177/2012-0-0

У.бр.177/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 160 став 3 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2012 и 145/2012).

2. Сузана Николовска од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 160 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба практично се вршело бодирање на кандидатите врз основа на критериумите определени во членот 160 став 2 точки 1 и 2 од Законот, на кој начин се предвидувал посебен услов за вработување. Ваквото рангирање не било во согласност со Уставот, бидејќи се предвидувале дополнителни, посебни услови само за здравствените работници за разлика од другите кандидати за вработување од други струки. Тоа произлегувало и од Законот за работните односи каде таксативно биле наведени општите и посебните услови за врабо-тување. Во наведената смисла за здравствените работници посебен услов за вработување можела да биде само лиценцата за работа, која се стекнувала со положен стручен испит, по претходно завршен приправнички стаж. Поради тоа ваквото дополнително тестирање ја доведувало под сомнение валидноста на лиценцата за работа, а со тоа и на самиот стручен испит. Притоа, работното искуство се зане-марувало и воопшто не се предвидувало како посебен услов, туку строго се потенцирало само „испитување на знаење“. Вака предвиде-ното дополнително испитување било дискриминаторско и со тоа здравствените работници се ставале во нееднаква положба, спротивно на гарантираното право на еднаквост на граѓаните предвидено во членот 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 160 став 3 од Законот за здравствената заштита, за здравствените работници со средно и вишо образование, односно за здравствените соработници, селекцијата на кандидатот се врши врз основа на следниве критериуми:

1) просек на успехот што кандидатот го постигнал во средното училиште, односно на високообразовната установа кој носи 50 бода и
2) стручен дел (тест) кој носи 50 бода.

4. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Членот 160 од Законот, во кој е содржан оспорениот став 3 со наслов: „Селекција на кандидат“.

Во ставот 1 од членот 160 од Законот е предвидено дека, работоводниот орган на здравствената установа формира комисија за
селекција на здравствен работник, односно здравствен соработник (во натамошниот текст: комисијата за селекција) која ја спроведува постапката за селекција на кандидат.

Според ставот 2 од членот 160 од Законот, селекцијата на кандидатот за здравствен работник со високо образование се врши врз основа на следниве критериуми:

1) просек од успехот што кандидатот го постигнал на високообразовната установа кој носи 40 бода и
2) квалификационен испит кој е составен од два дела и носи вкупно 60 бода, и тоа:
– стручен дел (тест) кој носи 40 бода и
– познавање на еден од светските јазици (англиски, германски или француски) кој носи 20 бода.

Според оспорениот став 3 од Законот, за здравствените работници со средно и вишо образование, односно за здравствените соработници, селекцијата на кандидатот се врши врз основа на следниве критериуми:

1) просек на успехот што кандидатот го постигнал во средното училиште, односно на високообразовната установа кој носи 50 бода и
2) стручен дел (тест) кој носи 50 бода.

Останатите делови од членот 160 од Законот не се во директна врска со прашањето кое се покренува со иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на цитираната одредба од Законот произлегува дека со оваа одредба, меѓу другото, како критериум во постапката за селекција на кандидати се предвидува соодветен број на бодови за успехот што го постигнал кадидатот за вработување во стручниот дел, односно тестирањето. Според оцена на Судот не станува збор за исполнување на посебен услов за вработување кој ја доведува под сомнение валидноста на лиценцата за работа, бидејќи полагањето на стручниот испит е посебен критериум за селекција на кандидати, а лиценцата за работа, согласно член 15 точка 18 од Законот е јавна исправа која ја докажува стручната обученост на здравствениот работник за вршење на здравствени услуги, што значи во прашање се сосема различни законски категории.

Во формирањето на правното мислење Судот имаше предвид и тоа што во членот 158 став 2 од Законот, како општи услови за вработување е предвидено лицето кандидат за вработување да е државјанин на Република Македонија, да е полнолетен, да има општа здравствена способност и да не му е изречена со правосилна одлука забрана на вршење професија, дејност или должност. Како посебни услови за вработување во ставот 5 од истиот член од Законот е предвидено: лицето да има соодветно образование, да има потребно работно искуство во струката и други услови утврдени во актот за систематизација на работните места. Анализата на оваа одредба, исто така покажува дека полагањето на испитот и лиценцата не се поставени како посебни услови за вработување, туку се сосема други законски категории.

Со оглед на тоа што членот 158 од Законот во целост ги уредува општите и посебните услови за вработување на здравствените работници Судот оцени дека во иницијативата несоновано се тврди дека рангирање не било во согласност со Уставот со тоа што во оспорената одредба се предвидувале дополнителни посебни услови само за здравствените работници за разлика од другите кандидати за вработување од други струки, кое нешто пак произлегувало и од Законот за работните односи каде таксативно биле наведени општите и посебните услови за вработување. Ова и од причина што подносителката на иницијативата немала предвид дека Законот за здравствената заштита е поставен како lex specijalis по однос на Законот за работните односи, кој на генерален начин ги уредува работните односи и остава работните односи, според спецификата да бидат уредени со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1, член 3 и, член 19 и други од Законот за работните односи).

Впрочем, Уставот во членот 32 оставил слобода на законодавецот со закон да го уреди остварувањето на правата на вработените и нивната положба, како што овде е случај. Таква слобода има и работодавецот при уредувањето во колективните договори.

Според сето наведено произлегува дека подносителката на иницијативата погрешно ги споредува условите и критериумите за вработување на работниците од други струки со условите и критериумите за вработување на здравствените работници со цел да го поткрепи тврдењето за постоење на дискриминација и повреда на членот 9 од Уставот.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот член 160 став 3 од Законот е во согласност со членот 9 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.177/2012
22 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply