136/2012-0-0

136/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда на здравстевените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 102/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 51 и член 96 од Уставот и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што со пропишувањето критериумите, висината и начинот на исплата на паричната награда за здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи, да се уредуваат со подзаконски општ акт, како во овој случај, се излегувало надвор од уставните определби тие права да се уредуваат со закон и колективен договор.

При оценувањето на основаноста на иницијативата, подносителот предлага Уставниот суд да ја има предвид својата одлука У.бр.83/2010.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник, како и да донесе рашение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на овој правилник, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник има 6 члена.

Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишуваат поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда на здравстевените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи кои покажале најдобри резултати во работењето, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време.

Според член 2 на овој правилник, на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи може да им се исплати парична награда доколку покажале најдобри резултати во работењето тргнувајќи од обемот на здравствените услуги и ефикасноста во користењето на работното време, при што особено се води сметка за бројот на извршени најсложени интервенции, висината на коефициентот на успешност односно вкупниот број на извршени интервенции во соодветниот месец, најмногу до износ од 30.000,00 денари месечно, за месецот за кој здравствениот работник односно здравствениот соработник остварил најдобри резултати.

Според член 3 на истиот правилник, на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи може да им се исплати парична награда доколку покажале најдобри резултати во работењето тргнувајќи од квалитетот на здравствените услуги, при што особено се води сметка за примена на упатствата за медицина заснована на докази, објавување на стручни трудови поврзани со давањето здравствени услуги, завршени обуки од струката односно положени испити од струката потврдени со соодветни сертификати, најмногу до износ од 60.000,00 денари месечно, за месецот за кој здравствениот работник односно здравствениот соработник остварил најдобри резултати.

Согласно член 4 од истиот правилник, на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи може да им се исплати парична награда доколку покажале најдобри резултати во работењето тргнувајќи од заштедите во процесот на работата, при што особено се води сметка за примената на методи и начини со кои се остваруваат најголеми заштеди во процесот на работа, најмногу до износ од 15.000,00 денари месечно, за месецот за кој здравствениот работник односно здравствениот соработник остварил најдобри резултати.

Според член 5 од Правилникот, паричната награда утврдена согласно поблиските критериуми и износите утврдени во членовите 2, 3 и 4 од Правилникот се исплаќаат еднаш месечно врз основа на решение на министерот за здравство од средствата на Министерството за здравство.

Со член 6 од Правилникот е пропишано дека Правилникот влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012 и 145/2012) се уредуваат прашањата кои се однесуваат на системот и организацијата на здравствената заштита и вршењето на здравствената дејност, загарантираните права и утврдените потреби и интереси на државата во обезбедувањето на здравствената заштита, здравствените установи, вработувањето, правата и должностите, одговорноста, евалуацијата, престанокот на вработувањето, заштитата и одлучувањето за правата и обврските на здравствените работници и здравствените соработници, квалитетот и сигурноста во здравствената дејност, коморите и стручните здруженија, рекламирањето и огласувањето на здравствената дејност, вршењето на здравствена дејност во вонредни услови и надзорот над вршењето на здравствената дејност (член 1).

Во Главата VII од овој закон, насловена како Здравствени работници и здравствени соработници, во точката 7. Права и должности на здравствените работници и здравствените соработници, е систематизиран член 165 од Законот кој носи поднаслов: Плата, надоместоци на плата, додатоци на плата и надоместок на трошоци поврзани со работата. Според содржината на овој член, здравствениот работник, односно здравствениот соработник има право на плата и надоместоци на плата, додатоци на плата и надоместок на трошоци поврзани со работата под услови и критериуми утврдени со закон, колективен договор и договор за вработување.

Во Главата VIII од Законот, насловена како Организирање на работата во здравствените установи во мрежата, е систематизиран член 219, кој носи поднаслов: Плата и дел од плата за работна успешност. Според став 1 на овој член, основната плата се определува во зависност од барањата на работното место за кое здравствениот работникот склучил договор за вработување и степенот на сложеност утврден во колективен договор и во зависност од работната успешност определена според колективен договор. Според став 2 на истиот член, со колективен договор, договор за работа или акт се утврдуваат критериуми и мерила за утврдување на резултатите од работењето на здравствените работници, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата и ефикасноста во користењето на работното време. Согласно став 3 на овој член, резултатите од работењето на здравствениот работник ги утврдува, односно оценува здравствениот работник кој го води и организира процесот на работа, односно работодавачот. Според став 4 на истиот член, доколку работодавачот предвиди пресметување на платата според ставовите 1 и 2 на овој член, на здравствениот работник му се гарантира исплата на плата согласно со закон и колективен договор. Според став 5 на овој член, на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавни здравствени установи кои покажале најдобри резултати во работењето, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време, министерството за здравство може да им исплати парична награда, а според став 6 на истиот член, поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда од ставот 5 на овој член, ги пропишува министерот за здравство.

Анализата на наведените законски одредби покажува дека платите, надоместоците на плата и додатоците на плата на здравствените работници и здравствените соработници се утврдуваат во согласност со закон и колективен договор, што е во согласност со член 32 став 5 од Уставот.

Покрај наведените примања кои се остваруваат во согласност со закон и колективен договор, законодавецот во член 219 став 5 и став 6 од Законот, определил и можност за исплата на парична награда на здравствените работници и здравствените соработници вработени во јавни здравствени установи кои покажале најдобри резултати во работењето, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време, при што определил ваквата парична награда да се исплаќа од средствата на министерството за здравство, а за пропишување на поблиските критериуми за остварување на ова право, висината и начинот на исплата на паричната награда, го овластил министерот за здравство.

Врз основа на ваквото законско овластување, министерот за здравство го донел оспорениот правилник, со кој се пропишани поблиските критериуми, висината и начинот на исплата на паричната награда на здравстевените работници и здравствените соработници вработени во јавните здравствени установи кои покажале најдобри резултати во работењето, тргнувајќи од обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време.

Имајќи предвид дека законодавецот ги определил критериумите според кои треба да се ценат резултатите во работењето на здравствените работници и здравствените соработници како основа за исплата на парична награда (обемот, квалитетот на услугите, заштедите во процесот на работата или ефикасноста во користењето на работното време), Судот оцени дека нивната натамошна разработка преку пропишувањето на поблиски критериуми за остварување на ова право, висината и начинот на исплата на паричната награда со оспорениот подзаконски акт донесен од страна на министерот за здравство, е во функција на операционализација на Законот, а не нивно изворно пропишување, како што погрешно смета подносителот на иницијативата.

Оттука, Судот не го постави прашањето за согласноста на Правилникот со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5, член 51 и член 96 од Уставот и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.136/2012
9 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply