185/2012-0-0

185/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на10 јули 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлука за донесување на Урбанистички план за дел од Стар Дојран за Урбан блок 1, плански опфат помеѓу улиците

2. Радмила Ќосева од Струмица до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била донесена незаконито бидејќи не било дадено соопштение дека ќе се одржува јавна анкета и презентација, поради што не постоел Записник од спроведена јавна анкета од страна на надлежната Комисија. Заради истите причини немало и Извештај од спроведената анкета. Според информациите на подносителот на иницијативата за оспорената одлука не била добиена согласност од Министерството за транспорт и врски, кое нешто исто така ја правело одлуката незаконита.

Во иницијативата се образлагаат и личните мотиви за поднесување на иницијатива до Уставниот суд со појаснување дека според стариот урбанистички план до КП.438 за КО Стар Дојран била предвидена изградба на пат, но такво урбанистичко решение не било присутно во оспорената одлука.

Врз основа на сето наведено подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Дојран на седницата одржана на 31 мај 2010 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 е определено дека се донесува предметниот план за опфат како во насловот на одлуката, кој план бил изработен од страна на „Урбан Гис“ ДОО-Куманово.

Во членот 2 од Одлуката е определено дека составен дел на Урбанистичкиот план се: текстуалниот дел и синтезниот графички приказ на Планот со технички бр.65/08, изработен од субјектот означен во членот 1 од Одлуката.

Во членот 3 од Одлуката е определено дека Деталниот план се заверува во седум примероци со означување на одделните органи кај кои се чуваат примероците од Планот.

Во членот 4 од Одлуката е содржана обврска за Советот на општината Дојран за картирање на планот со определен рок од 30 дена сметано од донесувањето на Планот.

Во членот 5 од Одлуката е определено дека донесениот план не смее да се применува додека не се исполнат условите од членовите 3 и 4 од Одлуката.

Во членот 6 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на Општина Дојран“.

Одлуката е заведена под бр. 07-716/12 од 1 јуни 2010 год.

Судот, исто така, врз основа на увидот во прибавената и доставена документација утврди дека:

– Општината Дојран во Годишната програма за изработка на уранистички планови за 2008 година („Службен гласник на општина Дојран 24/2007) предвидела донесување на детален план за Урбаниот блок 1 во Стар Дојран.

– Стручната ревизија на Планот е изготвена од „Стан Арт“ ДООЕЛ Куманово во ноември 2008 година.

– Предлог-Планот е изработен од „Урбан-Гис“ ДОО Куманово во декември 2009 година.

– Одговор на ревизијата е даден од изготвувачот на Планот во декември 2009 година.

– Градоначалникот на општина Дојран со допис бр.08-1448/2 од 17 декември 2008 година побарал од Министертсвото за транспорт и врски стручно мислење по Нацрт-Планот.

– Министерството за транспорт и врски со допис бр.16-14955 од 4 февраури 2008 година дало стручно мислење во кое се содржани 12 забелешки на Нацрт-Планот.

– Министертсвото за култура-Управа за заштита на културното наследство во решение бр.08-2254/2 од 29 окотомври 2008 година одобрило заштитно конзерваторски основи за културното наследство во рамките на опфатот на Планот.

– Со Одлука број 07-767/3 од 26 јули 2008 година Советот на општина Дојран го утврдил Нацрт-планот. Формалната одлука за утврдување на Планот е заведена под бр.07-237/6 од 4 март 2009 година.

– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена од денот на објавувањето градоначалникот на општината Дојран донел Одлука број 08-444 од 30 март 2009 година. Во членот 4 од Одлуката е определено дека Нацрт-Планот ќе биде изложен на јавно место.

– Во Соопштението бр.09-444/1-2 од 30 март 2009 година за организирање на јавна анкета Градоначал-никот определил дека Планот ќе биде изложен на Огласната табла во зградата на општината Дојран и на автобуската станица во Стар Дојран почнувајќи од 30 март до 10 април 2009 година (тоа се дванаесет календарски или десет работни дена како што бара член 24 став 4 од Законот).

– Соопштениото било објавено во „Утрински весник“ на 28-29 март 2009 година.

– На 3 април 2009 година биле поднесени шест забелешки (анкетни листови бр.3, 4, 5, 6, 7 и 9); на 6 април 2009 година една (анкетен лист бр.2); на 27 април 2009 година биле поднесени две забелешки (анкетен лист 8 и 8-А, поднесени од исто лице со идентична содржина).

– Градоначалникот на Општината донел решение бр.08-444/1 од 28 април 2009 година за формирање на стручна комисија за спроведување на јавната презентација на Планот.

– На 7 мај 2009 година била поднесена една забелешка (анкетен лист бр.1) или вкупно биле поднесени 9 забелешки.

– Од извештајот од спроведената јавна анкета бр.08-444/2 од 9 мај 2009 година произлегува дека од 9 поднесени забелешки една не била прифатена, две биле делумно прифатени и 6 биле целосно прифатени.

– Со одделни дописи од 22 јуни 2009 година и 12 август 2009 година подносителите на забелешките бр.1 и бр.9 биле известени за тоа дека нивните забелешки се делумно прифатени. Притоа начинот на доставување на известувањето е непознат (пошта, препорачана пратка, доставна книга, доставна служба или слично). За останатите 7 подносители не е доставен доказ за доставување на известување.

– Стручната комисија сочинила известување бр.10-444/6 од 24 ноември 2009 година, според кое, по спроведената јавна презентација и јавна анкета може да се отпочне со постапката за добивање на согласност од надлежното министерство, без да се произнесе од какво значење се прифатените забелешки во смисла на член 24 став 9 до Законот.

– Министерството за транспорт и врски со допис бр.17-1115/3 од 22 март 2010 година ја известило општината Дојран дека не дава согласност и ја враќа документацијата заради конкретни забелешки во спроведувањето на постапката.

– На 29 март 2010 година градоначалникот на општината Дојран со допис бр.10-480/2 повторно побарал издавање на согласност по Предлог-Планот од Мнинистерството за транспорт и врски.

-Со допис бр.480/3 од 20 април 2010 година градоначалникот на општина Дојран од Мнистерството за култура-Управа за заштита на културното наследство побарал издавање на согласност за вградени заштитно-конзерваторски основи, која не е приложена во постапката.

– Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог-Планот бр.16-3380/2 од 28 април 2010 од кој документ, меѓу другото, произлегува дека Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство дало мислење бр.08-1081/4 од 28 април 2010 година (носи ист датум со добиената согласноста)

– Оспорената одлука е донесена на 31 мај 2010 година, заведена е под бр.07-716/12 од 1 јуни 2010 година и е објавена на 4 јуни 2010 година во службеното гласило на општината Дојран.

4. Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапакта за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка и 91/2009), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Од списите по предметот произлегува дека во постапката за донесување на конкретната одлука била спроведена јавна анкета со означување на време и место на спроведување на јавната анкета, а соопштението било објавено во весникот „Утрински весник“, како и тоа дека Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлог урбанистичкиот план (допис бр.16-3380/2 од 28 април 2010) од каде неосновани се наводите од иницијативата дека во постапката не била спроведена јавна анкета и дека Планот бил донесен без согласност на надлежното министерство.

Меѓутоа, имајќи ја предвид содржината на членот 24 став 10 од Законот, како и направениот увид и анализа на доставената документација за донесување на одлуката за донесување на конкретниот урбанистички план Судот оцени дека постои основано сомнение за повреда на означената одредба од Законот, бидејќи во неа е содржана обрска за објавување на соопштените за одржување на јавна анкета во „јавни гласила“, што подразбира објавување во најмалку две гласила, а во овој случај објавувањето е направено само во едно јавно гласило.

Понатаму, според член 24 став 4 од Законот јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Од анализата на оваа одредба произлегува дека забелешки можеле да бидат ставани во периодот на организираната јавна анкета или од 30.03.2009 до 10.04.2009 година, но во овој случај два анкетни листа се поднесени по истекот на рокот определен за јавна анкета (анкетен лист 8 и 8-А, поднесени од едно исто лице со иста содржина на 27 април 2009 година и анкетен лист 1 поднесен на 7 мај 2009 година). Исто така, не е јасно и правно логично од кои причини најдоцна примената забелешка е нумерирана како прво примена или Анкетен лист бр.1, а прво примените се нумерирани како Анкетен лист 3, 4, 5, 6, 7 и 9, а примената по нив како Анкетен лист 2.

Со оглед на тоа што во постапката пред Судот не е презентиран доказ за писмено известување на лицата чии забелешки биле прифатени или пак одбиени, како што е пропишано во членот 24 став 8 од Законот, Судот оцени дека постои основано сомнение за повреда и на оваа одредба од Законот. Имено Комисијата била должна да ги извести граѓаните за прифатените или одбиени забелешки. Врз основа на наведеното произлегува дека појасну-вањето на Комисијата дадено во дописот бр.10-477/4 од 10.06.2013 година дека со подносителите на забелешките се согласиле да не бидат писмено известени не ја елиминира сторената повреда. Исто така, во постапката пред Судот не е презентиран доказ за начинот на известување на граѓаните чии забелешки биле делумно прифатени, иако постои сочинето писмено известување до Хаџискерлева Љубица и Теменугов Илија.

Во постапката пред Судот од страна на општината Дојран не беше презентиран доказ за дадено мислење од страна на Комисијата за примена на членот 24 став 10 од Законот, односно дали осумте прифатени забелешки од јавната анкета довеле до промени на Планот од поголем обем, во кој случај требала да се организира нова јавна анкета, од каде Судот оцени дека постои основано сомнение за повреда и на членот 24 став 9 од Законот.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената Одлука може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со членот 24 ставови 4, 8, 9 и 10 од од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.185/2012
10 јули 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply