160/2012-0-0

160/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 20 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 5 став 5 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на Република Македонија” број 61/2004, 64/2005, 92/2007 и 123/2012).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата со оспорената одредба од Законот, со која било уредено дека плаќањето на комуналната такса се определува како процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање, општините биле ставени во нерамноправна положба, бидејќи најголем дел од единиците на локалната самоуправа, воопшто не ја пружале или не можеле да ја пружаат, ниту во некој закон било предвидено да мораат задолжително да ја пружаат, а ќе ја наплатувале како еден со закон предвиден начин на финансирање на нивната работа. Од овие причини, подносителот предлага оцена на уставност и законитост на оспорената законска одредба во однос на член 9 став 1, член 55 став 2 во дел и член 114 ставови 1 и 4 од Уставот, член 11 став 2 од Законот за локалната самоуправа и член 1 и член 3 став 1 точка 8 од Законот за комуналните такси, кои ги цитира со иницијативата.

Подносителот на иницијативата наведува дека Уставниот суд во Решението по предметот У.број 30/2011 година, дал одговор на поимот “услуга за паркирање” односно навел дека под таа услуга се подразбира вршење на технички и организациски работи, наплата и контрола над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта кои ги врши организаторот на паркирањето, поради што истиот ја наплаќа од корисниците својата услуга, а бидејќи висината на комуналната такса, според одредбата која подносителот ја оспорувал, е процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање, тоа значело дека висината на комуналната такса која ќе ја прибира општината ќе зависела од обемот на “вршење на технички и организациски работи, наплата и контрола над паркирањето на возилата и останатите работи на јавните паркиралишта кои ги врши организаторот на паркирањето”.

Наведеното од причини што пружањето на било каква услуга па и услугата паркирање претставува облигационен однос со задолжителни елементи на облигациониот однос (давање, примање, еквивалнтност), па во оваа насока се наведува дека при меѓусебните давања морало да биде запазено начелото на еднаквост, во спротивно тој облигационен однос воопшто не би бил облигационен однос туку би бил измама, пљачка или слично.

Ова од причини што многу веројатно било, во различни општини оваа услуга општините да ја вршат со различен квалитет, обем и цена на овие работи, а можно било и некои општини да одлучат да воопшто не вршат технички, организациски и останати работи на јавните паркиралишта, од причини што немале таква потреба, можност или пак од други причини. Имајќи предвид дека со Законот е предвидено висината на комуналната такса да изнесува 10% – 20% од вредноста на услугата за паркирање што значело за да општината наплатела еден денар комунална такса, таа била приморана да размени 5 до 10 денари “технички, организациски и останати работи”. Затоа било веројатно дека многу општини немало да можат и да сакаат да се впуштат во размена од толкав обем. Таквите општини сакале само да наплатуваат комунална такса, која ќе ја користеле за финансирање на извршувањето на своите надлежности, а воопшто не сакаат или не можат да ја пружат услугата паркирање.

Крајно со иницијативата подносителот наведува дека за сите општини со Уставот и законите било предвидено тие да можат да одредат јавни паркиралишта на кои ќе наплатуваат комунална такса како со закон предвиден извор на финансирање, а тоа било неможно и дискриминаторски според одредбата која тој ја оспорува со иницијативата бидејќи општините ги доведувала во нерамноправна положба.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 5 став 5 од Законот уредува дека комуналната такса за користење на просторот за паркирање од членот 3 став 1 точка 8 од овој закон се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.

4. Според членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Со членот 114 став 1 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според став 4 од наведениот член од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Според членот 11 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија“, број 5/2002), сопствени извори на приходи на општината се локалните даноци, надоместоци и такси утврдени со закон.

Со членот 20 од наведениот Закон, општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Според член 22 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни, помеѓу другото и за комуналните дејности изградба и одржување на јавниот простор за паркирање.

Согласно член 24 став 1 од овој закон, заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Според став 2 на истиот член, општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон.

Со Законот за комуналните дејности (“Службен весник на Република Македонија“, број 95/2012), се уредуваат основните услови и начинот на вршење на комуналните дејности, финансирањето на комуналните дејности, финансирањето на изградбата и одржувањето на објектите на комуналната инфраструктура и други прашања од значење за комуналните дејности (член 1 од Законот).

Според членот 2 од Законот, комуналните дејности се дејности од јавен интерес, а според членот 4 точка 1 од Законот, комунална дејност е стопанска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица, за која единиците на локалната самоуправа обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достапност, континуитет и надзор над нејзиното вршење.

Согласно член 5 точка 17 од Законот, помеѓу другото, комунална дејност во смисла на овој закон е и изградба и користење на јавниот простор за паркирање и на објектите кои се наоѓаат на тој простор.

Според членот 9 став 2 од Законот, за вршење на комунални дејности, општините, односно градот Скопје можат да основаат јавно претпријатие, доколку со посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредена, а според ставот 3 од истиот член од Законот доколку општината, односно градот Скопје немаат основано јавно претпријатие, вршењето на комуналните дејности можат да го доверат на правни и физички лица кои поседуваат дозвола за вршење на соодветната дејност, согласно со условите утврдени во посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено.

Според членот 12 став 1 точки 2 и 3 од Законот за комуналните дејности, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје поблиску го пропишуваат начинот на организирање и вршење на комуналните дејности, како и начинот на користење на комуналните услуги во поглед на: обезбедувањето на континуитет во вршењето на комуналните услуги (точка 2) и начинот на наплата на надоместокот за комуналната услуга како и начинот на постапување во случај на не добивање или неквалитетно добивање на услугата (точка 3). Според ставот 2 од наведениот член од законот, заради подетално уредување на односите во комуналните дејности, утврдени со овој закон, советот на општините, односно Советот на градот Скопје донесува одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување.

Согласно членот 13 од Законот за комуналните дејности давателот на комуналната услуга е должен давањето на комуналните услуги да го врши постојано и квалитетно и да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите.

Според членот 15 од овој закон, објекти на комунална инфраструктура во зависност од својата намена се објекти кои служат за задоволување на индивидуалната потрошувачка и објекти за задоволување на заедничка комунална потрошувачка во кои спаѓаат и јавните простори за паркирање.

Со членот 21 став 1 алинеја 1 и 3 од Законот за комуналните дејности е определено дека средствата за финансирање и развој на комуналните дејности се обезбедуваат помеѓу другото и од: надоместок (цена) за дадена комунална услуга за индивидуална комунална потрошувачка утврдена со закон (алинеја 1) и комунална такса утврдена со закон (алинеја 3).

Со Законот за комуналните такси („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 64/2005 и 92/2007 и 123/2012) се уредуваат комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење од страна на правните и физичките лица кои вршат дејност и од граѓаните (член 1 од Законот).

Според членот 2 од погоре наведениот закон, комуналните такси се плаќаат според Тарифата за комунални такси, а висината на комуналните такси, во рамките утврдени со Тарифата што е составен дел на овој закон, со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје.

Со членот 3 став 1 точка 8 од Законот, помеѓу другото е уредено дека комунални такси се плаќаат и за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила и нивните приколки и автобуси, што за таа цел ќе ги определи општината.

Според членот 4 од Законот, обврзник на комунална такса е физичко и правно лице и граѓанинот кои користат определени права, предмети и услуги за чие користење е пропишано плаќање на комунална такса.

Согласно членот 5 став 1 од Законот, комуналните такси се определуваат во еднаква висина за сите обврзници кои вршат иста дејност или занимање, односно за сите обврзници од иста катагорија.

Според оспорениот член 5 став 5 од Законот, комуналната такса за користење на просторот за паркирање од членот 3 став (1) точка 8 од овој закон се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.

Според членот 20 Тарифа за комуналните такси, Тарифен број 8 од Законот, за користење на просторот за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила, автобуси и приколки на јавни паркиралиште се наплаќа комунална такса во висина од 10% до 20% од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање. Наплатата на таксата ја врши правното лице на кое му е доверено организирање и одржување на паркинг-плацот и ја уплатува на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка за општината, за општините во градот Скопје и за градот Скопје на чие подрачје е извршена наплатата.

Од содржината на цитираните уставни и законски одредби произлегува дека:

-Со Уставот е гарантирано правото на граѓаните на локална самоуправа и дека општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката. Сопствени извори на приходи на општината помеѓу другото се такси утврдени со закон; дека општините имаат право на своето подрачје да вршат работите од јавен интерес од локално значење; дека општините вршат комунални дејности уредени со закон, a комунална дејност е стопанска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица, за која единиците на локалната самоуправа обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достапност, континуитет и надзор над нејзиното вршење; дека општините се надлежни, помеѓу другото и за комуналните дејности изградба и одржување на јавниот простор за паркирање и на објектите кои се наоѓаат на тој простор; давателот на комуналната услуга е должен давањето на комуналните услуги да го врши постојано и квалитетно и да ги одржува во функционална и исправна состојба објектите, опремата и уредите; комунална такса помеѓу другото се наплаќа и за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила и нивните приколки и автобуси, што за таа цел ќе ги определи општината; обврзници на комунална такса е физичко и правно лице и граѓанинот кои користат определени права, предмети и услуги за чие користење е пропишано плаќање на комунална такса; комуналната такса се утврдува во еднаква висина за сите обврзници кои вршат иста дејност или занимање, односно за сите обврзници од иста категорија.

Според оспорениот член 5 став 5 од Законот за комуналните такси, комуналната такса за користење на просторот за паркирање од членот 3 став 1 точка 8 од овој закон (тоа е простор што за таа цел го определила општината) се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање, а според членот 20 Тарифа за комуналните такси, Тарифен број 8 од Законот, оваа комунална такса се наплаќа во висина од 10% до 20% од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.

Во конкретниот случај со оспорениот член 5 став 5 од Законот за комуналните такси е уреден начинот на кој се пресметува комуналната такса за користење на просторот за паркирање што за таа цел ќе ги определи општината која се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.

Согласно член 20 Тарифа за комуналните такси Тарифен број 8 став 1 комуналната такса се наплаќа во висина од 10% до 20% од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање, а според став 2 од овој член, наплатата на таксата ја врши правното лице на кое му е доверено организирање и одржување на паркинг-плацот и кое ја уплатува на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка за општината, за општините во градот Скопје и за градот Скопје на чие подрачје е извршена наплатата.

Од содржината на наводите од иницијативата произлегува дека така уреденото оспорено законско решение, било спротивно на членот 9 став 2 од Уставот кој уредува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а спротивно било и на членот 55 став 2 од Уставот во делот “Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Всушност од содржината на наводите може да се извлече заклучок дека подносителот на иницијативата смета дека не било рамноправно комуналната такса да ја наплатуваат сите општини, а сите не вршеле (не сакале) или не биле во можност при давањето на оваа услуга поеднакво да вршат технички и организациските работи, наплата и контрола над паркирањето на возилата и останати работи на јавните паркиралиште, а само сакале да наплатуваат комунална такса како со закон предвиден извор за финансирање на извршувањето на своите надлежности. Со тоа сите општини ќе наплатувале комунална такса како со закон предвиден извор на финансирање, а тоа било неможно и дискриминаторски според одредбата која ја оспорува со иницијативата.

Според Судот, оспореното законско решение не имплицира повреди на одредбите од Уставот, а на кои впрочем се повикува подносителот со иницијативата, поради следното:

Имајќи предвид дека комунална дејност е стопанска дејност за давање на комунални услуги за задоволување на потребите на физички и правни лица за која единиците на локалната самоуправа обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достапност, континуитет и надзор над нејзиното вршење, како и дека законодавецот дал овластување општините со свои акти поблиску да го пропишат начинот на организирање и вршење на комуналните дејности, како и начинот на користење на комуналните услуги, помеѓу другото и во поглед на начинот на наплата на надоместокот за комуналната услуга како и начинот на постапување во случај на не добивање или неквалитетно добивање на услугата, произлегува дека, единиците на локалната самоуправа со свои акти поблиску го пропишуваат начинот на наплата на надоместокот за соодветно дадената комунална услуга во зависност од обезбедените услови, обем, квалитет, достапност и континуитет во вршењето на комуналната дејност. Тоа значи дека цената за комуналната услуга е во зависност од сите погоре наведени параметри, која во конкретниов случај е основица за пресметка на комуналната такса за користење на просторот за паркирање, односно како што е уредено со оспорената законска одредба “комуналната такса за користење на просторот за паркирање од членот 3 став 1 точка 8 од овој закон се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање.

Притоа согласно член 20 Тарифа за комуналните такси Тарифен број 8 став 1 од Законот за комуналните такси, процентуалниот износ не е фиксен туку се движи во рамките од 10% до 20% од цената на наплатената услуга за користење на просторот за паркирање. Оттука произлегува дека висината на комуналната такса не се наплатува во еднаков износ за сите општини туку процентуално (од-до) од утврдената цена на услугата која е наплатена за користење на просторот за паркирање, а која пак цена за дадена услуга за паркирање, се утврдува со акт на надлежните субјекти во зависност од обемот на објектот на комуналната инфраструктура, степенот на изграденост и опременост, локација и други параметри кои се од влијание за утврдување на висината на цената соодветно на дадената услуга.

Во конкретниот случај правото на наплата на комунална такса за предметната комунална услуга, е уреден со закон, а исто така и начинот на пресметка, односно критериумите и рамките по однос пресметката на комуналната такса, се уредени со закон. Право е на законодавецот да уредува право за наплата на комунални такси и да ги утврдува рамките и критериумите на основа кои ќе се определува висината на комуналната такса, која ќе се однесува подеднакво за сите обврзници од иста категорија, односно во иста правна положба. Од аспект на овие прашања, според Судот, не може да се согледа несогласност на оспорената законска одредба со одредби од Уставот.

Што се однесува до прашањето дали општините навистина ќе обезбедуваат услови за соодветен обем, квалитет, достапност и континуитет при вршењето на комуналната услуга, не е прашање поради кое може да се доведе под сомнение уставната издржаност на оспорената одредба од Законот, тоа се наводи кои се однесуваат на фактички прашања во поглед на начинот, обемот и квалитетот на организирање на оваа услуга, односно наводи кои се однесуваат на примената на одредбите од Законот над чија примена надзор врши органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи, а Уставниот суд нема надлежност да ја цени фактичката примена на законите, како и да ја цени согласноста на оспорената одредба од Законот за комуналните такси со одредби од други закони, односно согласноста на одредби од пропис кои се од ист ранг, како што се бара со иницијативата помеѓу другото да се цени оспорената одредба од аспект на нејзината законитост.

Имајќи предвид дека противуставноста на законската одредба подносителот на иницијативата ја темели на фактички прашања во поглед на начинот и обемот на организирање на оваа услуга, за која смета дека сите општини поеденакво не ја пружале или несоодветно ја пружале, а сите сакале да наплатуваат комунална такса, а тоа било неможно и дискриминаторски според одредбата која тој ја оспорува, па оттука бара оцена на уставноста на законската одредба во однос на член 9 став 1 и член 55 став 2 во дел од Уставот, односно извлекува заклучок за дискриминација и нерамноправност, Судот оцени дека оспорената законска одредба не ја нарушува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, ниту ги доведува во нерамноправна положба субјектите на пазарот, од причини што оспорената одредба од Законот која уредува начин на пресметка на комунална такса за користење на простор за паркирање што за таа цел ги определила општината, подеднакво се однесува за сите субјекти на пазарот кои ја вршат оваа комунална дејност, односно за сите обврзници од иста категорија, која уставна гаранција за еднаквост е преточена и во членот 5 став 1 од Законот за комуналните такси.

Тргнувајќи од погоре изнесено, а од аспект на наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со одредбите од Уставот.

5. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.160/2012
20 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply