Решение У.бр.54/2011

У.бр.54/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 7 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.02-1181/8, донесена од Управниот одбор на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје на 17 декември 2009 година, и
– Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.07-5109/1, донесена од Советот на град Скопје на 29 и 30 декември 2009 година.

2. Куќниот совет на станбена зграда бр.32 влез 2 на бул. „Јане Сандански“ во Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените акти се утврдувале различни цени за ист вид на услуги-паркирање на патнички моторни возила. Покрај тоа, оспорените одлуки се однесувале и на паркиралишта кои не се јавни површини, туку им припаѓале на конкретни станбени објекти или, пак, биле пристапни улици до станбените објекти.

Наведените одлуки не биле во согласност ниту со Деталниот урбанистички план на Општина Кисела вода-Аеродром, бидејќи сп оред Планот површините на кои се однесувале оспорените одлуки не биле јавни паркиралишта. Освен тоа, тие површини биле на Општина Аеродром, па Советот на град Скопје не бил надлежен да ја уредува таа материја.

Воведувањето на ваква „јавна давачка“, исто така, било неуставно со оглед дека јавните давачки можеле да се воведат само со закон. Ниту предвидувањето на казни со подзаконските акти, какви што се оспорените одлуки, не било во согласност со Уставот бидејќи казнивите дела се определуваат само со закон.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорените одлуки се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 51 од Уставот, како и членовите 1, 2, 8 и 11 од Законот за јавни претпријатија, одредбите од Законот за јавна чистота, Законот за локална самоуправа и Законот за град Скопје.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Одлуката се определува дека со неа се утврдува Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за паркирање на патнички моторни возила на јавните паркиралишта од значење за градот Скопје.

Во член 2 од Одлуката се определува цената на услугата за паркирање на патнички моторни возила на паркиралишта од затворен тип, а во член 3 од Одлуката се определува цената на услугата за паркирање на патничко моторно возило на паркиралишта од отворен тип.

Во член 4 од Одлаката се определува дека физички и правни лица можат да резервираат паркинг место на јавните паркиралишта. Во член 5 од Одлуката се определуваат цените на услугите за одреден а категорија на граѓани (на пр. за вработените во Градска болница), а во член 6 од Одлуката се утврдува ослободување од плаќање на услугата за лицата со определен инвалидитет-дистрофија, дијализа, церебрална парализа, параплегија, детска парализа, мултиплекс склероза, ампутација на рака или нога со оштетување од 80%.

Судот, понатаму, утврди дека во член 1 од Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, се определува дека со неа се дава согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.

Судот, исто така, утврди дека Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.02-1181/8, донесена од Управниот одбор на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје на 17 декември 2009 година, престанала да важи со член 13 од Ценовникот за услуги кои што ги извршува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.02-211/4, донесен од Управниот одбор на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје на 25 февруари 2011 година. Одлуката за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.07-5109/1, донесена од Советот на град Скопје на 29 и 30 декември 2009 година, пак, престанала да важи со Одлуката за давање согласност на Ценовникот на услуги кои што ги извршува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, бр.07-985/1, донесена од Советот на град Скопје на 7 март 2011 година.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законит е со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, првооспорената одлука, за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, престанала да важи на 25 февруари 2011 година, а второоспорената одлука, за давање согласност на Одлуката за утврдување на Ценовникот на услугите на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, престанала да важи на 7 март 2011 година.

Со оглед на тоа што оспорените одлуки престанаа да важат и не се веќе дел од правниот поредок, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што одлучи согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.54/2011
7 ноември 2012 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply