182/2012-0-0

182/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 179 од Законот за работните односи (”Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012 и 39/2012).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба според која работниците повозрасни од 57 години жени и 59 години мажи, уживаат посебна заштита согласно со овој и друг закон, била тотално нејасна, неразбирлива и крајно непрецизна, празна норма без содржина, обична фраза. Ова затоа што од истата не можело да се утврди и разбере во што се состоела посебната заштита на повозрасните работници, која наводно ќе ја уживале. Тоа одредбата ја правело нејасна, недефинирана и неопределива, така што во отсуство на прецизност и јасност, оставала простор за арбитрерност и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните – повозрасни работници, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради непрецизноста на одредбата, прашање било дали во практика можела да се примени одредбата од член 265 став 1 точка 17 од истиот закон со која се предвидува изрекување на глоба на работодавачот за прекршок ако на повозрасните работници не им обезбеди заштита во согласност со овој закон.

Дека не била добро и прецизно формулирана оспорената законска одредба, упатувала и одредбата на член 180 од истиот закон, според која на повозрасниот работник работодавачот без согласност на работникот не смее да му одреди прекувремена или ноќна работа, што била сосема добра норма, за разлика од оспорената, како што било наведено претходно.

Поради наведеното, оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 32 и член 51 од Уставот, па се предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 179 од Законот за работните односи, работниците повозрасни од 57 години жени и 59 години мажи, уживаат посебна заштита, согласно со овој и друг закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1).

Со член 120 од Законот се уредува материјата поврзана со забрана на вршење работа подолго од полното работно време, па според точката 4 од овој член, работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време на повозрасен работник.

Според член 137 од Законот, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена (став 1). Годишниот одмор од ставот 1 на овој член со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена (став 2). Повозрасен работник од членот 179 на овој закон, инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор (став 3).

Во Главата XII ПОСЕБНА ЗАШТИТА од Законот, е систематизиран член 162 со кој се уредува материјата која се однесува на забрана за вршење работа за време на бременост, по породување и на работници од специфични ризични групи. Така, во ставот 4 на овој член, покрај работничките за време на бременост и уште една година по породувањето, како специфични и ризични групи се сметаат и младите лица, повозрасните работници и инвалидните лица. Според став 5 на истиот член, работодавачот е должен кај сите работи и на работните места поврзани со специфичен ризик од изложување на работниците од специфичните ризични групи на штетното дејство на физичките, хемиските, биолошките фактори, влијанија и процеси да ги процени сите ризици за нивната безбедност и здравје и врз основа на стручна процена на соодветниот лекар за здравствената состојба, за подготвеноста на работниците од специфичните ризични групи и да одлучи за усвојување на соодветни мерки. Според став 6 на истиот член, работодавачот е должен да ги изврши обврските од ставот 1 на овој член, пред доделување на работните задачи на работниците од специфичните ризични групи и при суштинска промена на работните услови при што особено ќе ги земе предвид опременоста и распоредот на работното место, природата, степенот и времетраењето на изложување на физичките, биолошките и хемиските фактори и влијанија, видот, опсегот и начинот на користење на работните средства, постапки и организација на работата, нивото на стручната подготовка и обуката на работникот.

Главата XV ПОСЕБНА ЗАШТИТА НА ПОВОЗРАСНИ РАБОТНИЦИ, содржи два члена, член 179 и член 180. Според член 179 од Законот, работниците повозрасни од 57 години жени и 59 години мажи, уживаат посебна заштита, согласно со овој и друг закон. Според член 180 од Законот, на повозрасниот работник работодавачот без согласност на работникот не смее да му одреди прекувремена или ноќна работа.

Во Главата XXVI ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ, во член 265 став 1 од Законот е пропишано дека глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице ако:
– на работникот му нареди да работи со подолго работно време од работното време определено со закон, не води или неправилно води евиденција на работното време и на прекувремената работа и не го извести инспекторот за воведување на прекувремена работа (членови 116, 117, 119 и 120) – точка 11;
– на работникот не му обезбеди пауза за време на работното време, одмор меѓу два последователни дена, неделен и годишен одмор во согласност со овој закон и не издаде решение за годишен одмор (членови од 132 до 156) – точка 14;

– на инвалидите и на повозрасните работници не им обезбеди заштита во согласност со овој закон (членови од 177 до 180) – точка 17.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, како и од содржината на оспорениот член, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека оспорената одредба од член 179 од Законот била нејасна, недефинирана и неопределива, дека оставала простор за арбитрерност и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните. Ова од причина што оспорената одредба од Законот не може да се гледа изолирана сама за себе, како што тоа го прави подносителот на иницијативата, туку треба и единствено може да се гледа во корелација на целината на одредбите од Законот за работните односи со кои се уредуваат правата и обврските на работниците, вклучително и посебните права на повозрасните работници.

Со оспорениот член 179 од Законот се дефинира категоријата повозрасни работници во смисла на Законот за работни односи (работнички жени повозрасни од 57 години и работници мажи повозрасни од 59 години), при што се определува дека оваа категорија работници уживаат посебна заштита, согласно овој или друг закон. Посебната заштита на оваа категорија работници утврдена со Законот за работни односи се однесува на забрана за работа подолга од полното работно време (член 120 точка 4), односно забрана за одредување на прекувремена или ноќна работа без согласност на повозрасниот работник (член 180), право на подолг годишен одмор за три дена (член 137 став 3) и обврска на работодавачот да усвои соодветни мерки за заштита на нивната безбедност и здравје (член 162). Во функција на фактичко обезбедување на посебната заштита на повозрасните работници, определено е дека непочитувањето на наведените одредбите за посебна заштита на повозрасните работници претставува прекршок за кој на работодавачот му се изрекува соодветна глоба (член 265). Покрај наведената посебна заштита, законодавецот оставил можност посебна заштита за оваа категорија вработени да може да биде утврдена и во друг закон.

Тоа значи дека законодавецот, во согласност со член 32 став 5 од Уставот, со Законот за работните односи, во повеќе одредби од Законот ја уредил посебната заштита на повозрасните работници, како право од работен однос, поради што Судот оцени дека материјата за посебната заштита на повозрасните работници е јасно и недвосмислено уредена и дека оспорениот член 179 од Законот, како еден од членовите со кој се уредува оваа материја, не остава простор за арбитрерност и правна несигурност на граѓаните, како што се наведува во иницијативата.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 179 од Законот за работните односи со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 32 и член 51 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.182/2012
30 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply