40/2012-0-0

40/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 145 став 1 во делот

2. Стамен Филипов, Драге Јованоски и Игор Јованоски, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот дел од одредбата бил уценувачки, понижувачки и дискриминаторски за работникот, затоа што работникот морал претходно да бара од работодавачот да му дозволи користење на неискористениот годишен одмор, иако тоа право му припаѓало според Устав и закон, и ако работодавачот не му овозможил користење на годишен одмор, дури тогаш работникот имал право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос. Тоа била чудна и несфатлива одредба.

Освен тоа, ова право би го имал само и исклучиво работникот на кој ќе му престанал работниот однос не по негова вина и волја. Овој дел од оспорената одредба бил дискриминаторски и тоа била казнена одредба, а не одредба од Законот за работните односи, што секако дека не било во ред од уставно-правен аспект. Ова затоа што ако на работникот му престанел работниот однос по негова вина и волја, иако не го користел годишниот одмор, тој ќе немал право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор, како што тоа право го имаат другите работници на кои им престанал работниот однос по сила на закон, што значело дека со оспорениот законски дел се вршело ускратување на уставно утврденото право на користење на платен годишен одмор на работниците, од кое тие не можеле да се откажат.

Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 9, член 9, член 32 став 4, член 51, член 54 став 1 и член 112 став 3 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и да ја поништи.

При одлучувањето, се предлага Уставниот суд да ја има во вид својата Одлука У.бр.200/2008, која очигледно законодавецот не ја имал предвид кога го усвоил текстот на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 145 став 1 од Законот за работните односи, работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 4 од Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Правото на годишен одмор, како право од работен однос, е уредено во Главата X ПАУЗИ И ОДМОРИ (член 137 до член 145 од Законот). Така, со Законот се утврдува дека работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена и дека со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена, дека повозрасен работник (жени повозрасни од 57 години и мажи повозрасни од 59 години), инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор, како и се утврдува обврска за работодавачот на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор (член 137). Понатаму, со Законот се определува траењето на годишниот одмор според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор (член 138), стекнувањето право на годишен одмор за работникот кој за првпат заснова работен однос (член 139), правото на пропорционален одмор (член 140), користењето на годишниот одмор – еднократно или во два дела (член 141), начинот на определување и користење на годишниот одмор во установите од областа на образованието и науката (член 142), користењето на годишен одмор во случај на склучување на договор за вработување со друг работодавач (член 143), како и начинот на користење на годишниот одмор, земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски (член 144).

Според оспорениот член 145 став 1 од Законот, работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја. Според став 2 на истиот член, ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор.

Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр.200/2008, ги укина насловот пред член 145 и член 145 став 1 и став 2 во делот „ или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008 и 161/2008). Во оваа одлука Судот утврдил дека со оспорениот член 145 став 1 од Законот, се утврдува дека ако работодавачот не му овозможил искористување на годишниот одмор, работникот има право на обештетување за неискористените денови на годишен одмор, во висина на просечната плата на работникот за тие денови. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека ништовна е каква било спогодба со која работникот би се откажал од правото на годишен одмор или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член. Според Судот, со законското решение од став 1 на членот 145 од Законот, спротивно на уставната гаранција од член 32 став 4 од Уставот, која значи обврска за работодавачот да создаде услови за користење на годишен одмор на работникот и тој одмор да го плати, законодавецот пропишува можност работодавачот, наместо овозможување на користење на платен годишен одмор, на работникот да му исплати обештетување за неискористените денови на годишен одмор, односно користењето на годишниот одмор да го замени со парично обештетување. Ваквата одредба остава простор за толкување во смисла дека доколку за работодавачот е тоа поисплатливо, користењето на годишниот одмор на работникот може да го замени со исплата на парично обештетување и тоа без никакви санкции. Тргнувајќи од тоа дека наведената законска одредба значи ускратување на уставно утврденото право на користење на платен годишен одмор на работниците, од кое тие не можат да се откажат, Судот оцени дека член 145 став 1 од Законот не е во согласност со член 32 став 4 од Уставот. Со оглед дека член 145 став 2 од Законот во делот „или од обештетувањето за годишниот одмор во случаите од ставот 1 на овој член“ ја следи правната судбина на ставот 1 на овој член, Судот оцени дека натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значел повреда на начелото на владеењето на правото, утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од истите причини, Судот оцени дека и натамошното опстојување на насловот пред оспорениот член 145, кој гласи: „Плаќање на неискористениот дел од годишниот одмор“, исто така, би значело повреда на начелото на владеењето на правото. Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека натамошното опстојување на овие одредби во правниот поредок е неуставно.

По донесувањето на наведената одлука на Уставниот суд, законодавецот, со член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009) го измени ставот 1 на членот 145 од Законот, кој ја доби следната содржина: „1) Работникот по престанувањето на работниот однос по кој било основ има право на обештетување за неискористениот годишен одмор.“

Со член 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2012), членот 145 став 1 од Законот е повторно изменет и ја добива актуелната содржина („Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја.“), која се оспорува со иницијативата.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека правото на годишен одмор е уставно гарантирано право од кое вработените не можат да се откажат и дека остварувањето на ова право законодавецот го уредил со Законот за работните односи.

Уставната гаранција на остварувањето на правото на годишен одмор значи дека работодавачот не може на работникот да му го ускрати правото на годишен одмор, стекнато според одредбите на Законот за работни односи, поради што законодавецот пропишал дека работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за користење на годишен одмор и да му овозможи услови за искористување на одморот, земајќи ги предвид потребите на работниот процес, од една страна, но и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски, од друга страна. Тоа значи дека работодавачот е должен да го планира користењето на годишниот одмор за вработените и да создаде услови за реализација на тоа право. Единствен исклучок од остварувањето на вака уреденото право на користење на годишен одмор, законодавецот пропишал во оспорениот член 145 став 1 од Законот, каде предвидел можност, наместо користење на неискористениот дел од годишниот одмор на работникот поради престанок на работниот однос не по негова вина и волја, работодавачот да му исплати на работникот надоместок за неискористениот дел од годишниот одмор, но под услов работникот, пред престанокот на работниот однос, да побарал користење на преостанатиот дел од годишниот одмор, а тоа да не му било овозможено од страна на работодавачот.

Од анализата на оваа одредба произлегува дека законодавецот јасно и прецизно го определил исклучокот кога работодавачот на работникот може да му исплати надоместок за неискористен годишен одмор наместо да создаде услови за негово користење, поврзувајќи го тоа со објективни причини за неможноста за користење на неискористениот дел од годишниот одмор, поради интервентен престанок на работниот однос без вина и волја на работникот (отказ од деловни причини согласно член 76 став 3 од Законот, престанок на работниот однос поради губење на работната способност, каде законодавецот пропишал дека договорот за вработување престанува да важи со денот на доставувањето на правосилното решение за утврдување на изгубената работна способност, согласно член 103 од Законот).

На таков начин, законодавецот ја отстранил можноста за тоа работодавачот, доколку е тоа поисплатливо за него, во кој било случај користењето на годишниот одмор на работникот да може да го замени со исплата на парично обештетување, спротивно на уставната гаранција од член 32 став 4 од Уставот, која значи обврска за работодавачот да создаде услови за користење на годишен одмор на работникот и тој одмор да го плати, што беше основ за донесување на претходно наведената Одлука на Уставниот суд, У.бр.200/2008.

Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за работните односи со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 9, член 9, член 32 став 4, член 51, член 54 став 1 и член 112 став 3 од Уставот

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.40/2012
31 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply