157/2012-0-0

157/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на барање бр.07-1305/1, донесена од Советот на Македонска Каменица на 8 август 2012 година („Службен гласник на општина Македонска Каменица“ бр.33/2012).

2. Државниот инспекторат за локална самоуправа на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Уставот во поглед на законските овластувања при начинот на спроведување на постапката или поточно речено оспорената одлука не била во согласност со одделни одредби од Законот за јавните набавки како и Уредбата за видовите на активностите на градење кои се предмет на договорите за јавни набавки и работи кои подносителот во иницијативата ги цитира.

Државниот инспекторат за локална самоуправа при вршењето на вонреден инспекциски надзор над законитоста на прописите донесени од Советот на општина Македонска Каменица, донел Решение бр.17-6/699 на 24.08.2012 година со кое ја запрел примената на Одлуката за усвојување на барање бр.07-1305/1 од 8.08.2012 година и поднел иницијатива пред Уставниот суд за оценување на законитоста на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа и член 21 од Статутот на општината, Советот на општина Македонска Каменица на 8 август 2012 година донел Одлука за усвојување на барање бр.07-1305/1.

Според член 1 од Одлуката, Советот на општина Македонска Каменица го усвоил барањето на ЕД „Здравец 2012“ Македонска Каменица за изградба за пешачка патека на локација помеѓу градскиот стадион и детската градинка во Македонска Каменица.

Барањето на ЕД „Здравец 2002“ Македонска Каменица е составен дел на оваа одлука.

Според член 2 од Одлуката, од буџетот на општината Македонска Каменица на изведувачот на работите на изградбата на пешачката стаза ќе му бидат исплатени парични средства во висина од 344.000,00 денари.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Македонска Каменица“.

Во натамошната постапка е утврдено дека врз основа на член 36 од Законот за локална самоуправа и Статутот на Македонска Каменица, Советот на општината на 15 ноември 2012 година донел Одлука бр.07-1848/1 за укинување на Одлуката бр.07-1305/1 од 8 август 2012 година со која го усвоило барањето на ЕД „Здравец 2012“ Македонска Каменица за изградба на пешачка патека на локација помеѓу градскиот стадион и детската градинка Македонска Каменица се укинува.

Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на општина Македонска Каменица.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата .

Од наводите и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој се врши одобрување на средства од Буџетот на општина Македонска Каменица за точно определен субјект, што значи дека истиот регулира односи inter partes, а не е пропис кој на општ начин уредува определени односи, односно прашања или пак утврдува односи на неопределен број на субјекти во правото, erga omnes.

Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, како и фактот што таа престанала да важи, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нејзината согласност vis a vis Законот за јавните набавки и Уредбата за видовите и активностите на градење кои се предмет на договорите за јавни набавки и работи, поради што согласно цитираните уставни и деловнички одредби иницијативата се отфрла.

5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.157/2012
12 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply