176/2012-0-0

У.бр.176/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и член и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 3, 4 и 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.131/2012).

2. Ивон Величковски, пратеник во Собранието на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 3,4 и 6 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените одредби се повредувал членот 8 став 1 алинеите 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, односно правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, како и членот 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и наследување.

Подносителот на иницијативата најпрво ги цитира наведените уставни одредби, ја цитира содржината на одредбите од Законот за експропријација кои биле во правниот поредок до извршените измени, односно до донесување на измената на Законот со кои се бришани одредбите на членовите 8, 12 и 26 точка 1 од Законот за експропријација. Според подносителот на иницијативата со бришењето на наведените одредби се создавала правна несигурност кај носителот на правото на сопственост на недвижноста која е предмет на експропријација.

Со тоа како прво се нарушува неприкосновеното право на сопственост гарантирано со Уставот на начин што се бришат одредбите од договорната регулатива на односите во постапките за експропријација и се прескокнува важна фаза за заштита на правото на сопственост кое претставува основно човеково и граѓанско право.

Второ, се нарушува слободата на претприемништвото која во многу зависи од можноста граѓанинот да го владее својот имот, да го користи на начин соодветен на намената и слободата да располага со него.

Преку бришењето на одредба од член 8 и член 12 од Законот за експропријација на сопственикот на недвижност директно му се оневозможува да презема определени претприемачки активности и да вложи во својот имот.

Со бришењето на точката 1 од член 26 од Законот се крати важен дел од постапката за експропријација, оставајќи простор за дискреционо одлучување кое не е предвидено со Уставот, односно е исклучено согласно членот 30 од Уставот.

Со ова, постапката за експропријација се сведува исклучиво на одредбите од Законот за вонпарнична постапка, со што се остава можност оваа постапка да се развлече со години и сопственикот на недвижност која е предмет на експропријација да се најде пред состојба да бара да се определи надомест за недвижност врз која е веќе изграден некаков објект. Во таков случај се применуваат поинакви правни правила, додека правото на сопственоста ќе остане без соодветна заштита.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 во делот 2. „Начело на договарање“ било предвидено дека „Пред да се пристапи кон поднесување на предлог за експропријација, предлагачот е должен да ги примени одредбите од договорното право т.е. на носителот на правото на сопственост на недвижноста предвидено за градење на објекти или изведување на работи од јавен интерес, да му понуди склучување на договор за размена или договор за продажба.

Со оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.131/2012) е предвидено: Насловот пред членот 8 и членот 8 се бришат.

Во членот 12 од Законот за експропријација било предвидено дека:

(1) Инвеститорот на линиска инфраструктурна градба пред поднесување на предлог за востановување право на службеност, на сопственото земјиште треба да му понуди склучување на договор за востановување право на службеност, согласно со одредбите од Законот за сопственост и други стварни права и Законот за облигациони односи.

(2) Доколку не дојде до склучување на договор од ставот (1) на овој член инвеститорот на линиската инфраструктурна градба поднесува предлог за востановување на право на службеност.

Со оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување членот 12 се брише.

Во членот 26 став 1 точка 1 од Законот за експропријација покрај другото било предвидено дека: Со предлогот за експропријација се поднесува 1) доказ дека предлагачот на експропријацијата му понудил на сопственикот на недвижноста договорно да го реши прашањето за стекнување на правото на сопственост на недвижност што треба да биде предмет на експропријација (писмена понуда за склучување на договор за размена или договор за продажба).

Во оспорениот член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација е предвидено дека во членот 26 точка 1 се брише.

4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, произлегува дека тоа не се норми кои уредуваат односи, туку норми кои констатираат престанок на важење на делови од одредби кои во минатото биле во содржината на законот, односно одредбите со кои се уредувало одредено право на конкретен и со закон утврден начин, па оттука Судот смета дека тие норми не се подобни за уставно судска анализа.

Во конкретниов случај, со иницијативата се бара Судот да ги укине оспорените одредби од Законот и да ги врати во важност претходно важечките одредби (насловот пред членот 8 и членот 8, членот 12, и членот 26 точка 1) кои ги содржеле деловите кои со оспорените одредби се бришани
.
Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени уставната основаност на бришаните одредби и од друга страна уставната основаност на одредбите со кои тие биле бришана од Законот, како и оправданоста на овие законски решенија, Судот утврди дека во конкретниот случај исполнети се условите од членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска,Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.176/2012
23 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply