100/2012-0-0

100/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Панче Пешев“ дел од УБ 42, Плански опфат меѓу бул. „Октомвриска Револуција“, ул. „Доне Божинов“, „Тодор Велков“, „Панче Пешев“, „Наум Охридски“ и ул. „Пелинце“- општина Куманово, бр.07-8459/12 од 7 јули 2011 година, донесена од Советот на општина Куманово („Службен гласник на општина Куманово, бр.10/2011).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение со член 4 став 1 и став 3, член 17 став 3 алинеите 7 и 8 и член 65 т.7 и 8 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

3. Томислав Стефановски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 2 став 1, член 4 став 2 алинеите 1, 3 и 9, член 25 став 1 и член 31 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и член 4 ставовите 1 и 3, член 17 став 3 алинеите 7 и 8 и член 65 т.7 и 8 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Одлуката не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија во однос на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина и природата, востановени со член 8 алинеите 3, 6 и 10 од Уставот на Република Македонија. Со одлуката се нарушувало и правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, што било спротивно на член 30 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост. Имено, при изработката на оспорениот детален урбанистички план, во спроведена јавна анкета од страна на општината, дадена била забелешка од Томислав Стефановски на висината на објектот П+4+П, на поставеноста на објектот на самата гранична линија помеѓу парцелите КП.бр.14702/2и КП.бр.14700 и на непостоење на пристапна улица до парцелата 14702/2. Забелешката била целосно прифатена со Известување бр. 21-4390/17 од 30.07.2010 година од Општина Куманово-Одделение за урбанизам. Меѓутоа, наместо уважените забелешки да се вградат во деталниот урбанистички план, односно да се вцрта пристапна улица или пешачка улица согласно со член 65 точките 7 и 8 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, се постапило спротивно на закон, на начин што се вцртал објект кој лежи на повеќе парцели и целосно бил поставен на спорната КП.бр. 14703, која всушност претставувала единствен пристап до КП.бр. 14702/2 и со тоа го попречувал влезот и пристапот до недвижниот имот на Томислав Стефановски. Со тоа се ограничувало уставно гарантираното право на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, а тоа биле слободен пристап до недвижноста како сопственост, што било спротивно на темелната вредност за хуманизација на просторот.

Оспорената одлука била спротивана на начелата и темелни вредности утврдени со член 4 точка 1 и точка 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Поради тоа, со влегување во сила на оспорената одлука се демонстрирало кршење на уставната одредба од член 51 од Уставот која јасно кажувала дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи или укине.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Куманово, на седницата одржана на 7 јули 2011 година, врз основа на член 26 став 5 алинеја 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010 и 18/2011), член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 25 став 1 точка 7 од Статутот на Општина Куманово, има донесено Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ „Панче Пешев“ дел од УБ 42, Плански опфат меѓу бул. „Октомвриска Револуција“, ул. „Доне Божинов“, „Тодор Велков“, „Панче Пешев“, „Наум Охридски“ и ул. „Пелинце“- Општина Куманово.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од УЕ „Панче Пешев“ дел од УБ 42, Плански опфат меѓу бул. „Октомвриска Револуција“, ул. „Доне Божинов“, „Тодор Велков“, „Панче Пешев“, „Наум Охридски“ и ул. „Пелинце“- Општина Куманово, техничка документација бр. 56/09 изработена од ПЛАНЕРИС ДООЕЛ-Куманово.

Според членот 2 од Одлуката, составен дела од овој ДУП се:
– текстуален дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот
– синтезен графички приказ на планските решенија со технички бр. 56/09

Според членот 3 од оваа одлука, урбанистичката документација од член 2 на Одлуката се заверува во најмалку 7 (седум) примероци со потпис и печат на градоначалникот на Општина Куманово, еден примерок со одлука за донесување на планот се чува во Архивот, еден примерок во службите за спроведување на планот (Сектор за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата), еден примерок во надлежен Државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, еден примерок се доставува до Секторот за инспекциски работи и Инспекторат, еден примерок до Државен завод за геодетски работи – Одделение за премер и катастар – Куманово и седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот заради достапност на јавноста.

Членот 4 од Одлуката предвидува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Куманово”.

Одлуката е заверена во архивата на општина Куманово под број бр.07-8459/12 од 7 јули 2011 година и е објавена во „Службен гласник на општина Куманово, бр.10/2011.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Согласно член 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Согласно став 2 на овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Според став 3 на истиот член, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според член 15-а став 1 од Законот, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 31 став 1 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистичкиот проект државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Од доставената документација за донесување на оспорената одлука, Судот утврди дека Советот на општина Куманово има донесено Програма за урбанистичко планирање на подрачјето на општина Куманово за 2011 година, бр. 07-3442/6 од 24 март 2011 година, каде во делот Б. ДЕТАЛНИ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ е предвидено, по донесување на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, потребно е да се изврши усогласување на одделни детални урбанистички планови, меѓу кои и на Деталниот урбанистички план за Урбаната единица Панче Пешев.

Нацртот на Деталниот урбанистички план за дел од УЕ – „Панче Пешев“ урбан блок 42 е изарботен од страна на „Планерис“ ДООЕЛ Куманово.

На Нацрт-планот е изработена Стручна ревизија од „УРБАН ГИС“ ДОО Куманово од мај 2009 година, за што е сочинет Извештај, со Тех.бр. 08-РУ/09, во која има забелешки и сугестии кои треба да се вградат во планот.

Изготвувачот на планот изготвиле Извештај за постапување по стручната ревизија од август 2009 година, во кој се заклучува дека со вградување на прифатените забелешки, Нацрт-планот може да продолжи со понатамошна законска процедура.

Општина Куманово – Сектор за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина и природата – Комисија за давање на мислење на нацрт-планови и за давање на предлози до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација, изработила Извештај за Нацрт-планот, бр. 21-2284/1 од 16.02.2010 година, со укажување на недостатоци во Нацрт-планот кои треба да се отстранат.

Изготвувачот на планот изготвил Извештај за постапување по извештајот на Комисијата за детален урбанистички план за дел од У.Е. „Панче Пешев“ од јуни 2010 година, во кој се заклучува дека со вградување на прифатените забелешки, Нацрт-планот може да продолжи со понатамошна законска процедура

Со Одлука бр.07-3810/16 од 24 март 2010 година, Советот на општина Куманово го утврдил нацрт-планот и определил градоначалникот да организира јавна презентација и јавна анкета по нацрт-планот.

За организирање на јавната анкета и јавната презентација на Нацрт-планот, градоначалникот на општина Куманово донел Одлука број 08-4390/1 од 7 април 2010 година.

За спроведената јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот изготвен е Извештај, бр. 21-4390/15 од 20 април 2010 година. Од наведениот извештајот се констатира дека во периодот додека траела Јавната анкета биле пристигнати три приговора, од кои два приговора се прифатени, а еден не е прифатен, со дадено образложение за неприфаќањето. Еден од прифатените приговори е приговорот на Томислав Стефановски, бр. 21-4390/4 од 23.04.2010 година. Според приговорот, забелешката се однесува на висината на објектот П+4+П,на поставеноста на објектот на самата гранична линија помеѓу парцелите 14702/2 и 14700, на местото каде е поставен објектот има пролаз преку кој подносителот на приговорот влегува во својот објект (14702/2) а под него поминува водоводна и канализациона инсталација од неговиот објект, па бара објаснување од каде ќе влегува тој? За прифаќањето на приговорот, Секторот за урбанизам и комунални дејности и заштита на животната средина и природата – одделение за урбанизам писмено го известила подносителот Томислав Стефановски (акт бр. 21-4390/17 од 30.07.2010 година).

Изготвено е Известување од градоначалникот на општина Куманово, бр. 21-4390/16 од 05.07.2010 година, дека врз основа на Извештајот од спроведена јавна презентација и јавна анкета по Нацрт- планот, изготвен е Предлог-план со што може да отпочне постапката за добивање согласност од Министерството за транспорт и врски и негово донесување од страна на Советот на општина Куманово.

Во текот на постапката, општина Куманово побарала и добила мислења по Предлог- планот од следните органи:

– Дирекцијата за заштита и спасување, Подрачно одделение Куманово, бр. 10-274/3 од 20.07.2010 година,

– Национален конзерваторски центар – Скопје, бр.07-431/3 од 29.12.2010 година,

– ЕВН Македонија КЕЦ Куманово, бр. 24-3610/2 од 19.07.2010 година.

Министерството за транспорт и врски со акт бр.16-4811/2 од 30.06.2011 година, дало согласност на Предлог Деталниот урбанистички план за дел УЕ Панче Пешев, дел од УБ 42, Куманово, површина на опфат (1,65 ха), плански период (2009-2014) Општина Куманово.

На 7 јули 2011 година Советот на општина Куманово ја донел оспорената одлука, бр. 07-8459/12 од 7 јули 2011 година, која е објавена во „Службен гласник на општина Куманово“ бр.10/2011.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, а имајќи ја предвид доставената документација за донесување на оспорената одлука и утврдената фактичка состојба, произлегува дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање, како што се наведува во иницијативата.

Наводите во иницијативата дека на уставноста и законитоста на оспорената одлука влијаел начинот на кој е обезбеден пристап на подносителот на иницијативата до неговиот објект, односно наместо да се вцрта пристапна улица или пешачка улица согласно член 65 т.7 и 8 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, бил вцртан објект кој лежи на повеќе парцели и е поставен на спорната КП бр.14703, која всушност претставувала единствен пристап до КП 14702/2 и со тоа го попречувала влезот и пристапот на подносителот на иницијативата, со што се повредувало неговото право на сопственост кое е уставно гарантирано, Судот ги оцени како неосновани.

Ова од причина што според одговорот добиен од општина Куманово (акт бр.07-5752/4 од 18.09.2012 година), приговорот на подносителот на иницијативата изјавен во текот на јавната анкета, во однос на обезбедување пролаз до неговиот објект, бил прифатен на начин што е обезбеден пристап до објектот преку пасаж. Притоа, за одбележување е дека во приговорот не се барало вцртување на улица, туку се барал одговор на тоа како подносителот ќе има пристап, односно влез до објектот. Определувањето на начинот на кој се обезбедува пристап до објектот (пасаж, пат или др.) е во надлежност на изготвувачите на Деталниот урбанистички план, во согласност со условите на теренот и нормативите и стандардите во сферата на урбанистичкото и просторното планирање, а не е прашање од надлежност на Уставниот суд, кој единствено ја цени законитоста на постапката за донесување на планот, а не и неговата содржина.

6. Во однос на наводите во иницијативата според кои оспорената одлука не била во согласност со член 4 став 1 и став 3, член 17 став 3 алинеите 7 и 8 и член 65 т.7 и 8 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, Судот го имаше предвид следното:

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, оспорената одлука е пропис со иста правна сила како и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (подзаконски акт), поради што Судот не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност и настанати се деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски

У.бр.100/2012
20 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply