169/2012-0-0

169/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор на акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д.-Скопје, бр. 02-394/2 од 01.03.2012 година, во целина и посебно

2. Адвокат Игор Арнаутовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата, оспорениот колективен договор го оспорува во целина, како спротивен на член 219 ставовите 1 и 2, член 207 и член 210 ставовите 1 и 2 од Законот за работните односи, од причини што имал различен датум на архивирање и потпишување, односно прво бил архивиран (бр.02-394/2 од 01.03.2012 гдодина), а потоа потпишан (12.03.2012 година), што според постапката за преговарање и потпишување не било можно, поради што вака потпишаниот колективен договор (со антидатирање) не бил колективниот договор за кој страните преговарале. Спорно било и постоењето на субјект на преговори од страна на синдикатите кои учествувале во постапката за склучување на Колективниот договор, односно постапката ја започнал одбор за преговори сочинет од три репрезентативни синдикати, а потоа еден од нив ја напуштил постапката, поради што одборот за преговори престанал да постои и доаѓало до прекин на преговорите и не би можело да дојде до склучување на колективен договор, како што било во конкретниот случај.

Членот 5 од оспорениот колективен договор бил спротивен на член 14 од Законот за работните односи, затоа што не ги предвидувал исклучоците за вработување на определено време и во крајна линија можел да биде понеповолен за некои кандидати за вработување или вработени. Предвидувањето на вработување единствено и само на неопределено време било директно кршење на законската одредба.

Членот 7 од оспорениот колективен договор со кој се предвидувало при пополнувањето на слободните работни места да се даде предност на веќе вработените, претставувал типичен случај на прераспоредување на работник, а не на ново вработување, со што се вршела дискриминација кон кандидатите за вработување кои не биле вработени кај работодавачот, поради што одредбата била спротивна на член 6 став 1 и член 7 од Законот за работните односи.

Оспорениот член 14 став 1 точка 6 од Колективниот договор подржувал мито и корупција на работниците од страна на трети лица, а во врска со работните задачи, затоа што предвидувал вработениот да може да земе подарок во износ од 100 евра, без да има критериум по кој ќе се цени вредноста на подарокот и ограничување на бројот на примени подароци. М-НАВ била јавно претпријатие и извршувала јавна општествена функција, поради што оспорената одредба била спротивна на членовите 357, 358 и 358-а од Кривичниот законик.

Предвидувањето на рекреативен одмор само за одредена категорија работници, а не за сите вработени, претставувало дискриминација по основ на одморот, поради што член 43 од Колективниот договор бил спротивен на член 7 став 2 и став 4 точка 4, како и на член 137 ставовите 1 и 2 од Законот за работните односи.

Начинот на определувањето на критериумите за висината на платата преку сложеност на работното место утврдени со член 46 од Колективниот договор, претставувале само основен водич и рамка за понатамошно определување на висината на платата. Без конкретно определување на сложеноста на работата за секое одделно и конкретно работно место, членот бил само описно четиво без поголемо значење. Понатаму, во ставот 5 на овој член се предвидувало дека коефициентите за различните звања биле службена тајна. Колективниот договор по ниту еден основ не можел да содржи тајни одредби, поради што ваквата регулатива претставувала повреда на член 232 од Законот за работните односи и била ништовна.

Членот 73 од Колективниот договор кој се однесувал на трајно губење на способноста за извршување на работните задачи бил незаконски, затоа што се однесувал само на одредена група на вработени кај кои ќе се утврди здравствена или професионална неспособност за вршење на работите, а не за сите вработени, со што се овозможувало дел од вработените да уживаат поголеми права од другите вработени. Поради тоа, оваа одредба била во спротивност со член 7 став 2, став 3, став 4 точките 3 и 4 од Законот за работните односи.

Со член 123 став 1 од Колективниот договор се вметнувала анти-штрајк клаузула, со што одредбата била спротивна на член 38 од Уставот и на член 236 став 1 од Законот за работните односи.

Членот 116 став 1 од Колективниот договор, според кој на синдикалните претставници, за време на извршување на таа должност и две години по престанување на должноста, без нивна согласност односно без согласност од репрезентативниот синдикат, не е можно да се откаже договорот за вработување, била во спротивност со член 200 став 3 од Законот за работните односи, според кој согласноста за раскинување на договорот за работа се барал од синдикатот кој го избрал синдикалниот претставник, а не од конкурентниот синдикат во компанијата кој бил репрезентативен, како во овој случај. Ставот 4 на истиот член, според кој на синдикатот кој има најголем број на членови му припаѓа право на заштита од овој член за два носители и на тоа право, а останатите синдикати имаат право на по еден носител на правото од овој колективен договор, бил директно во спротивност со член 199 став 2 и член 200 од Законот за работните односи и член 39 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот колективен договор и да го укине или поништи во целост или да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на посебно оспорените одредби и истите да ги укине или поништи како неуставни и незаконски.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје и синдикалната организација при М-НАВ АД Скопје – Контрола на летање и синдикалната организација при М-НАВ АД Скопје – Воздухопловен персонал, склучиле Колективен договор на акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д.-Скопје, бр. 02-394/2 од 01.03.2012 година.

Содржината на Колективниот договор е систематизирана во 129 члена, поделени во петнаесет глави (Основни одредби, Склучување на договор за вработување, Работно време, Одмори и слободни денови, Плата и додатоци на плата, Социјален бенефит, Заштита на работниците привремено или трајно неспособни за работа, Известување, Престанок на договорот за вработување, Заштита на работа, Заштита на правата на работниците, дејствата и условите за работа на синдикатот, Мирно решавање на колективните работни спорови, Штрајк и Преодни завршни одредби).

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Страните кои учествувале во склучувањето на оспорениот колективен договот (Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје и синдикалната организација при М-НАВ АД Скопје – Контрола на летање и синдикалната организација при М-НАВ АД Скопје – Воздухопловен персонал), со свои акти (бр. 02-1801/1 од 11.12.2012 година), го известија Уставниот суд на Република Македонија дека е потпишан нов колективен договор кој се применува од 10.12.2012 година и дека оспорениот колективен договор повеќе не е во важност.

Според член 130 од новиот колективен договор, бр. 03-1793/1 од 10.12.2012 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ АД Скопје – Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, со денот кога започнува да важи овој колективен договор, престанува да важи Колективниот договор потпишан на датум 12.03.2012 година.

Со оглед на фактот дека Колективниот договор на акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д.-Скопје, бр. 02-394/2 од 01.03.2012 година, кој се оспорува со иницијативата, престанал да важи со донесување на нов Колективен договор бр. 03-1793/1 од 10.12.2012 година, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.169/2012
30 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply