153/2012-0-0

У.бр.153/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи и 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со тарифа за користење Авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2011) во целина и посебно член 7, член 8 став 1 точка 3, член 14 и член 16 од истиот правилник, како и за уставноста и законитоста на тарифен број 2, тарифен број 3, тарифен број 4 и тарифен број 5 од Тарифата за користење на авторските музички дела, како составен дел на означениот правилник.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 139 став 2 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010-исправка и 51/2011), како и за уставноста и законитоста на член 4 став 1, член 6 став 1 и член 17 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

3. Здружението на хотели, ресторани и кафетерии ХОТАМ -Охрид преставувано од Дончо Танески, претседател на Здружението до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека според оспорениот член 139 став 2 од Законот, за ист вид и обем на користење на авторските дела и предметите на сродните права, од страна на субјекти со иста или сродна дејност, во општ договор, не можеле да се утврдуваат повисоки износи на надоместоци за користење од оние што биле утврдени во тарифата, а со поединечниот договор, не можеле да се утврдуваат повисоки износи на надоместоци за користење од оние што биле утврдени во општиот договор, односно тарифата.

Ваквата законска одредба, според подносителот на иницијативата била „наопаку поставена“, затоа што според членот 139 став 1 од Законот, прво бил рангиран општиот договор, потоа поединечниот договор, па дури на трето место по ранг била тарифата. Дека тоа така требало да биде произлегувало и од членот 139 став 3 од Законот, според кој ниедна договорна страна од ставовите 1 и 2 од членот 139 од Законот не смеела да одбие преговори за општ договор и поединечен договор. Одбивањето, како и неоправданото одолговлекување биле основи за одземање на дозволата за колективно управување. По однос на оваа оспорена одредба се укажува и на содржината на членовите 135 став 7, член 140, член 141 и член 196 од Законот.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 1 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела, во кој било предвидено дека со овој правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице може јавно да соопштува, односно објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Република Македонија, во согласност со Законот за авторското право и сродните права, Статутот на ЗАМП и други акти. Меѓутоа, условите под кои едно правно или физичко лице можело јавно да соопштува, односно објавува музички дела можеле да се определат само со закон, а не и со оспорениот правилник. Дека тоа било така произлегувало и од општата одредба од членот 5 од Законот, според која со овој закон може да се утврдат посебни случаи и услови за исклучоци и ограничувања при користењето на авторското и сродните права.

Според тоа членот 1 од Правилникот немал уставна и законска основа и истиот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот и Законот за авторското право и сродните права.

Оспорениот правилник бил донесен врз основа на членовите 137, 138 и 139 од Законот, но истиот во целост не бил во согласност со наведените законски одредби. Ова од причина што во членот 137 став 5 од Законот било определено како се определува надомесокот за користење на авторското дело, односно предметот на сродните права, но при нормирањето во оспорениот правилник, а особено Тарифата овој законски основ не бил доследно спроведен при определувањето на надоместоците за користење на авторското дело, односно предметот на сродните права, бидејќи надоместоците што се определувале паушално во бодови не биле определени во најнизок износ на надоместокот (член 14 од Правилникот). Таму, напротив биле определени во највисок можен износ на надомесокот, што не било во согласност ниту со точката 4 од членот 137 од Законот, според која одредба, при определувањето на надоместоците од точките 1, 2 и 3 на овој член се определува најнискиот номинален (апсолутен) износ на надоместокот.

Дека со Правилникот се пропишувале противуставни и противзаконити услови и критериуми можело да се согледа и од посебно оспорениот член 16 од Правилникот во кој било предвидено дека: „Кога од финасиската или друга документација од корисникот не е можно да се има увид во приходот, која е основата за пресметка на авторскиот надоместок, ЗАМП ќе го пресмета по највисока тарифна ставка“.

Според подносителот на иницијативата пресметката на тарифната ставка можела да се врши само од добивката, која корисникот ја остварува од користењето на авторското дело, а не од вкупниот приход, како што било пропишано во членот 16 и другите одредби од Правилникот. Во прилог на ваквото тврдење била и содржината на членот 13 од Правилникот (пресметка според приход од приредба), како и Одлуката на Судот У.бр.135/2008 од 18.02.2009 година со која бил укинат членот 8 и тарифниот број 30 став 2 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела.

Во ининицијативата, понатаму се наведува дека при определувањето на висината на надоместоците во оспорениот правилник не биле земени предвид елементите во членот 138 од Законот. Имено, според наведената одредба при определување на надоместците се земале предвид: правата, видовите и обемот на нивно користење, бројноста на потенцијалните корисници и т.н. Во Правилникот и особено Тарифата овие елементи не биле застапени при нормирањето во наведените подзаконски акти.

По однос на посебно оспорениот член 8 став 1 точка 3 од Правилникот се наведува дека бил во спротивност со членот 139 од Законот. Имено, според содржината на цитираните одредби Тарифата била „дури на трето место“ според рангот од законската одредба и затоа истата не можела да се донесе се додека не биде донесен барем општиот договор. Дека тоа било така можело да се утврди и од членот 135 став 7, 139 став 3 од и 196 од Законот.

Подносителот на иницијативата го цитира членот 133 точка 7 од Законот, според кој, организацијата била должна да бара од корисниците информации и документи потребни за определеување на висината на надомесокот за користење на правата. Согласно членот 140 став 1 од Законот, организацијата била должна пред донесувањето на тарифата од членот 139 став 1 точка 3 од Законот да побара мислење од корисниците и од соодветните здруженија на корисниците, односно нивните комори. Меѓутоа, во случајот, при донесувањето на оспорениот правилник не била запазена наведената постапка, што не било во согласност со наведените законски одредби.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитира членот 4 став 1 од Правилникот, според кој, корисникот бил должен да обезбеди дозвола од ЗАМП за секое јавно користење, односно објавување на авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП. Меѓутоа, согласно членот 135 став 1 од Законот, само корисникот во случаите од членот 137 точки 1, 3 и 4 на овој закон бил должен пред денот на користењето на авторските дела и предмети на сродни права, да ја извести организацијата и да побара дозвола за користење, а не и корисникот во случаите од членот 137 точки 2 и 5 од овој закон.

Од истите причини (како за членот 4 став 1) и членот 6 од Правилникот бил во спротивност со членот 135 од Законот.

Според членот 7 од оспорениот правилник, користењето на репертоарот без дозвола на ЗАМП преставувало кривично дело согласно одредбите од Законот, односно Кривичниот законик. Меѓутоа, ако тоа било така, тогаш тоа требало да биде предвидено во Кривичниот законик, а не во оспорениот член 7 од Правилникот. Освен тоа, во Законот не постоеле никакви одредби за кривична одговорност, туку постоеле само одредби за прекршочна одговорност што не било исто. Оттаму, оспорената одредба не била во согласност со Законот и со Кривичниот законик.

По однос на оваа оспорена одредба, во иницијативата се посочува при одлучувањето да се има предвид и членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Според членот 17 од оспорениот правилник, Собранието на ЗАМП давало автентично толкување на Правилникот со тарифата за користење на авторските музички дела. Меѓутоа, подносителот на иницијативата, поставува прашање што ќе било ако корисниците и соодветните здруженија на корисниците, односно нивните комори не се согласувале со таквото автентично толкување. При одлучувањето за оваа оспорена одредба подносителот на иницијативата предлага да се имале предвид членот 140 и 141 од Законот.

За оспорените тарифни броеви 2, 3, 4 и 5 од Тарифата се наведува дека не биле во согласност со членот 137 од Законот, затоа што во оспорените тарифни броеви биле предвидени многу повеќе елементи и биле определени многу поголеми висини на надоместоците, отколку што биле предвидени во самиот закон. Така на пример во тарифниот број 4 точка 2 од Тарифата било определено дека за користењето на авторски музички дела, за користење на жива музика основицата од ставот 1 се зголемува дури 100%, што било надвор од законските рамки.

Поради наведените причини подносителот на иниција-тивата смета дека оспорениот Правилник со Тарифата, како целина и посебно оспорените одреби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 20 став 1 и 2, член 30 ставови 1, 2 и 3, член 47, член 51 и член 55 од Уставот и членовите 133 точка 7, 135 ставови 1 и 7, 137 точка 5, 138, 139, 140, 141 ставови 1 и 2 и 196 од Законот за авторското право и сродните права.

Подносителот на иницијативата посочува при одлучу-вањето за основаноста на инцицијативата да се имаат предвид одлуките на Судот У.бр.74/2007 од 13.02.2008 година и У.бр.135/2008 од 18.02.2009 година, и предлага Судот да донесе решение согласно членот 27 од Деловникот заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 139 став 2 од Законот, за ист вид и обем на користење на авторските дела и предметите на сродните права од страна на субјекти со иста или сродна дејност, во општ договор, не може да се утврдуваат повисоки износи на надоместоци за користење од оние што се утврдени во тарифата, а со поединечниот договор, не може да се утврдуваат повисоки износи на надоместоци за користење од оние што се утврдени во општиот договор, односно тарифата.

Правилникот со тарифа за користење Авторски музички дела е донесен од страна на Собранието на ЗАМП, врз основа на член 137, 138, 139 и 150 став 2 од од Законот за авторското право и сродните права, како и членовите 38, 39, 40, 42, 43, 44, 45 и 46 од Статутот на Здружението за заштита на авторските музички права на седницата одржана на 3 ноември 2011 година.

Правилникот е систематизиран во 19 одредби, а негов составен дел е и Тарифата за користење на авторски музички дела која е систематозирана во 31 тарифен број.

Според членот 1 од Правилникот, со овој правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице (во натамошниот текст: корисник) може јавно да соопштува, односно да објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Република Македонија, во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во натамошниот текст ЗАПСП), Статутот на ЗАМП бр.47-2-0201 од 2.02.2011 година и решението за давање дозвола за колективно управување на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр.54-5454/1 од 03.04.2011 година, објавено во Службен весник на Република Македонија бр.65/11 од 10.05.2011 година.

Според член 4 став 1 од Правилникот, корисникот е должен да обезбеди дозвола од ЗАМП за секое јавно користење, односно објавување на авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП.

Во членот 6 став 1 од Правилникот е предвидено дека, корисникот е должен најдоцна 15 дена пред истекот на користењето на авторските музички дела, да ја извести организацијата и да побара дозвола за користење, а во рок не подолг од 15 дена од денот на користењето, да и достави на организацијата целосни податоци за користените дела, за местото и времето на користењето и да изврши исплата на надоместоците.

Според членот 7 од Правилникот, користењето на репертоарот без дозвола на ЗАМП преставува кривично дело, согласно со одредбите на ЗАПСП, односно Кривичниот законик.

Во членот 8 став 1 точка 3 од Правилникот е предвидено дека, висината на надоместоците за користење на авторски музички дела се плаќаат согласно со Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела на ЗАМП, доколку надоместоците за јавно соопштување не се определени со договор (општ или поединечен).

Според членот 14 од Правилникот, надоместот во паушален износ се изразува во бодови, а вредноста на бодот (1 бод) се изразува во денари (став 1). Вредноста на бодот во тарифниот дел од Правилникот изнесува 4,00 денари (став 2). Вредноста на бодот се усогласува годишно со порастот на цените на мало, според објавените статистички податоци (став 3). Ако порастот на цените на мало е поголем од 10% во однос на почетокот на годината, вредноста на бодот може да се усогласи и во текот на годината (став 4).

Кога од финансиска или друга документација од корисникот не е можно да се има увид во приходот, кој е основа за пресметка на авторскиот надоместок, според оспорениот член 16 од Правилникот ЗАМП ќе го пресмета по највисоката тарифна ставка, која е со важност за соодветното користење на авторските дела.

Собранието на ЗАМП дава автентично толкување на Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела, согласно оспорениот член 17 од Правилникот.

Во тарифниот број 2 од Тарифата за користење на авторски музички дела е определено како се пресметува надо-местокот за јавно соопштување на музичките дела на забавни приредби (забава, игранка, бал, маскенбал и слично).

Така, за јавно соопштување на музички дела:

а) на забава, игранка, другарска вечер, прослава, банкет, матурска, бруцошка, дипломска, клупска вечер и сл. со наплата на влезница или друг облик на наплата надоместот изнесува 10% од приходот, а најмалку 2.000 бода, колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наведената наплата.

б) на сезонски забавни приредби како што се бал, маскенбал, карневал, пречек на Нова година, 8 март и слични со наплата на влезници или друг облик на наплата, надоместот изнесува 12% од приходот, а најмалку 3.000 бода, колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наведената наплата.

Во тарифниот број 3 од Тарифате е определено како се пресметува надоместокот за јавно соопштување на музички дела на други приредби (танцов натпревар, ревија на мраз, спортски приредби и друго).

Така, за јавно соопштување музички дела:
а) на танцов натпревар, ревија на мраз, кабаре, балет, академија или слична приредба со наплата на влезници, надоместот изнесува 6% од приходот, а најмалку 600 бода колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наведената наплата;
б) на модна ревија, избор на убавица, демонстрација на производи или слични приредби со наплата на влезници, надоместот изнесува 4% од приходот, а најмалку 3 000 бода колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наведената наплата;
в) на циркуска, артистичка или слична приредба со наплата на влезници, надоместот изнесува 3% од приходот, а најмалку 2 000 бода колку што изнесува надоместот и во случај кога приредбата е без наведената наплата.
г) на спортски приредби надоместот изнесува:
– до 10.000 седишта 200 бода
– од 10.000 седишта до 30.000 седишта 300 бода
– над 30.000 седишта 400 бода
д) на свадби, крштевки, сунет и слични приредби со жива или механичка музика за јавно соопштување на музички дела надоместот изнесува по приредба:
– до 100 лица 500 бода
– од 101-150 лица 1.000 бода
– од 151-200 лица 1.500 бода
– од 201-250 лица 2.000 бода
– од 251- 300 лица 2.500 бода
– над 300 лица 3.000 бода

ѓ) за приредби од точка д) кои се одржуваат во простории во кои се врши угостителска дејност (ресторани, ноќни клубови и барови, диско клубови и сл.) надоместот се зголемува за 50%.

е) за приредби од точка д) кои се одржуваат во простории во кои инаку не се врши угостителска дејност (општествени домови, саеми, музеи, шатори и сл.) надоместот се намалува за 50%.

Според оспорениот тарифен број 4 став 1 од Тарифата за јавно соопштување на музички дела по пат на механичка музика во угостителските објекти, диско клубови и ноќни барови, месечниот надомест се утврдува врз основа на бројноста на потенцијалните корисници, категоријата и големината на просторот, правата, видо-вите и обемот на нивното користење односно траење на јавното соопштување. Во продолжението на текстот на тарифниот број, следи табеларен приказ. Притоа табелата е составена според бројот на столови во затворен или отворен простор, односно можниот број на посетители и времетраењето на јавното сооптвување на музичкото дело.

За користење на жива музика основицата од став 1 се зголемува за 100% (став 2).

Во случаи кога се наплатуваат влезници или задолжи-телна консумација до четири дена во неделата, основицата од став 1 и 2 се зголемува за дополнителни 40% (став 3).

Во случаи кога се наплатуваат влезници или задолжи-телна консумација повеќе од четири дена во неделата, основицата од став 1 и 2 се зголемува за дополнителни 50% (став 4).

Според оспорениот тарифен број 5 став 1 од Тарифникот, за користење на музички дела во пансиони, хотелски соби, апартмани, хотелски населби, апартмански населби и сл. сместувачки капацитети, по пат на радио апарати, интерна телевизија од затворен тип или било која друга телевизиска или кабелска мрежа месечниот надомест изнесува во зависност од капацитетот на објектот и тоа:

а) до 25 гости 500 бода
б) од 26 до 50 гости 1.000 бода
в) од 51 до 75 гости 1.700 бода
г) од 76 до 100 гости 2.500 бода
д) од 101 до 500 гости 3.600 бода
ѓ) повеќе од 500 гости 6.000 бода

Според ставот 2 од истиот тарифен број, за користење на музички дела во заеднички простории на хотели (фоаје, ресторан сали и сл.) месечниот надомест се утврдува според категоријата на хотелот и тоа:

а) за хотели од V категорија, апартмани, пансиони и мотели од трета категорија надоместот изнесува 250 бода.
б) за хотели од IV и III категорија, мотели, апартмани и пансиони од втора категорија надоместот изнесува 500 бода.
в) за хотели од II категорија, мотели, апартмани и пансиони од I категорија надоместот изнесува 1.000 бода.
г) за хотели од I категорија надоместот изнесува 1.500 бода.
д) за хотели де лукс категорија надоместот изнесува 2.500 бода.

5. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, како и за други прашања утврдени во Уставот, но не и за меѓусебната согласност на одредбите од исти или различни закони, кое нешто, меѓу другото, произлегува од наводите во иницијативата.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција-тивата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба била „наопаку поставена“, поради тоа што во ставовите 1 и 3 од истиот член од Законот постоело поинакво рангирање на тарифата, по однос на општиот и поединечниот договор, како термини што се употребени во целината на членот 139 од Законот. Исто така, по однос оспорената одредба се укажува и на содржината на член 135 став 7, член 140, член 141 и член 196 од Законот, но не е содржан никаков друг коментар.

Според оцена на Судот, во недостаток на други аргуме-нтирани причини, вака изнесените причини претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од ист закон, односно на меѓусебната согласност на оспорениот член 139 став 2 со членовите 139 ставови 1 и 2, 135 став 7, 140, 141 и 196 од Законот што не е прашање во надлежност на Уставниот суд, од каде произлезе дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

6. Уставниот суд постапувајќи по конкретната иницијатива од Собранието на Република Македонија и од Владата на Република Македонија не побара да дадат одговор, односно мислење по однос на оспорениот Правилник, бидејќи не се доносители на актот. Сепак наведените органи по повод оспорувањето на законската одредба се впуштиле во анализа и на оспорениот правилник и изнесуваат свое гледиште дека оспорениот правилник нема карактер на акт подобен за уставно-судска оцена.

Вака изнесените гледишта пред Уставниот суд го покрена прашањето за карактерот на оспорениот правилник и неговата подобност за уставно-судска анализа.

Според оцена на Судот Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела е пропис подобен за уставно-судска оцена бидејќи истиот произведува права и обврски за неопределн круг на субјекти во правото автори, но и корисници на авторските и сродните права. Притоа ирелевантно за карактерот на актот е што истиот е донесен од организација за колективно управување. Дека Правилникот е пропис, согласно член 110 од Уставот, произлегува и од решението на Судот У.бр.1/2012 од 14.03.2012 година со кое не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифен број 29 од Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2011), донесен од Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права.

Ова дотолку повеќе што, согласно членот 133 точка 3 од Законот, организацијата за колективно управување е овластена да донесува и објавува општи акти за прибирање и за распределба на надоместоци од користењето, во согласност со закон, од каде Правилникот има карактер на општ акт. Воедно, оваа законска одредба преставува основ за донесување на оспорениот правилник, од каде во иницијативата неосновано се тврди дека правилникот немал законски основ.

Притоа, условите под кои едно правно или физичко лице може јавно да соопштува, односно објавува музички дела не се определени со оспорениот Правилник, туку со членовите 30, 31, 32, 33, 34 и други одредби од Законот во кои законодавецот утврдил што преставува јавното соопштување, јавното изведување, јавното пренесување, јавното изложување, јавното прикажување и т.н. Исто така, во членот 54 од Законот е утврдено под кои услови се врши плаќање на надоместок за користење на авторското дело. Кои се правата што можат колективно да се управуваат е определено во членот 131 од Законот; основите за определување на надоместокот се утврдени во членот 137 од Законот; што се зема предвид при определувањето на висината на надоместокот е определено во членот 138 од Законот, а видовите на акти (општ договор, поединечен договор и тарифа) со кои се определува конкретниот надоместок се утврдени во членот 139 од Законот.

Врз основа на наведното произлегува дека, законо-давецот ја утврдува основата за утврдување на висината на надоместокот за користење на авторско дело и околностите од кои зависи висината на надоместокот во конкретен случај на употреба, поради што, наводите во иницијативата дека со Правилникот, а не со Законот се утврдени мерила и критериуми за определувaње и наплатата на надоместокот за користење на авторски дела се неосновани.

Оттаму, при носењето на оспорениот Правилник со тарифа, организација за колективно управување, односно ЗАМП, постапувала врз основа на овластувањето од членот 133 точка 3 од Законот, и донела акт со лимитирани рамки согласно дозволата на Министерството за култура.

Впрочем и во членот 1 од Правилникот е определено дека со овој акт се определуваат условите под кои правно или физичко лице може јавно да соопштува, односно да објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Република Македонија, но во согласност со Законот за авторското право и сродните права и решението за давање дозвола за колективно управување на Министерството за култура на Владата на Република Македонија бр.54-5454/1 од 03.04.2011 година.

Правилникот се оспорува од причина што со неговиот член 14 се определувал највисокиот можен износ на надоместокот и тоа паушално според бодови, кое нешто било спротивно на членот 137 ставови 4 и 5 од Законот, каде пак надоместокот бил определен во најнизок номинален (апсолутен износ).

Членот 137 од Законот ги уредува основите за определување на надоместокот во зависност од тоа дали користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот и може да се утврди приходот или приходот не може да се утврди (две различни ситуации во ставовите 1 и 2) и кога од јавното користење не се остварува приход (став 3). Во овие три можни ситуации, според ставот 4 од членот 137 од Законот, при определувањето на надоместоците од точките се определува и најнискиот номинален (апсолутен) износ на надоместокот. Ставот 5 од членот 137 од Законот ја уредува ситуацијата кога користењето на авторското дело не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа придонесува кон зголемување на пријатноста на крајните корисници на нивните услуги, меѓу кои спаѓаат и сместувачки капацитети, хотели, изложбените простори, угостителските објекти, превозните средства и други слични дејности за кој случај законодавецот утврдил дека надоместокот се определува во паушални износи и тоа за постојаните и за повремените користења на авторското дело, односно предметот на сродното право.

Врз основа на направената анализа на членот 137 од Законот, како целина и посебно неговите ставови 4 и 5, за кои во иницијативата се тврди дека се повредени, произлегува дека со оваа одредба не се утврдува висината на надоместокот, туку со неа се уредуваат можните правни ситуации кои преставуваат различни појдовни основи за утврдување на висината на надоместокот. Притоа, само за ситуацијата од ставовите 1, 2 и 3 од членот 137 од Законот се предвидува определувањето на надоместоците каде има улога најнискиот номинален (апсолутен) износ на надоместокот, а за ситуацијата од ставот 5 од истата законска одредба утврдил дека надоместокот се определува во паушални износи. Ваквото уредување, според Судот, не значи дека во оваа законска одредба е утврдена висината на надомесокот, туку дека со неа се воспоста-вуваат принципи за неговата пресметка, од каде укажувањето на несогласност на оспорениот член 14 од Правилникот и целината на Правилникот со ставовите 4 и 5 од членот 137 од Законот е неосновано.

Оспорениот правилник пропишувал противуставни и противзаконите критериуми и услови, бидејќи со членот 16 предвидел надоместокот да се пресмета според највисоката тарифна стафка, кога од финансиска или друга документација од корисникот не е можно да се има увид во приходот, кој пак е основа за пресметка на авторскиот надоместок, затоа што пресметката требала да се врши само од добивката, а не од вкупниот приход, како што смета подносителот на иницијативата.

Според Судот вака изнесените наводи се неосновани од причина што членот 16 од Правилникот утврдува начин на пресметување за ситуација кога од финансиска или друга документација од корисникот не е можно да се има увид во приходот. „Добивката“, пак, која ја смета подносителот на иницијативата за појдовна основа за определување на надоместокот воопшто не е законска категорија присутна во Законот за авторското право и сродните права.

Исто така, Судот оцени дека подносителот на иницијативата неосновано тврди дека во оспорениот правилник со тарифата не биле земени елементите утврдени во членот 138 од Законот, според кои се определува висината на надоместокот. Напротив од содржината на Правилникот со тарифата, како негов составен дел јасно произлегува дека според овој акт висината на надоместоците се утврдува според: правата, видовите и обемот на користење; бројноста на потенцијалните корисници; категоријата и големината на просторот; времетраењето и бројот на користењата и друго (член 12 од Правилникот). Овие елементи соодветно се применети и во посебните тарифни броеви во зависност од тоа за каков вид на настан станува збор, во каков вид на објект се соопштуваат авторските дела и слично. Притоа, членот 12 од Правилникот е сосема идентичен со членот 138 од Законот.

Врз основа на направената анализа произлегува дека Правилникот како целина е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, како и со одредбите од Законот за авторското право и сродните права посочени во иницијативата.

7. Според подносителот на иницијативата членот 7 од Правилникот, не бил во согласност со Законот за авторското право и сродните права и со Кривичниот законик од причина што во Законот не постоеле одредби за кривична одговорност, туку само за прекршочна, а ако користењето на репертоарот без дозвола на ЗАМП, преставувало кривично дело, како што предвидувала оспорената одредба, тоа би морало да биде предвидено во Кривичниот законик, а не во оваа одредба.

Вака изнесените наводи се неосновани, бидејќи од содржината на оспорениот член 7 од Правичникот произлегува дека со него само се нагласува дека користењето на репертоарот без дозвола на ЗАМП подлежи на кривична одговорност, според одредбите на наведените закони. Според оцена на Судот со оваа одредба не се утврдува битието на кривичното дело, ниту пак се утврдува казна.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот член 7 од Правилникот оценуван од аспектите на иницијативата е во согласност со Законот за авторското право и сродните права и со Кривичниот законик.

– Членот 8 став 1 точка 3 од Правилникот, посебно се оспорува во иницијативата од причина што бил во спротивност со членот 139 од Законот, според кој Тарифата била поставена како трет по ранг акт (после општиот и поединечниот договор). Но тарифата не можела да биде донесена се додека не биде донесен барем општиот договор, што произлегувало и од содржината на членот 135 став 7 и член 196 од Законот.

Поаѓајќи од анализата на содржината на оспорениот член 8 став 1 точка 3 од Правилникот произлегува дека истиот има законска основа во членот 139 став 1 точка 3 од Законот. Притоа Законот како целина, членот 139 став 1, а и самиот Правилник не прават рангирање на општиот договор, поединечниот договор и тарифата според нивното значење. Се работи за различни по вид акти за пресметување на надоместокот кои не се меѓусебно хиерархиски поставени.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 8 став 1 точка 3 од Правилникот, разгледуван од аспектите на иницијативата е во согласност со членот 139 од Законот.

-Тарифните броеви 2, 3, 4 и 5 од Тарифата за користење на авторските музички дела не биле во согласност со членот 137 од Законот, затоа што во нив се предвидувале многу повеќе елементи и биле определени многу поголеми висини на надоместоците, отколку предвидените со Законот. Така на пример бил тарифниот број 4 точка 2 од Тарифата каде било определено за користење на жива музика основицата да се зголеми дури за 100%.

Според оцена на Судот вака изнесените наводи се неосновани, од причина што оспорените тарифни броеви имаат своја законска основа пред се во членовите 137 и 138 од Законот. Притоа Законот не ја утврдува висината на надоместокот, туку ја дава основата и елементите врз основа на кои таа ќе се пресмета, од каде неосновано се тврди дека во нив е утврдена поголема висина по однос на онаа утврдена во Законот.

Врз основа на наведното Судот оцени дека Тарифните броеви 2, 3, 4 и 5 од Тарифата за користење на авторските музички дела, ценети од аспектите на иницијативата се во согласност со членот 137 од Законот.

8. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи означување на прописот или неговите одредби што се оспоруваат и причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

– По однос на посебно оспорените член 4 став 1 и член 6 од Правилникот, во иницијативата не се содржани доволно јасни наводи кои одредби од Уставот или закон се повредени за да може Уставниот суд да се впушти во оцена на основаноста на иницијативата.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека иницијативата по однос на посебно оспорените член 4 став 1 и член 6 од Правилникот се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во наведениот дел согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

– По однос на посебно оспорениот член 17 од Правилникот се наведува дека со оваа одредба не било уредено што ќе се случи ако корисниците и соодветните здруженија на корисниците, односно нивните комори не се согласат со автентичното толкување на Правилникот со Тарифата, дадено од Собранието на ЗАМП.

Според Судот одредбата не се оспорува заради нејзината постојна содржина, туку поради содржина што ја немаат, од каде произлегува дека подносителот на иницијативата бара оспорените делови да се изменат на начин како што тој смета дека е потребно, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

По однос на оваа оспорена одредба Судот укажува на уставно-судската практика по предметот У.бр.268/2009 и други.

Врз основа на наведеното Судот по однос на член 17 од Правилникот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Што се однесува до наводот дека при донесувањето на Тарифата не била запазена предвидената законска постапка за донесување на Тарифата, Судот оцени дека всушност преставува барање Судот да се впушти во оцена на спроведената процедура за донесување на тарифата, што, согласно член 110 од Уставот не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Од сето наведено произлегува дека во иницијативата неосновано се укажува на одлуките на Судот У.бр.74/2007 од 13.02.2008 и У.бр.135/2008 од 18.02.2009 година.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.153/2012
26 јуни 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply