181/2012-0-0

181/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека не било доволно во Законот за експропријација да се каже дека постои јавен интерес и да се набројуват видовите на објектите за чија изградба се вршела експропријацијата туку било потребно точно и прецизно да се утврди во што се остварувал јавниот интерес, во што истиот се состоел и причината поради која се јавувала потребата преку експропријација да се навлезе во приватната сфера.

Според наводите во иницијативата, не можело да се прифати дека се што е опфатено во актите за планирање на просторот било од јавен интерес и дека со самото планирање на одредени објекти и нивно внесување во актите на планирање на просторот требало да се добие карактер на објект од јавен интерес и како таков да биде доволен основ за спроведување на експропријација и ограничување на правото на сопственост. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека заради уставна гаранција за заштита на сопственоста со Уставот не било допуштено јавниот интерес за експропријација да се утврдува со друг акт освен со закон. Од овие причини, оспорениот законски дел на член 4 и оспорениот став 2 на член 5 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 10, член 51 од Уставот.

Според иницијативата член 6 став 1 алинеја 16 и член 7 алинеја 1 од Законот, бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 112 став 3 од Уставот, од причина што според Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија ставот на Уставниот суд на Република Македонија наведените области немале карактер на јавни служби, и како такви не можеле да се третираат во одредбите на овој Закон за експропријација.

Членот 7 алинеите 6 и 7 од Законот, според иницијативата, основано можел да се доведе под сомнение по однос на Уставот, од причина што дискутабилно било прашањето дали и градењето на стадиони, спортски сали и катни гаражи од локално значење, може да претставува неопходен јавен интерес.

Во наводите содржани во иницијативата се тврди дека со член 33 ставови 2 и 3 од Законот, се допуштало стекнување на владение над недвижност без претходно да се утврди постоење на јавен интерес со правосилно решение, односно без претходно спроведена експропријациона, со што се ограничувале правата кои произлегувале од сопственоста, надвор од условите предвидени во член 30 став 3 од Уставот.

Според иницијативата, со оглед на фактот што интенција на уставната одредба од член 30 од Уставот било да го заштити сопсрвеникот,јавниот интерес не можело да се смета дека е утврден пред донесување на правосилно решение,односно со донесување на првостепеното решение за експропријација.

Од наведените причини ,според иницијативата ,оспорените ставови 2 и 3 на членот 33 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3,4 и 6,член 30,член 50 став2,член 51,член 61 став 1 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.

При одлучувањето за основаноста на наводите во иницијативата по однос на сите членови од Законот се упатува на повеќе одлуки на Уставниот суд,и тоа У.бр.200/2007, У.бр.323/1995, У.бр.184/2011, У.бр.221/2011, У.бр.173/2009………….и др.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од Законот јавен интерес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата со градење на објекти и изведување на работи од значење за Републиката и единиците на локалната самоуправа, предвидени со актите за планирање на просторот.

Во член 5 став 2 од Законот е предвидено дека јавен интерес се утврдува и за одземање на градежно земјиште на кое право на користење имаат физички лица, а кое според актите за планирање на просторот со кои се дефинира градежна парцела, а кое не може да биде предмет на приватизација, согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Согласно член 6 став 1 алинеја 16 од Законот јавен интерес од значење на Република Македонија согласно овој закон се утврдува заради градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита.

Според член 7 алинеи 1, 6 и 7 од Законот јавен интерес од локално значење согласно со овој закон се утврдува заради градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита, градење на стадиони и трибини, сали со капацитет до 10.000 гледачи и градење на катни гаражи.

Во член 33 ставови 2 и 3 од Законот е предвидено дека по исклучок од ставот (1) на овој член Владата на Република Македонија на образложен предлог на предлагачот на експропријацијата може да одлучи недвижноста да се предаде во владение на предлагачот на експропријацијата пред правосилноста, а по конечноста на решението за експропријација, ако оцени дека тоа е неопходно заради итност за градење на објекти или изведување на работи од членовите 6 и 7 од овој закон, или заради отстранување на позначителна материјална штета и опасност по здравјето на луѓето и животната средина.

Ако предлагачот на експропријацијата влегол во владение на експроприраната недвижност пред правосилноста на решението, а предлогот за експропријација во натамошната постапка ќе биде правосилно одбиен, предлагачот на експропријацијата е должен на сопственикот да му ја врати недвижноста во рок од 15 дена по правосилноста на решението со кое е одбиен предлогот за експропријација, ако недвижноста постои, како и да му ја надомести штетата настаната со влегување во владение на недвижноста, односно ако недвижноста не постои или не може да му се врати, да му ја надомети штетата.

4. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 10 од Уставот, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и уредувањето на хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Законот за експропријација го уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи, утврдувањето на јавниот интерес, постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надоместок (член 1).

Тргнувајќи од предметот на уредување на овој закон, дефиниран во членот 1 од истиот, произлегува дека експропријацијата како начин на стекнување на правото на сопственост претставува престанок на правото на сопственост на физичките и правните лица (приватна сопственост), со што се стекнува правото на сопстеност на државата (државна сопственост), по сила на закон и тоа заради остварување на јавен интерес.

Што претставува јавен интерес е определено во членот 4 од Законот, во кој децидно стои дека јавен интрес утврден со овој закон е уредување, рационалното користење и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата со градење на објекти и изведување на работи од значење за Републиката и единиците на локалната самоуправа, предвидени со актите за планирање на просторот.

Според член 5 од Законот, јавен интерес се утврдува за градење на објекти и изведување работи од значење за Република Македонија и градење на објекти и изведување на работи од локално значење (став 1). Јавен интерес се утврдува и за одземање на градежно земјиште на кое право на користење имаат физички лица, а кое според актите за планирање на просторот со кои се дефинира градежна парцела е надвор од дефинираната градежна парцела, а кое не може да биде предмет на приватизација, согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (став 2).

Просторното и урбанистичко планирање на просторот, пак, се врши согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичко планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведување на плановите и др.

Изработувањето, донесувањето и спроведувањето на просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови во Законот за просторно и урбанистичко планирање се утврдени како работи од јавен интерес.

Прашањата, во врска со експропријацијата на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа на земјиште, згради и други објекти (недвижност) заради изградба на објекти и изведување други работи од јавен интерес, утврдување на јавниот интерес и определувањето на праведниот надомест за експроприраните недвижности се уредени со Законот за експропријација.

Подносителот на иницијативата смета дека Уставот на Република Македонија не допушта јавниот интерес за експропријација да се утврдува со некој друг акт освен со закон, односно дека со закон јасно и прецизно треба да се утврди јавниот интерес и истиот не може да се утврдува врз основа на други акти, какви што се актите за планирање на просторот, кои во смисла на Законот за просторно и урбанистичко планирање ги донесуваат советите на општините.

Од анализата на наведената уставна регулатива, како и од целината на Законот за експропријација, Судот оцени дека неосновани се ваквите тврдења од следниве причини:

Јавниот интерес, како дефиниција и поим е утврден во членот 4, а во членовите 6 и 7 од Законот, таксативно и децидно се наведени работите и објектите за кои се утврдува постоењето на јавниот интерес. Имено, во Законот за експропијација, освен што е нужно утврдувањето на постоењето на јавниот интерес, наведени се видовите на објектите за чија што изградба се врши експропријација, како и фактот во што се остварува јавниот интерес, односно причината која ја наметнува потребата преку експропријација да се навлезе во приватната сфера.

Така,во член 6 став 1 од Законот децидно се наведува дека јавен интерес од значење за Република Македонија согласно со овој закон се утврдува заради:

– градење на нуклеарни електрани, термоцентрали и хидроцентрали со капацитет од и над 1МБ, далноводи со напонско ниво од и над 35 КВ, градење на објекти за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до и над 1МВ, трафостаници со напонско ниво од и над 10КВ и брани со акумулации,
– градење на нафтоводи, продуктоводи, магистрални гасоводи, гасоводни мерни станици,
– градење на секундарна гасоводна мрежа,
– поставување на оптички кабли за потребите на државните органи,
– градење на железнички пруги и железнички станици, аеродроми, државни патишта и мостови,
– градење на депониии за неопасен и депониии за опасен отпад,
– градење на објекти за потребите на одбраната, државните органи, агенциите и фондовите основани од Република Македонија,
– градење на објекти за потребите на дипломатско-конзуларни претставништва и меѓународни организации,
– градење на технолошки индустриски развојни зони основани од Владата на Република Македонија,
– градење на телекомуникациски центри за прием на сателитски сигнали,
– градење на гранични премини,
– градење на регионални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,
– градење на објекти со инсталации за производство на топлинска енергија,
– градење на езерски и речни пристаништа,
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет од над 10.000 гледачи,
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита,
– градење на населби при големи природни катастрофи (земјотреси, поплави, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување и еколошки причини) и
– експлоатација на минерални суровини од стратешко значење за Република Македонија.

Според ставот 2 на членот 6 од Законот, јавен интерес од значење за Република Македонија согласно со овој закон се утврдува и за експропријација на објекти, постројки и водови за произвдоство, пренос и дистрибуција на природен гас, постројки и системи за производство и дистрибуција на топлинска енергија, како и водостопански објкети и постројки, заради обезбедување на јавна услуга.

Во член 7 од Законот е предвидено дека јавен интерес од локално значење согласно со овој закон се утврдува заради:
– градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита,
– градење на далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 10КВ,
– градење на трамвајски пруги,
– градење на објекти за противпожарна заштита,
– градење на локални водооснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување,
– градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи,
– градење на катни гаражи,
– градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.

Во членовите 6 и 7 од Законот за експропријација децидно се наведени објектите и работите за кои е утврден јавен интерес. Тоа всушност значи дека сите наведени објекти и изведување на работи во јавен интерес (утврден со Закон) следователно треба да бидат опфатени и предвидени со актите за планирање на просторот, односно вградени во деталниот урбанистички план за конкретно подрачје. Оттука, основот и потребата за експропријација, односно одземање или ограничување на правото на сопственост поради постоење на јавен интерес се утврдува со Законот за експропријација или јавен интерес предвиден во друг закон, а потоа во разработка, со цел за реализација на јавниот интерес, истото се предвидува во актите за планирање на просторот. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со актите за планирање на просторот, се утврдувал јавниот интерес, поради што сметаме дека не може да се доведе под сомнение оспорениот дел од член 4 од Законот по однос на уставните норми на кои упатува иницијативата.

Стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон (член 7 од Законот за сопственост и други стварни права). Законот во овој член го поставил начелото според кое стекнувањето, заштитата и престанокот на правата на сопственост на другите стварни права се уредуваат со закон, што е уредено во конкретниов случај со Законот за експропријација. Оспорениот член 5 став 2 од Законот за експропријација предвидува дека јавен интерес се утврдува и за одземање на градежно земјиште на кое право на користење имаат физички лица, а кои според актите за планирање на просторот со кои се дефинира градежна парцела е надвор од дефинираната градежна парцела, а кое не може да биде предмет на приватизација, согласно со Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Според Судот, наведената одредба од Законот за експропријација не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, од причина што во конкретниот став од одредбата на членот 5 од Законот, законодавецот при утврдување на јавниот интерес ги имал во вид одредбите од Законот за градење во делот за категоризација на градби, кои во зависност од нивното значење се поделени на прва и втора категорија и како такви тие објекти и изведување на работите се од значење за Република Македонија и од локално значење со таксативното набројување на објектите и изведувањето на дејствијата, односно работите, со што се утврдува постоењето на јавниот интерес во Законот за експропријација.

Од друга страна, пак, со одредбата на членот 5 став 2, јавниот интерес е предвиден за одземање на право на користење на земјиште од физички лица, на кое земјиште титулар на сопственоста е Република Македонија и при тоа правото на користење на тоа земјиште во постапка предвидена со Законот за експропријација, ќе се одземе само доколку тоа земјиште не може да биде предмет на приватизација во смисла на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Според одредбите на наведениот закон се утврдува постоењето на јавен интерес за одземање на право на користење на градежно земјиште на кое право на користење имаат правни лица, а постапката за одземање на правото на користење се спроведува на начин и постапка согласно одредбите од Законот за експропријација. Имено, градежното земјиште може да се експроприра на начин и под услови определени со прописите за експропријација. Уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес (член 3 став 2 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на РМ“ бр.17/2011).

Членовите 6 и 7 од Законот за експропријација, исто така се поместени во Глава I со наслов: „Општи одредби“ и точка 1 со поднаслов: „Јавен интерес утврден со овој закон“.

Самиот наслов на точката во која се содржани оспорените членови 6 и 7 од Законот, упатува на констатација дека со Законот децидно е дефиниран поимот јавен интерес и таксативно се наведени дејствијата, односно работите кои се преземаат заради остварување на јавниот интерес од значење за Република Македонија, а што е во смисла на член 30 став 3 од Уставот.

Со оспорениот член 6 став 1 алинеја 16 од Законот се предвидува дека јавен интерес од значење за Република Македонија согласно со овој закон се утврдува, меѓу другото, заради градење на објекти и изведување на работи за потребите на државните јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, култтурата, здравството и социјалната заштита.

Членот 7 алинеја 1 од Законот за експропријација предвидува дека јавниот интерес од локално значење согласно со овој закон се утврдува заради градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, науката, културата, здравството и социјалната заштита.

Од анализата на содржината на наведените членови од Законот, а во корелација со одредбите од Уставот на кој упатува иницијативата, според Судот, истите не може да се доведат под сомнение по однос на уставните одредби на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 112 од Уставот. Ова од причина што во истите е утврдено постоењето на јавен интерес, односно со закон се утврдува јавен интерес за градење на објекти за потребите како на државните, така и на општинските јавни служби од наведените области, што е во согласност со уставните норми. Имено, престанокот на правото на сопственост (што е последица на процесот на експропријација) се уредува исклучиво со закон и тоа заради остварување на јавен интерес, кој во Законот за експропријација децидно е утврден и дефиниран.

Во иницијативата се посочуваат повеќе одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, меѓутоа истите не се соодветни по однос на конкретното правно прашање од причина што тие се однесуваат на одредби од Законот за јавни службеници со кои се регулира статусот на вработените во јавните установи.

Со член 7 алинеи 6 и 7 од Законот, е предвидено дека јавен интерес од локално значење согласно овој закон се утврдува заради градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи и градење на катни гаражи.

Според иницијативата по однос на ова конкретно правно прашање дискутабилно е од уставно правен аспект дали градењето на наведените објекти од локално значење претставуваат неопходен јавен интерес или чисто комерцијален интерес.

Ценејќи ги истакнатите наводи во иницијативата vis a vis содржината на оспорените одредби од Законот, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што Законот децидно утврдува постоење на јавен интерес за изградба на наведените објекти од локално значење, што е интенција и обврска на законодавецот во смисла на уставните одредби. Имено, Уставот не кореспондира со изразот „неопходен“ јавен интерес, од причина што право е на законодавецот да го утврди постоењето на „јавниот интерес“ што со оспорените членови е сторено.

Од анализата на членот 30 од Уставот, јасно произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон. Притоа, со Уставот не е дефинирано што се подразбира под терминот „јавен интерес“ и врз основа на кои критериуми тој се утврдува со закон и оценката за тоа што е јавен интерес,но затоа,пак, Уставот на Република Македонија на законодавецот му дал дискреционо право да оцени кога постои јавен интерес. Токму во оваа смисла, со Законот за експропријација, е утврден децидно јавниот интерес за експропријација на сопственоста и таксативно се наброени и поблиску определени видовите на објекти кои се од значење за Република Македонија или пак од локално значење, на кои може да се врши експропријација, притоа определувајќи го степенот и видот на одземање или ограничување на сопственоста. Оттука, оспорените одредби претставуваат операционализација на членот 30 став 3 од Уставот на Република Македонија, бидејќи целта на донесување на Законот за експропријација е регулирање на односите во сферата на експропријацијата и во тие рамки редефинирање на одредени сегменти како што е јавниот интерес.

Законот за експропријација во својата содржина предвидува потполна и непотполна експропријација и други ограничувања на правото на сопственост.

Со потполната експропријација се врши одземање на правото на сопственост, а за реализација на јавен интерес од значење за Република Македонија од физички и правни лица и единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, а по одземањето се заснова право на сопственост на Република Македонија, во која насока беше погоре елаборирано.

За разлика од потполната експропријација, со непотполната не се одзема правото на сопственост на физички и правни лица, туку се ограничува со востановување право на службеност.

Оспорениот член 33 од Законот е поместен во Глава II, со наслов: „Постапка за експропријација“ и точка 7, со поднаслов: „Владение на експроприраната недвижност“.

Според став 1 од овој член на Законот, предлагачот на експропријацијата се стекнува со владение на експроприраната недвижност во рок од 8 дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата од членот 30 на овој закон), ако предлагачот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со правосилноста на решението од членот 31 од овој закон.

Во Член 30 став 1 од Законот е предвидено дека расправата може да заврши со спогодба за надоместок (порамнување), а во ставот 2 од истиот член на овој закон се предвидува дека со спогодбата од ставот 1 на овој член се определува видот на надоместокот (плаќање во пари или давање на друга соодветна недвижност), висината на тој надоместок, ако е утврден во пари и рокот во кој треба да биде исплатен.Според став 3 на член 30 од Законот спогодбата се внесува во записник кој ги содржи сите податоци неопходни за исполнување на обврските на предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста или носителот на други имотни права, а во смисла на став 4 на истиот член од Законот спогодбата е склучена кога двете страни ќе го потпишат записникот. Во ставот 5 на членот 30 од Законот стои дека спогодбата е основ за запишување на правото на сопственост на предлагачот на експропријација, според ставот 6 на истиот член од Законот спогодбата од ставот 4 на овој член има својство на извршна исправа, а со склучувањето на спогодбата се смета дека постапката за експропријација и постапката за определувањето на надоместокот се правосилно завршени.

Во член 31 став 1 од истиот закон се предвидува дека ако не се постигне спогодба од членот 30 од овој закон, органот за експропријација во зависност од фактите утврдени во постапката ќе донесе решение за експропријација,а според став 2 на овој член од законот решението со кое се усвојува предлогот за експропријација содржи податоци за: – предлагачот на експропријацијата, – недвижноста што се експроприра, со наведување на податоци од катастарот на недвижностите, – сопственикот на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште), – носителите на други имотни права на недвижноста (лично име или назив, живеалиште, престојувалиште, односно седиште) и – градењето на објектот или изведувањето на работи за кои се предлага експропријацијата.

Со оспорениот став 2 на членот 33 од Законот, се предвидува дека по исклучок од ставот 1 на овој член Владата на Република Македонија на образложен предлог на предлагачот на експропријацијата може да одлучи недвижноста да се предаде во владение на предлагачот на експропријацијата пред правосилноста на решението за експропријација, а по конечноста на решението за експропријација, ако оцени дека тоа е неоходно заради итност за градење на објекти или изведување на работи од членовите 6 и 7 од овој закон, или заради отстранување на позначителна материјална штета и опасност по здравјето на луѓето и животната средина.

Ставот 3 на овој член од Законот предвидува дека ако предлагачот на експропријацијата влегол во владение на експрорираната недвижност пред правосилноста на решението, а предлогот за експропријација во натамошната постапка ќе биде правосилно одбиен, предлагачот на експропријацијата е должен на соственикот да му ја врати недвижноста во рок од 15 дена по павосилноста на решението со кое е одбиен предлогот за експропријација,ако недвижноста постои, како и да му ја надомести штетата настаната со влегување во владение на недвижноста, односно ако недвижноста не постои или не може да му се врати, да му ја надомести штетата.

Членот 30 став 4 од Уставот предвидува дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од анализата на содржината на оспорениот член 33 од Законот, јасно произлегува дека само во исклучителни случаи (случаи на итност поради отстранување на значителна материјална штета или опасност по здравјето и животната средина) по претходна одлука на Владата на Република Македонија, а во случаи кога е спроведена управна постапка во која е донесено конечно решение може да се влезе во владение на експроприраната недвижност.

Според Судот, оспорената одредба на членот 33 од Законот е во корелација со членовите 6 и 7 од Законот, во кои децидно и таксативно се наведени објектите од јавен интерес. Имено, практичната примена на ставот 2 на член 33 од Законот се реализира исклучиво само во случаи кога е неопходно преземање на одредени итни дејствија во однос на недвижноста, а со цел реализација, односно исполнување на дефинираниот поим со овој закон на терминот јавен интерес. Од суштинско значење е и обврската на предлагачот на експропријацијата да ја образложи и докаже потребата од итност за влегување во владение на недвижноста, по што Владата на Република Македонија треба да се произнесе по конечноста на Законот за експропријација. Оспорениот став 3 на член 33 од Законот, истовремено, предвидува заштита на сопственоста на надвижноста на начин што предвидува надомест на штетата настаната со влегување во владение на недвижноста, која ја опфаќа и вредноста на недвижноста, доколку истата не може да му се врати во првобитната состојба, односно во состојба во која била пред да биде предадена во владение на предлагачот на експропријацијата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.181/2012
13 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply