Решение У.бр.90/2012

У.бр.90/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за најнискиот износ за надоместок за концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2012) во целина.

2. Стамен Филипов од Скопје и Славче Стаменков од с.Сопиште, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во двете иницијативи кои се во целина сосема идентични по форма и по содржина, кои се поднесени и потпишани од Стамен Филипов од Скопје и Славче Стаменков од с.Сопиште, оспорениот Правилник бил донесен врз основа на член 231 став 8 од Законот за здравствената заштита. Подносителот на првата иницијатива Стамен Филипов од Скопје наведува дека поднел и друга иницијатива до Уставниот суд со која барал да се поведе постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби на овој закон донесен на 14 мај 2012 година, меѓу кои и за членот 231 став 8. Во конкретните иницијативи се цитираат членовите 2, 3, 4, 5 и 6 од оспорениот Правилник за кој подносителите сметаат дека во целина не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот, член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа како и со член 231 став 8 од Законот за здравствена заштита.

Ова од причина што одредбите од оспорениот Правилник биле исклучиво од законодавна природа и со истиот се утврдувале права и обврски за граѓаните и правните лица, без јасни и прецизни критериуми и рамки дадени во закон, за определување на висината на надоместокот за концесија за вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствени установи. Вака утврдените законски овластувања на министерот за здравство да донесува прописи со кои се утврдувале права и обврски за граѓаните и правните лица претставувало навлегување на извршната во законодавната власт и повреда на уставните начела на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Воедно, во иницијативите е наведено дека ваквиот недостаток оставал можност за арбитрерност и нееднаков третман на здравствените установи под објективизирани и еднакви услови да го остваруваат правото на концесија за вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи.

Подносителите на иницијативите предлагаат при оценувањето на основаноста на истите да се имаат во предвид и одлуките на Уставниот суд У.бр.158/2005 од 18 мај 2006 година, У.бр.172/2005 од 24 мај 2006 година, У.бр.151/2005 од 21 јуни 2006 година и У.бр.99/2006 од 10 јануари 2007 година.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 231 став 8 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/12 од 29 март 2012 година), министерот за здравство, го донесе Правилникот за најнискиот износ за надоместок за концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи. Правилникот содржи 7 члена.

Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишува најнискиот износ за надоместок за концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи, во зависност од големината на просторот, локацијата на објектот, односно местоположбата на просторот, староста на објектот и опременоста на просторот, односно во зависност од географското подрачје во кое ќе се врши здравствената дејност.

Согласно член 2 од овој правилник, според големината на просторот на јавната здравствена установа кој се користи од страна на концесионерот – приватна здравствена установа, најнискиот износ за месечен надоместок за концесија се определува за еден метар квадратен корисна површина во кој се врши дејноста која се издава под концесија, и тоа: за простор до 200 м2, најнискиот износ на надоместот е 150,00 денари за 1м2; за простор над 200 м2, најнискиот износ на надоместот се утврдува во висина на пазарната вредност за месечен надомест за користење на простор, утврдена согласно позитивните прописи.

Во членот 3 од Правилникот, според локацијата на просторот, односно местоположбата на јавната здравствена установа, најнискиот износ за месечен надоместок за концесија се определува: во градските населби 100% од висината на надоместокот за концесија утврден во член 2 од овој правилник; во селските населби 50% од висината на надоместокот за концесија утврден во член 2 од овој правилник.

Согласно членот 4 од Правилникот, според староста на објектот, најнискиот износ за месечен надоместок за концесија се определува: во објекти до 20 години старост 100% од висината на надоместокот за концесија утврден во член 3 од овој правилник, во објекти до 40 години старост 80% од висината на надоместокот за концесија утврден во член 3 од овој правилник, и во објекти над 40 години старост 60% од висината на надоместокот за концесија утврден во член 3 од овој правилник.

Во членот 5 од Правилникот, според опременоста на просторот кој се издава под концесија најнискиот износ за месечен надоместок за концесија се определува во зависност од видот на опремата, потеклото на опремата, годините на нејзина употреба, амортизацијата, како и перформансите (можностите) што таа ги нуди и не може да биде повисока од: за опремата која не е целосно амортизирана вредноста на опремата впишана во книгите на основните средства со последната пресметана стапка на амортизација и ревалоризација и за опремата која е целосно амортизирана, има преостаната употребна вредност пресметаната просечна амортизирана вредност за целиот амортизациoнен период на опремата намалена за 70% или остаток од 30% од вредноста на опремата. Во надоместокот за концесија од став 1 на овој член не е вклучен надоместот за одржување на опремата кој е на товар на концесионерот.

Согласно член 6 од овој правилник, според географското подрачје во кое се врши здравствената дејност, најнискиот износ за месечен надоместок за концесија се определува: за здравствени установи со бруто месечен приход од Фондот за здравственото осигурување на Македонија до 40.000 денари, 200 денари; за здравствени установи со месечен приход од Фондот за здравственото осигурување на Македонија до 60.000 денари, 400 денари; за здравствени установи со месечен приход од Фондот за здравственото осигурување на Македонија до 90.000 денари, 500 денари; за здравствени установи со месечен приход од Фондот за здравственото осигурување на Македонија до 120.000 денари, 600 денари, и за здравствени установи со месечен приход од Фондот за здравственото осигурување на Македонија над 120.000 денари, 800 денари.

Според член 7 овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во („Службен весник на Република Македонија“.

Правилникот е заведен под број. 07-4140/1 од 28 мај 2012 година и потпишан од министерот за здравство.

4. Судот на седницата исто така утврди дека согласно член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/12 од 19 ноември 2012 година) е изменет и дополнет членот 231 од овој закон кој член претставува правен основ за донесување на оспорениот Правилник. Исто така со член 8 од овој закон, во членот 232 ставови 1 алинеја 2, и ставовите 2, 3, 4, 6, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16 и 19 зборот „концедентот“ се заменува со зборовите: „Министерството за здравство“.

Согласно член 11 од Законот, низ целиот текст на законот зборот „концесија“ се заменува со зборот „лиценца“, зборот „концесијата“ се заменува со зборот „лиценцата“, зборот „концесии“ се заменува со зборот „лиценци“, зборот „концесионери“ се заменува со зборовите: „носители на лиценца“, зборот „концесионерите“ се заменува со зборовите: „носителите на лиценца“, зборот „концесионер“ се заменува со зборовите: „носител на лиценца“, зборот „концесионерот“ се заменува со зборовите: „носителот на лиценца“ и зборовите „концесискиот надоместок“ се заменуваат со зборовите: „надоместокот за лиценца“.

Според член 12 од овој закон, постапките за доделување на концесија започнати според Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2012) и прописите донесени врз основа на него, ќе завршат согласно со тие прописи.

Согласно член 13 од Законот, концесиите доделени според Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 43/2012) и прописите донесени врз основа на него се сметаат како лиценци согласно со овој закон, со важност согласно со прописите согласно со кои биле издадени.

Врз основа на член 231 ставови 8 и 13 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012 и 145/2012), министерот за здравство го донесе Правилникот за најнискиот износ за надоместок за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи и за најнискиот износ на закупнина за закуп на простор и опрема на јавна здравствена установа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 156/2012 од 11 декември 2012 година). заведен под број 07-9634/1 од 05 декември 2012 година. Правилникот содржи 8 члена.

Согласно член 7 од овој Правилник, со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за најнискиот износ за надоместок за концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2012).

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Министерот за здравство, донел Правилник за најнискиот износ за надоместок за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи и за најнискиот износ на закупнина за закуп на простор и опрема на јавна здравствена установа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 156/2012 од 11 декември 2012 година), со кој во членот 7 утврдил дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за најнискиот износ за надоместок за концесија за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2012).

Со оглед на тоа што со влегувањето во сила на Правилникот за најнискиот износ за надоместок за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи и за најнискиот износ на закупнина за закуп на простор и опрема на јавна здравствена установа („Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2012 од 11 декември 2012 година) престанал да важи Правилникот кој се оспорува со предметната иницијатива и тој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите утврдени во член 26 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.90/2012
26 јуни 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply