56/2012-0-0

56/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот на Владата на Република Македонија, бр.51-5898/1 од 25.10.2011 година, со којшто Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија корисниците на воена пензија ги презема во исплата со конечен износ на пензија, сметано од 01.02.2011 година.

2. Ламбе Цепенковски и Миле Николовски, двајцата од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, со оспорениот заклучок, кој неосновано бил класифициран со степен „Интерно“ и не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“, Владата на Република Македонија, спротивно на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4 и 8, член 9 став 2, член 16 став 3, член 34, член 51, член 52 ставовите 1 и 2, член 54 став 1 и член 118 од Уставот, член 135 став 2 и член 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Договорот за прашања на сукцесија (Анекс Д), Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за класифицирани информации, одлучувала во врска со остварувањето и користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување на корисниците на воена пензија и со тоа ги повредила напред наведените прописи, на штета на воените пензионери, бидејќи биле оставени без денар пензија од крајот на 1992 година па до 03.06.2004 година, на кој начин Владата противуставно им го оневозможила користењето на веќе стекнатото право на пензија, утврдено со претходно донесени правосилни решенија. А тоа значело дека не била обезбедена, односно била спречена примената на Анексот Д од Договорот за прашања за сукцесија.

Според член 135 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување бил надлежен и кога правата од пензиското и инвалидското осигурување се остварувале врз основа на меѓународни договори. Тоа значело дека Фондот бил надлежен непосредно да го примени наведениот меѓународен договор, а не со посредство на Владата, како што било сторено. Согласно на тоа, Владата немала надлежност да не ги извршува наведените уставни одредби, наведените закони и споменатиот меѓународен договор и истите да ги менува, по свое сопствено убедување и наоѓање, а на штета на граѓаните. Во случајов, спротивно на член 118 од Уставот, Владата го менувала ратификуваниот меѓународен договор и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што било лошо за една правна држава.

Оспорениот заклучок бил спротивен и на член 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според тоа, со оспорениот заклучок оштетените воени осигуреници биле дискриминирани во однос на другите пензионери во Република Македонија, затоа што тие граѓани правото на пензија го стекнале согласно со Устав и закон, а оштетените, согласно оспорениот заклучок на Владата, што не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок и истиот да го поништи. Воедно, се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот заклучок, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, на Дваесет и првата седница одржана на 22.10.2011 година, ја разгледала Информацијата за определување конечен износ на пензија на корисници на воена пензија-македонски државјани кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 декември 1993 година и ја усвоила со следните заклучоци:

1. Се препорачува на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Централа Скопје корисниците на воена пензија од оваа информација да ги преземе во исплата со конечен износ на пензија сметано од 1.02.2011 година, без донесување на решенија.
2. Се задолжува Министерството за финансии средствата во износ од 253.980 денари да ги обезбеди почнувајќи од Буџетот на Република Македонија за 2012 година.“

4. Во членот 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а согласно став 2 на истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според членот 88 од Уставот, носител на извршната власт во Република Македонија е Владата на Република Македонија, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Меѓу надлежностите на Владата на Република Македонија утврдени во членот 91 од Уставот спаѓа и надлежноста да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и да е одговорна за нивното извршување (алинеја 1), како и да донесува уредби и други прописи за извршување на законите (алинеја 5 ).

Согласно член 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори („Службен весник на Република Македонија“ број 5/1998), за извршување на меѓународните договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката.

Според член 135 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ”, бр. 80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/07, 152/2008, 161/2008, 81/2009, 156/2009, 83/2010, 156/2010, 24/2011 и 51/2011), кој бил во сила кога е донесен оспорениот заклучок, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, ако во него осигуреникот бил последен пат осигурен. Фондот е надлежен и кога правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат врз основа на меѓународни договори.

Согласно член 140 став 1 на истиот закон, решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување донесува Фондот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на уредно барање.

Според член 197 на овој закон, пензиите на воените осигуреници остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници, им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина определени со тие прописи, со тоа што овие пензии можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон.

Со Договорот за прашања на сукцесија, склучен помеѓу Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Македонија, Република Словенија и Сојузна Република Југославија, кои се пет еднакви држави наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кој договор Собранието на Република Македонија го ратификува на 30 јануари 2002 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2002), со анексот Д поединечно се определуваат условите според кои е уредена областа на пензиите. Овој анекс има три члена, со кои се утврдува дека секоја држава ќе преземе одговорност за и редовно ќе ги исплаќа легално заснованите пензии финансирани од страна на таа држава во нејзиното поранешно својство како конститутивна република на СФРЈ, без разлика на националноста, државјанството, резиденцијата или домицилот на корисникот (член 1); се утврдува дека секоја држава ќе преземе одговорност за и редовно ќе ги исплаќа пензиите кои им ги должи на своите државјани или воени чиновници на СФРЈ независно од местото каде тие имаат живеалиште или престојувалиште, ако тие пензии биле финансирани од сојузниот буџет или од други сојузни ресурси на СФРЈ (член 2); се утврдува дека, доколку е потребно, државите ќе склучат билатерални аранжмани за обезбедување на исплата на пензии според член 1 и 2 од овој анекс на лица лоцирани во држава која не е онаа што ги исплаќа пензиите за овие лица, за пренос на потребните средства за обезбедување на исплата на овие пензии, и за исплата на пензии пропорционално на уплатата на придонесите. Било какви билатерални договори склучени помеѓу било кои две од државите ќе имаат предност над одредбите од овој анекс и ќе го решат прашањето на заемните побарувања помеѓу пензиските фондови на државите што се однесуваат на исплати на пензии направени пред стапување во сила на таквите договори (член 3).

Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 16 ноември 2004 година, ја разгледала Информацијата за постапување по Договорот за прашања на сукцесија по основ на право и обврски на државите-наследници на поранешна СФРЈ, подготвена од Министерството за труд и социјална политика, како надлежно министерство за спроведување на наведениот договор и донела соодветни заклучоци, кои биле предмет на уставно-судска анализа пред Уставниот суд и по кои Судот оценил дека нема основи за поведување на постапка за оцена на ниивната уставност и законитост (Решение У.бр.36/2006).

Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 22.10.2011 година, ја разгледала Информација за определување конечен износ на пензија на корисници на воена пензија-македонски државјани кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 декември 1993 година и ја усвоила со следните заклучоци: 1) се препорачува на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија – Централа Скопје корисниците на воена пензија од оваа информација да ги преземе во исплата со конечен износ на пензија сметано од 1.02.2011 година, без донесување на решенија и 2) се задолжува Министерството за финансии средствата во износ од 253.980 денари да ги обезбеди почнувајќи од Буџетот на Република Македонија за 2012 година.

Во однос на спорното правно прашање покренато со иницијативата – дали со оспорениот заклучок Владата на Република Македонија неосновано одлучувала во врска со остварувањето и користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување на корисниците на воена пензија, спротивно на постојната регулатива за овие прашања утврдена со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Договорот за прашања на сукцесија, Судот имаше предвид дека со Решение У.бр.36/2006, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучоците на Владата на Република Македонија за постапување по Договорот за прашања на сукцесија по основ на право и обврски на државите наследници на поранешна СФРЈ, донесени на седницата на 16.11.2004 година, затоа што оцени дека не се во спротивност со одредбите на член 8 алинеите 1 и 3, член 34, член 52 став 1 и 2, член 88, член 91 алинеите 1 и 5 и член 118 од Уставот на Република Македонија, член 35 и член 36 став 7 од Законот за Владата на Република Македонија, Анексот Д-Пензии од Договорот за прашања за сукцесија, Договорот меѓу Република Македонија и Сојузна Република Југославија за социјално осигурување, како и член 135 став 2 и член 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Подносителите на сега доставената иницијатива биле подносители и на иницијативата во предметот У.бр.36/2006, што значи дека им се познати аргументите за тоа зошто Судот оценил дека нема основ да се изрази сомнеж во уставноста и законитоста на оспорените заклучоци.

Со сега оспорениот заклучок Владата, како носител на извршната власт и орган надлежен да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и одговорна за нивното извршување, исто како во случајот со Заклучоците донесени на седницата одржана на 16.11.2004 година, го определила начинот на постапување за реализација на одредби од Договорот за прашања на сукцесија, кој како меѓународен договор што е ратификуван во согласност со Уставот, станал дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија и не може да се менува со закон. Имено, категоријата корисници на воена пензија – македонски државјани кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 декември 1993 година, според прописите за воените осигуреници, а на кои не им била исплаќана пензијата од причина што немале живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија на 31 март 2002 година, своето право на пензија која се исплаќа во Република Македонија го остварила согласно Договорот за прашања на сукцесија и Заклучоци на Владата на Република Македонија за постапување по Договорот за прашања на сукцесија по основ на право и обврски на државите наследници на поранешна СФРЈ, донесени на седницата на 16.11.2004 година.

Според Информацијата за исплата на воените пензии доставена до Судот од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, (акт бр.02-5269/2 од 18.09.2012 година), со оглед дека Фондот не располагал со податоци за остварената пензија на овие воени осигуреници, доставено било барање до Фондот за социјално осигурување на воени осигуреници во Белград преку Министерството за надворешни работи и Амбасадата на Република Македонија во Белград, за доставување податоци за висината на воената пензија во март 1992 година. По добивањето на податоците, Фондот истите ги доставил до Министерството за труд и социјална политика, од каде биле препратени до Владата на Република Македонија, која го донела оспорениот заклучок со кој Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, овие корисници на пензија ги презема во исплата со конечен износ на пензија, сметано од 01.02.2011 година, без донесување на решенија. Пензиите се усогласени според прописите од пензиското и инвалидското осигурување, како и за останатите корисници на пензија во Република Македонија.

Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека со оспорениот заклучок Владата не утврдува начин и постапка за стекнување право на пензија на поединци, туку утврдува начин на постапување на надлежните органи во Република Македонија – Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Министерството за финансии, во функција на конечна реализација на веќе стекнато право на пензија на одредена категорија корисници, утврдено со претходно донесени решенија, во согласност со Анексот Д од Договорот за прашања за сукцесија, за кое прашање Уставниот суд веќе расправал и оценил дека е во согласност со Уставот, закон и меѓународен договор.

Прашањето за тоа дали оспорениот заклучок основано бил класифициран со степен на класификација ИНТЕРНО, е прашање на примена на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2004, 113/2007, 145/2010 и 80/2012), што не спаѓа во доменот на надлежностите на Уставниот суд.

Поради тоа, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот заклучок со Уставот и закон, како што се наведува во иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.56/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply