133/2012-0-0

У.бр.133/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Детален урбанистички план за дел од локалитетот „Буњаковец-1“, УМ-1, УМ-2, УМ-3, УМ-4, УМ-5, УМ-6, УМ-8, УМ-9, УМ-10, УМ-11, УМ-12, УМ-13, УМ-14, УМ-15, УМ-18, УМ-19, УМ-20, УМ-21, УМ-22 и УМ-23, бр.07-3625/14 од 10 мај 2012 година („Службен гласник на општина Центар“ бр.5/2012), донесена од Советот на општина Центар.

2. Јовановска Петра, Симитчиевска Виолета и Јовановска Алексова Мирјана, сите од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата со оспорената одлука било предвидено куќата, која била нивна сопственост повеќе од 40 години, да ја промени намената во парковско зеленило, со што се одземала сопственоста и се повредувало едно од основните начела на Уставот-сопственоста. Ова не смеело да се случи и требало да се најде еднакво решение за сите сопственици на парцели и куќи на тој потег, но во секој случај одземањето на парцелите и куќите би требало се решава според одредбите на друг закон, а не сопственоста да се менува со парковско зеленило преку донесување на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 15 став 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на општина Центар-Скопје и член 26 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011) Советот на општина Центар на 77 седница одржана на 10 мај 2012 година ја донел оспорената одлука.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука се донесува изменување и дополнување на ДУП за дел од локалитет „Буњаковец – 1“ за наведените урбани модули согласно Генералниот урбанистички план, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина на размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Во членот 2 од оодлуката е утврдена површината на просторот за кој се донесува планот (24,14 ха) и дефинирани се границите на зафатот.

Во членот 3 од одлуката е утврдено дека границата на опфатот на планот ја сочинува: документациона основа, планска документација, планска програма на донесувањето на планот, анализа на состојбата и анализа на можностите за просторен развој, биланс на показатели и услови за градба. Понатаму е утврдено што опфаќа графичкиот дел на ДУП и во кој размер е изработен.

Во членот 4 од одлуката е предвидено што претставува составен дел на одлуката со наведувањето на сите акти што биле донесувани од почнување на постапката за донесување на планот до донесување на оспорената одлука.

Во членот 5 од одлуката е предвидено дека ДУП за дел од локалитетот „Буњаковец – 1“, со означените урбани модули се заверува со печат на општината и потпис на претседателот на советот на општината во седум примероци и е определено каде се чуваат истите.

Во членот 6 од Одлуката е предвидено дека Секторот за урбанизам на општина Центар – Скопје во рок од 30 дена е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, а картираните подлоги се предаваат во Агенцијата за катастар на недвижности на чување и користење.

Во членот 7 од Одлуката е предвидено дека таа со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам во општина Центар.

Во членот 8 е предвидено дека Одлуката влегува во сила од денот на објавување во „Службен гласник на општина Центар – Скопје“.

Судот, исто така, врз основа на претходно приложена документација во постапката по друг предмет (У.бр.108/2012), ја утврди следната фактичка состојба:

– Врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и Статутот на општина Центар, Советот на општина Центар на 18 март 2011 година, донел Програма за дополнување на програмата за урбано планирање „Ф“ на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.3/2011). Во програмата, покрај другото, е предвидено да се донесе и ДУП за „Буњаковец – 1“, а поради економски развој на општина Центар, согласно членовите 17 и 24-а ставови 2, 3 и 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање,

– За изработка на изменување и дополнување на ДУП за „Буњаковец – 1“ изготвена е планска програма во ноември 2011 година од страна на ДППИ „Тајфи План“ – Скопје за плански период од 2011 – 2016 година. Планската програма треба да овозмжи изработка на ДУП со кој ќе се уреди намената и начинот на користење на просторот при што основа за изработка на ДУП е ГУП на град Скопје,

– Врз основа на добиениот елаборат односно предлог-план тех.бр.126/11/11 направена е стручна ревизија на изменување и дополнување на Планот и е изготвен извештај за стручната ревизија од страна на АД за урбанизам, архитектура и инженерство „ЗУАС“ Скопје во ноември 2011 година тех.бр.2425/11 година,

– Од страна на „Тајфи План“ изготвен е одговор на стручната ревизија во декември 2011 година,

– Градоначалникоте на општина Центар согласно член 17 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање донел Решение бр.08-1140/1 од 10 март 2011 година со кое е формирана Комисија која дава мислење, предлози за нацрт урбанистички планови и одобрување на планската програма за урбанистичките планови од член 7 точка 2 од Законот,

– Комисијата формирана од градоначалникот на општина Центар по доставениот Предлог-план за изменување и дополнување на сега оспорената одлука по проучување на Предлог-планот доставила мислење на 2 декември 2011 година, заведено во Општината на 6 декември 2011 година бр.08-5093/1 со одредени забелешки,

– „Тајфа-План“ во декември 2011 година изготвил одговор на извршеното стручно мислење од Комисијата, при што во одговорот ги прифатил забелешките од Комисијата, согласно одредбите од член 25 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање на предлог-планови од член 7, пред организирање на јавна презентација и јавна анкета,

– Градоначалникот на општина Центар, врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за локалната самоуправа, Статутот на општина Центар, како и Програмата за дополнување на програмата за урбанистичко планирање „Ф“ (од 18.03.2011 година) донел Решение за јавна презентација и јавна анкета по изменување и дополнување на на предлог-планот бр.08-5092/1 од 6 декември 2011 година,

– Во наведеното решение е утврдено дека соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета ќе биде објавено во „Дневник“ и „Нова Македонија“, јавната презентација ќе се одржи во просториите на ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ на 16 декември 2011 година, дека јавната анкета ќе трае 11 работни дена од 7.12. до 22.12.2011 година, дека Предлог-планот ќе биде изложен на јавно место во просториите на Училиштето „Јохан Х. Песталоци“, како и тоа дека заинтересираните граѓани и правни лица можат да учествуваат на јавната презентација и јавната анкета, а во времетраењето на анкетата ќе можат да бидат дадени забелешки, предлози и мислења,

– Врз основа на член 24 од Законот за просторно планирање и урбанистичко планирање градоначалникот на општина Центар на 6.12.2011 година донел Соопштение бр.08-5092/2 со кое се известуваат граѓаните и правните лица од опфатот на изменување и дополнување на конкретниот ДУП,

– Соопштението за јавна презентација и јавна анкета по предлог- план бр.08-5092/3 од 23 декември 2011 година е објавено во дневните весници „Дневник“ и „Нова Македонија“,

– Врз основа на член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Статутот на општина Центар, градо-началникот донел Решение за формирање на стручна комисија која имала задача да изготви Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација по изменување и дополнувањето на конкретниот ДУП,

– Според Записникот за спроведена јавна презентација бр.25-3097/21 од 26 декември 2011 година на ден 16 декември 2011 година во просториите на ОУ „Јохан Х. Песталоци“ била одржана јавна презентација по изменувањето на ДУП за дел од Локалитет „Буњаковец – 1“ на кој присуствувале претставници на изготвувањето на планот, правни лица како и правници на јавното претпријатие Водовод и претставник на град Скопје,

– Стручната комисија изготвила Извештај од јавната презентација и јавната анкета бр.25-3097/22 од 26 декември 2011 година. Според извештајот во периодот на спроведување на јавната анкета биле доставени 65 анкетни листови од страна на граѓаните и правните лица,

– Стручната комисија формирана од градоначалникот на општина Центар изготвила и Известување за постапување по извештајот по спроведената јавна презентација и јавна анкета за изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитетот „Буњаковец-1“, Предлог-план бр.25-3097/23 од 26 декември 2011 година, кое известување го доставила до изготвувачот на планот кој требало да постапи по забелешките, а прифатените да ги вградат во планот,

Од извадокот-копие на приемната книга (лист) на Македонска пошта е утврдено дека општина Центар на 12 април 2012 година на подносителите на анкетни листови им доставила одговор, при што во пропратното писмо се наведува дека одговорот е составен дел на Извештајот од јавната анкета и јавната презентација. Во пропратното писмо изготвено од општина Центар бр.25-28/14 од 9 април 2012 година е утврдено дека истата е потпишана од членовите на стручната комисија формирана од градоначалникот (бр.25-3097/22 од 26.12.2011 година),

– Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градот Скопје, Градот Скопје Сектор за планирање и уредување на просторот дал позитивно мислење по однос на Предлог-планот бр.13-1084/2 од 9 април 2012 година со образложение дека во Предлогот се вградени основните намени утврдени во ГУП на град Скопје,

– На 22 февруари 2012 година, градоначалникот на општина Центар врз основа на Законот за животна средина донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.08-1863/1 во која е предвидено дека за планскиот документ Изменување и дополнување на ДУП за дел од Локалитет „Буњаковец-1“ со наведените урбани модули не е потребно да се спроведе стратегиска оцена на влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина,

– За наведената одлука Министерството за животна средина и просторно планирање дало мислење бр.08-2404/2 од 8 мај 2012 година со кое потврдува дека не е потребно да се спровееде постапка за стратегиска оценка,

– Дирекцијата за заштита и спасување-Подрачно одделение Центар за Предлог-планот за дел од Локалитетот „Буњаковец-1“ дала позитивно мислење бр.10-280/4 на 14 декември 2011 година во кое констатирала дека во документацијата за Предлог-планот мерките за заштита и спасување се соодветно вградени,

– Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство на 22 ноември 2011 година донела Решение за одобрување на заштитно конзерваторските основи за културното наследство во границите на опфатот на ДУП „Буњаковец-1“ бр.УП-17-914, со кое се одобруваат заштитно конзерваторските основи за културно наследство во границите на опфатот на ДУП „Буњаковец-1“ изработени од надлежната установа за заштита на културно наследство,

– По барање на општина Центар, а во врска Предлог планот за „Буњаковец–1“ со наведените урбани модули мислење доставиле: Друштво за дистрибуција на топлинска енергија- Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје бр.01-273/2 од 14 март 2012 година, ЕВН Македонија АД Скопје бр.27-1037/1 од 5 март 2012 година, Министерство за образование и наука-Сектор за општи работи бр.09-3179/2 од 6 април 2012 година и ЈП Водовод и канализација бр.1202-3450/1 од 24 април 2012 година и

– Министерството за транспорт и врски дало Согласност бр.16-10320/2 од 27 април 2012 година.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај оспорената одлука била предмет на уставно-судска оценка во постапката по предметот У.бр.108/2012 и Судот со решение од 5 декември 2012 година одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

Судот, во постапката по предметот У.бр.108/2012, поаѓајќи од анализата на одредбите од Законот за просторното и урабнистичко планирање и анализата на доставената документација нашол дека се неосновани наводите од иницијативата за несогласност на деталниот со генералниот урбанистички план, со што би се повредил член 11 став 7 од Законот. Според Судот укажувањата во иницијативата по однос на намената на земјиштето, се однесувале на содржината на деталниот урбанистички план, што е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.

Од увидот во изводот на Генералниот план Судот утврдил дека планираниот простор е во рамките на планот, при тоа која е содржината на ДУП не е надлежност на Уставниот суд, односно Уставниот суд не се впушта во согласност на содржината на ДУП во однос на ГУП од причина што при донесување на планот, донесувачот на планот мора да го почитува ГУП што во случај било направено, а кое нешто било констатирано од доставената документација. Воедно, по однос на Предлог-планот биле спроведени јавна презентација и јавна анкета за што бил изготвен извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените заблешки.

Судот, по однос пак, на наводите од иницијативата дека при донесување на Планот не биле испочитувани стандардите и нормативите од подзаконските акти, сметал, исто така, дека се неосновани, бидејќи Уставниот суд не е надлежен да се впушта во меѓусебна оцена на ДУП во однос на подзаконски акт од причина што за примената на подзаконски акт се грижи и ги спроведува изработувачот на актот како и органите надлежни за давање на согласност на самиот план.

Врз основа на сето наведено произлегува дека оспорената одлука била предмет на уставно-судска анализа по повод идентични причини за оспорување и Судот не нашол повреди што би можеле да значат несогласност на одлуката со Уставот и законите. Имајќи предвид што Судот веќе одлучувал за истата правна работа, а по повод предметната иницијатива не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во случајов се настапени условите согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.133/2012
19 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply