84/2012-0-0

84/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со начелото на владеење на правото и правната сигурност утврден во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека при одлучувањето треба да се има предвид и тоа дека Законот за облигациони односи како системски закон го уредува институтот застареност (349-382).

Според овој закон со застареност престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската, а застареност настапува кога ќе истече определено време со закон во кое доверителот можел да бара исполнување на обврската. Според општата одредба на членот 359 од Законот за облигационите односи на правилата на застареност не се применуваат само во случаи кога во законот се определени роковите во кои треба да се подигне тужба или да се изврши определено дејствие под закана за губење на правото, а не како што е предвидено во оспорената одредба од Законот за извршување. Исто така подносителот ја посочува и одредбата од член 352 од Законот за облигационите односи. Според која во време на застареност се смета и времето кое изминало во корист на должниковите претходници.

Оттука, подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста за оспорениот член иистиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди според член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување „Со преносот на извршните предмети од судовите кај извршителот, рокот за застареност се прекинува“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,покрај другите, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Во член 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005) влегол во сила на 26 мај 2005 година, а неговата примена согласно членот 240 започнал да се применува од 26 мај 2006 година, односно 1 година од денот на неговото влегување во сила.

Овој закон претрпел повеќе измени и дополнувања објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010).

Со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврската, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Овој закон се применува и врз присилно извршување на одлука донеена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Во делот на „Завршните одредби“ од Законот за извршување е предвидено на кој начин треба да постапат доверителите што започнале постапка за извршување пред судовите до 26 мај 2006 година и по кои е донесено правосилно решение за извршување, како и за тоа како се постапува во случај кога за предмет е изјавен правен лек. (член 239, 240, 241, 242).

Во оспорениот член 10 („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009) е предвидено дека со преносот на извршните предмети од судовите кај извршители, рокот на застареност се прекинува.

Понатаму во членот 16 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2010) е предвидено дека започнатите постапки за извршување до денот на примената на овој закон (26 мај 2006 година) ќе се извршува според Законот за извршната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/1997, 59/2000 и 64/2003) најдоцна до 1 јули 2011 година.

Според оцена на Судот оспорената одредба е во функција на трансферот на извршните предмети од судовите кај приватните извршители од каде не може да се постави прашањето за нејзина несогласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.84/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply