174/2012-0-0

174/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за забрана за трошење на буџетски средства за јавни набавки со исклучок на јавни набавки за зимско одржување, сол и ризла и забрана за трошење на буџетски средства за репрезентација, бр.07-3474/1 од 01.10.2012 година, донесена од советот на општина Сопиште и потврдена со Одлука на истиот совет, бр.07-3810/1 од 18.10.2012 година.

2. Градоначалникот на општина Сопиште, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 28 од Законот за јавни набавки, според кој за потребата од јавна набавка одлучува договорниот орган. Поради тоа, советот на општина Сопиште не бил договорен орган ниту пак во негова надлежност било да одлучува за потребата од јавна набавка ниту пак за поништување на истата.

Оспорената одлука не била во согласност и со член 30 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, според кој за извршување на Буџетот е одговорен градоначалникот на општината.Тоа значело дека во надлежност на советот не било да донесува одлуки за забрана за трошење на буџетски средства, бидејќи за тоа одговорен бил градоначалникот на општината.

3. Судот на седницата утврди дека советот на општина Сопиште на седницата одржана на 26.09.2012 година, врз основа на член 36 и член 62 став 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ бр5/2002) има донесено Одлука за забрана за трошење на буџетски средства за јавни набавки со исклучок на јавни набавки за зимско одржување, сол и ризла и забрана за трошење на буџетски средства за репрезентација.

Според член 1 од Одлуката, се донесува Одлука за забрана за трошење на буџетски средства за јавни набавки со исклучок на јавни набавки за зимско одржување, сол и ризла и забрана за трошење на буџетски средства за репрезентација.

Според член 2 од Одлуката, оваа одлука да се достави до Министерството за финансии на Република Македонија.

Според член 3 од истата одлука, оваа одлука влегува во сила во рок од осум дена од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Сопиште “.

Одлуката е заведена под број бр.07-3474/1 од 01.10.2012 година.

Градоначалникот на општина Сопиште, повикувајќи се на член 51 став 1 од Законот за локална самоуправа, донел Решение бр.08-3474/2 од 04.10.2012, за запирање на објавувањето на оваа одлука. Во образложението на Решението е наведено дека Одлуката не била во согласност со член 28 од Законот за јавни набавки, односно дека советот немал законски овластувања да одлучува за потреба од јавна набавка ниту пак за поништување на истата и дека Одлуката за постапка за доделување на договор за јавна набавка ја донесува градоначалникот на општината. Исто така, Одлуката не била во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за локалната самоуправа.

Советот на општина Сопиште, на седницата одржана на 18 октомври 2012 година, повторно донел Одлука за забрана за трошење на буџетски средства за јавни набавки со исклучок на јавните набавки за зимско одржување, сол и ризла и забрана за трошење на буџетски средства за репрезентација, бр.07-3810/1 од 29.10.2012 година.

Оваа одлука е објавена во „Службен гласник на општина Сопиште“ бр.14 од 13 ноември 2012 година и влегла во сила на 21 ноември 2012 година.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во однос на оспорената одлука, Судот го имаше предвид карактерот на донесената одлука, од аспект на нејзиното важење, имајќи го предвид периодот на кој истата се однесува. Имено, иако тоа децидно не е наведено во одлуката, според нејзината содржина, а во однос на законската регулатива според која буџетот на општината се донесува за една календарска година, основано произлегува дека истата се однесува на прашања поврзани со буџетот на општината за 2012 година. Оттука, треба да се има предвид дека според постапката за нејзино донесување, Одлуката влегла во сила на 21 ноември 2012 година и се однесува на буџетот на општината за 2012 година, кој има важност до 31 декември 2012 година. Тоа значи дека станува збор за одлука од темпорален, времен карактер, која се исцрпува со завршување на календарската година, која истовремено е и буџетска година, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.174/2012
9 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply