159/2012-0-0

159/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за поништување на Одлуката бр. 07-2600/1 од 12.07.2012 година и запирање на постапката објавена во Службен весник и Бирото за јавни набавки за доделување на Договор за јавно-приватно партнерство – донесена од страна на Советот на општина Сопиште, бр.07-2600/3 од 25 јули 2012 година и објавена во (Службен гласник на Општина Сопиште бр.11 од 23 август 2012 година).

2. Јован Ѓорѓијоски во својство на градоначалник на Општина Сопиште до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата Советот на Општина Сопиште на седницата на 12 јули 2012 година донел Одлука за започнување на постапка за доделување на Договор за јавно-приватно партенрство за улично осветление на територија на општина Сопиште. Одлуката била донесена врз основа на член 17 од Законот за концесии и други видови јавно-приватно партнерство и врз основа на одлуката започнала постапка од страна на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на договор за јавно-приватно партнерство и бил објавен оглас во Службен весник на Република Македонија и Бирото за јавни набавки.

Советот на општина Сопиште на наредната седница донел Одлука за поништување на горенаведената одлука и за прекин на постапката објавена во Службен весник и Бирото за јавни набавки. Подносителот на иницијативата како градоначалник на општината Сопиште донел Решение за запирање на Одлуката за поништување на Одлуката за започнување на постапка за доделување на Договор за јавно приватно партнерство за улично осветление на територијата на општина Сопиште, но и покрај тоа на наредната седница повторно била донесена одлука за поништување, иако во меѓувреме постапката започнала и економските оператори почнале да подигнуваат тендерска документација.

Во дополнението на иницијативата се наведува дека Одлуката за поништување на Одлуката за започнување на постапка за доделување на Договор за јавно приватно-партнерство за улично осветление на територијата на општина Сопиште не е во согласност со член 21 алинеја 9 од Законот за концесии и јавно-приватно партнерство и на член 169 став 3 од Законот за јавните набавки, од причина што согласно наведените одредби одговорното лице кај договорниот орган донесува одлука за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка, а Советот на општина Сопиште не бил одговорно лице кај договорниот орган, односно такво лице бил градоначалникот и само тој можел да донесе одлука за поништување на постапката.

4. Судот на седница утврди дека Одлуката има два члена.
Според член 1 од Одлуката, се поништува Одлуката бр.07-2600/1 од 12.07.2012 гдона донесена на 55 седница на Советот на општина Сопиште за започнување постапка за избор на приватен партнер и се запира постапката објавена во Службен весник и бирото за јавни набавки за доделување на договор за јавно-приватно партнерство по отворен повик, за реконструкција, модернизација и одржување на јавното осветлување во Општина Сопиште.

Во членот 2 е определено дека оваа одлука влегува во сила во рок од 8 дена од денот на објавувањето во „Службен гласник на
Општина Сопиште“.

5. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на оспорената одлука произлегува дека оспорената одлука нема карактер на пропис подобен за уставно судска оценка. Оспорената одлука претставува поединечен, односно конкретен акт со кој се поништува претходно донесена одлука од страна на Советот на општина Сопиште за започнување на постапка за доделување на Договор за јавно-приватно партнерство за улично осветление на територија на општина Сопиште и се запира постапката за доделување на договор за јавно приватно партнерство.

Со оглед на тоа што, оспорената Одлука нема карактер на пропис, подобен за уставносудска оцена во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уствниот суд, за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.159/2012
19 декември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply