Решение У.бр.130/2013

У.бр.130/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 октомври 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Трговско друштво за вработување на инвалидни лица, производство, услуги и промет ИМПЛАСТ ДООЕЛ с. Марино – Скопје, за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Трговско друштво за вработување на инвалидни лица, производство, услуги и промет ИМПЛАСТ ДООЕЛ с. Марино – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои му биле повредени со Пресуда на Врховен суд на Република Македонија Рев.Збр.112/2012 од 4 март 2013 година.

3. Според барањето со наведениот акт на барателот му било повредено правото утврдено со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија во врска со остварување на право и обврска од работен однос, односно му била сторена дискриминација на барателот како заштитно друштво кое вработува инвалидизирани лица.Имено,со пресудата на Врховниот суд бил повреден член 82 став 1 точка 1 од Законот за работните односи со кој било утврдено дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случај ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет во текот на годината.

Понатаму, во барањето се наведува дека со наведената пресуда се повредени слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверувањето,совеста и мислата на начин што поголемите права кои барателот му ги дал на инвалидизираното лице биле земени како основ и причина за поништување на одлуката за отказ на договорот за вработување .

4. Судот на седницата утврди дека Основниот суд Скопје II Скопје со Пресуда Ро.бр.791/10 од 1.03.2011 година го уважил тужбеното барање на тужителот Ѓорѓи Сурловски за поништување на одлуките за отказ и ги поништил Одлуката за отказ на договорот за вработување бр.226/08 од 29.08.2008 година донесена од управителот на Друштвото и Одлуката по приговор бр.260/08 од 23.09.2008 година, донесена од управителот на Друштвото како незаконити.

Со истата пресуда го задолжил тужениот да го врати тужителот на работа на работно место соодветно на неговиот степен на образование и квалификација во рок од 8 дена од приемот на пресудата и истовремено го задолжил тужениот да му исплати процесни трошоци на тужителот во вкупен износ од 41.340,00 денари, во рок од 8 дена по приемот на пресудата.

Апелациониот суд во Скопје со Пресуда Рож.бр.1147/11 од 18.01.2012 година жалбата на тужениот изјавена преку полномошник Соња Петковска Николовска, адвокат од Скопје, ја уважил и пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје 2Ро.бр.791/10 од 1.03.2011 година, ја преиначува така што пресудил тужбеното барање на тужителот со кое бара да се поништат одлуката за отказ на договорот за вработување бр.226/08 од 29/08.2008 година донесена од Управителот на друштвото и Одлуката по приговорот број 260/08 од 23.09.2008 година донесена од Управителот на друштвото како незаконити, како и барањето да се задолжи тужениот да го врати тужителот на работа на работно место соодветно на неговиот степен на образование и квалификација во рок од 8 дена од приемот на пресудата, се одбил како неосновано и го задолжил тужителот да му ги надомести трошоците на постапката на тужениот во износ од 68.406,00 денари во рок од 8 дена од приемот на одлуката.

Врховниот суд со Пресуда Рев.Збр.112/2012 од 4.03.2012 година Ревизијата на тужителот ја уважил и пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр.1147/11 од 18.01.2012 година ја преиначил и пресудил жалбата на тужениот да ја одбие како неоснована,а пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје РО.бр.791/10 од 1.03.2011 година ја потврдил, и го задолжил тужениот да му ги надомести на тужителот трошоците за такса за ревизија во износ од 2.400,00 денари.

5. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување на иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и деловнички одредби како и од приложените документи според Судот неоспорно произлегува дека барањето за заштита на слободи и права во конкретниов случај е поднесено од правно лице – Трговско друштво за вработување на инвалидни лица, производство, услуги и промет ИМПЛАСТ ДООЕЛ с. Марино-Скопје, што е во спротивност со член 51 од Деловникот. Имено, во смисла на наведениот член од Деловникот само физичко лице, односно граѓанин, може да поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поради што, од овој аспект, барањето е недопуштено.

Предвид на наведеното, според Судот, во конкретниов случај постојат процесни пречки Уставниот суд мериторно да одлучува за суштината на барањето, односно истото е недопуштено поради што се исполнети условите за отфрлање на барањето, во смисла на член 28 од Деловникот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски и Владимир Стојаноски.

У.бр.130/20013
30 октомври 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply