 и 148/2011), донела Одлука за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште, за изградба на делницата на Европскиот коридор 10, Демир Капија-Смоквица, како дел од Магистралниот пат М1 (Е-75) и за клучките Миравци и Смоквица.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се дава согласност на Агенцијата за државни патишта, за трајна пренамена на земјоделско земјиште, за изградба на делницата од Европскиот коридор 10, Демир Капија-Смоквица како дел од Магистралниот пат М1 (Е-75) и за клучките Миравци и Смоквица.

Во член 2 од Одлуката е предвидено дека земјоделското земјиште за кое се дава согласност за трајна пренамена ги има следните категории индикации: катастарска општина, имотен лист, катастарска парцела, место викано, катастарска култура, катастарска класа, површина и сопственост.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од Владата на Република Македонија, со кој се одлучува за пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изградба на делница од Европскиот коридор.

Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, оспорениот акт не е подобен за уставно судска оцена.

Тргнувајќи од фактот дека предмет на оцена пред Уставниот суд можат да бидат само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а во конкретниот случај актот кој се оспорува со иницијативата, нема карактер на пропис erga omnes, Судот оцени дека во овој случај настапени се процесните претпоставки за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

5.Врз снова на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6 Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 77/2013
13 ноември 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply