158/2012-0-0

У.бр.158/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 2 од Заклучокот за усвојување на Информацијата за спроведување на Одлуката за реонизација во основните училишта во општина Карпош за учебната 2011/2012, бр.07-2849/18 од 27 април 2012 година, донесен од Советот на општина Карпош, објавен во „Службен гласник на општина Карпош“ бр.5/2012).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50 став 2, во делот: „ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува“ од Законот за основното образование („Службен весник на РМ“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011 и 6/2012).

3. Стамен Филипов и Анета Мркева, двајцата од Скопје,до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точка 2 од ова решение, односно уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот законски дел се повредувал член 44 од Уставот на Република Македонија, како и член 9 од Уставот, од причина што со истиот се вршела дискриминација на начин што некои родители добивале согласност за запишување од училиштето, а некои не, ниту пак добивале образложение за недобивањето на таква согласност.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот законски дел се злоупотребувал од страна на општина Карпош, и при тоа во прилог на иницијативата подносителите на иницијативата доставуваат образец од изјава која биле должни родителите на населба Хром да ја пополнат при запишувањето на нивните деца во ОУ „Димо Хаџи Димов“ од Скопје.

Подносителите на иницијативата, исто така, наведуват дека одредбата на член 50 став 2 од Законот за основното образование не била потполна од причина што во истата не била предвидена правна заштита во случај кога родителот нема да добие согласност од училиштето во кое сака да го запише детето, да има право на правен лек.

Оспорената точка 2 од Заклучокот, според иницијативата била во спротивност со член 27 ставови 1 и 3 од Уставот, бидејќи со пропишувањето и условувањето дадено во точката 2 од Заклучокот се доведувало во прашање загарантираното право на секој граѓанин на Република Македонија да има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Имено, ваквото право, според член 27 од Уставот, може да се ограничи само со закон, а не со оспорениот заклучок, од што произлегувало дека Советот на општина Карпош ја пречекорил својата службена положба и против уставно ја презел законодавната функција на Собранието на РМ.

4. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 2 од Законот за основното образование родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува.

Заклучокот за усвојување на Информацијата за спроведување на Одлуката за реонизација во основните училишта во општина Карпош за учебната 2011/2012, содржи 4 точки, кои според својата содржина гласат:

1) Се усвојува Информацијата за спроведување на Одлуката за реонизација во основните училишта во општина Карпош за учебната 2011/2012.

2) Услов за запишување на учениците во основните училишта од подрачјето на општина Карпош, да биде и периодот на живеење во реонот на основното училиште не помалку од една година, како и докази за сопственост на стан или договор за закуп и лична карта на родителите.

3) Заклучокот да се достави до општинските основни училишта на подрачје на општина Карпош.

4) Овој Заклучок влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Карпош“.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во член 27 од Уставот се предвидува дека секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избере местото на своето живеалиште (став 1). Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето (став 3).

Според член 44 од Уставот секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Согласно член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот се предвидува дека Собранието на РМ донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Законот за основното образование го уредува задолжителното основно образование што се остварува во основните училишта, како и дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем (член 1).

Според член 2 од овој закон, секое дете има право на основно образование, (став 1), и се забранува дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварување на правата од основното воспитание и образование, утврдени со овој закон.

Оспорениот член 50 од Законот е поместен во глава 4 со наслов: „Запишување на учениците“ во која се содржани одредбите од член 45 – 52.

Според член 46 од Законот:

(1) Децата во прво одделение во основното училиште се запишуваат во месец мај за следната учебна година.
(2) При запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.
(3) Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон.
(4) Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување.
(5) Основачот го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците.

Според член 47 од истиот закон:

(1) Во прво одделение на основното училиште родителот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.
(3) Запишувањето на детето, на барање на родителот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште.

Во оспорениот член 50 од Законот е предвидено дека:

(1) Родителот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живееили каде што постојано престојува.
(2) Родителот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува.
(3) Списокот на децата од реонот за запишување во основното училиште се добива од надлежните служби во единицата на локалната самоуправа кои водат евиденција на постојаните и привремените жители.
(4) Списокот од ставот (3) на овој член содржи име и презиме и година на раѓање на детето.
(5) Во текот на школувањето ученикот може да премине во друго основно училиште ако има согласност од училиштето во кое што преминува.
(6) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член не се однесуваат на децата со посебни образовни потреби.

Со член 51 од истиот закон се предвидува дека:

(1) Родителот има право детето со посебни образовни потреби да го запише во основно училиште, освен во случаите кога посебните образовни потреби на детето се такви што тоа треба да следи настава во посебно основно училиште.
(2) Начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта го утврдува министерот, по предлог на Бирото.

Анализирајќи ја содржината на оспорениот дел на членот 50 став 2 од Законот vis a vis уставните норми со кој се оспорува, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, сметаме дека истите се неосновани од следниве причини:

Членот 41 став 4 од Законот децидно предвидува дека бројот на ученици во паралелката е од 24 до 34. Според став 5 на овој член од Законот паралелката може да се формира и со помалку ученици по добиена согласност на основачот.

Со оглед дека законодавецот го ограничил бројот на учениците во паралелкатта од 24 до 34 ученика (член 41 став 4 од Законот за основното образование) основното училиште има обврска да ги запише учениците од својот реон, а само доколку има слободни места за запишување може да запише ученици од друг реон. Доколку нема слободни места за запишување основното училиште ќе направи прекршок доколку даде согласност за запишување на ученик од друг реон или од друга општина и со тоа го зголеми бројот на учениците во паралелката повеќе од 34.

Законодавецот со ваквото законско решение го имал во предвид и статусот на вработените во основните училишта, односно имал во предвид дека доколку би немало реонизација и би постоело стихијно запишување на учениците, во одредени училишта би се појавил вишок на кадар, а во одредени училишта недостаток на кадар, што би претставувало додатно оптоварување на буџетите на општините, со оглед дека платите на вработените во основните училишта се исплаќаат од блок дотациите на општините, а формулата за висината на блок дотацијата се изведува основно од бројот на учениците во основните училишта на своето подрачје.

Со вакво законско решение не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на РМ утврдени во член 44 од Уставот на Република Македонија, односно на ниедно дете не му е оспорено правото на основно образование под еднакви услови.

Ова дотолку повеќе што ограничувањето на бројот на учениците во паралелките и начинот на кој што се врши тоа, со реонизација, е во насока на постигнување на целта на овој закон, a тoa e уредувањето на начинот на вршење на дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем и истовремено постигнување на успешен хармоничен, интелектуален, емоционален и социјален развој на учениците.

Во корелација со пропишување на бројот на учениците во паралелките истовремено е и постапката при запишување на детето во училиштето која е регулирана во членовите 48 – 50, како и правото на родителот да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее и каде што постојано престојува. Оттука, според Судот оспорениот дел на член 50 став 2 од Законот, не е во спротивност со уставните норми на кои се повикува иницијативата, од причина што училиштето дава согласност за запишување на дете на друг реон по претходна оценка на фактичката состојба, односно број на ученици по паралелки и доколку има услови, оценка е на училиштето за давање на таква согласност.

6. По однос на наводите содржани во иницијативата за точката 2 од Заклучокот донесен од Советот на општина Карпош, Судот оцени дека се основани.Ова, од причина што оспорениот подзаконски акт основано може да се доведе под сомнение по однос на Уставот на Република Македонија и Законот за основното образование бидејќи законодавецот децидно ги набројал условите за запишување на учениците во основните училишта, меѓу кои е и правото на родителот да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува, но не и периодот на живеење на територијата на општината.

Определувањето на услов за запишување на учениците во основните училишта од подрачјето на општина Карпош, да биде и периодот на живеење во реонот на основното учииште не помалку од една година, како и обврската за доставување на докази за сопственост на стан или договор за закуп и лична карта на родителите, според Судот, е надвор од законските рамки и на овој начин со оспорениот подзаконски акт се врши ограничување на правото на граѓаните, кое може да се врши исклучиво со закон, а не со подзаконски акт. Подзаконскиот акт може да биде само операционализација на законот, но не и истиот да утврдува права и обврски, како што е сторено со оспорениот акт на општина Карпош.

Од причина што со оспорениот подзаконски акт се излегува надвор од рамките на Законот за основното образование, а истиот е донесен во смисла на член 46 став 5 од Законот за основното образование, според кој основачот го утврдува реонот на основните училишта од кои се запишуваат учениците, а не и периодот на живеење во реонот како услов за запишување на учениците, Судот оцени дека истите основано може да се доведат под сомнение со уставните норми и Законот за основното образование.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.158/2012
30 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply