150/2012-0-0

150/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 од Тарифен систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982).

2. Златко Кузмановски од Прилеп и Стрезо Стрезовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член на наведениот Тарифен систем за продажба на електричната енергија бил во спротивност со член 9 од Уставот, како и со член 55 став 2 во кој било предвидено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот член бил во спротивност со член 8 став 1 од Законот за облигационите односи, во кој е предвидено дека во засновање на двострани договори, учесниците тргнуваат од начелото на еднаква вредност на заемните давања.

Според иницијативата, електричната енергија која ја користеле различните потрошувачи на електрична енергија, приклучени на ниско-напонската мрежа, во ништо не се разликувало дали потрошувачот е домаќинство или не, за да предизвикува различни цени за иста електрична енергија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 24 од оспорениот акт во тарифата за низок напон постојат тарифни ставови за следните категории потрошувачи: Тарифни ставови за категорија на потрошувачка на домаќинства, и Тарифни ставови за категорија на останата потрошувачка на низок напон (0,4 кв.).

4. Во текот на претходната постапка Судот утврди дека Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, на седницата одржана на ден 27 јануари 2010 година донесе Тарифен систем за електрична енергија објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2010 од 1 февруари 2010 година.

Во Глава 4 од Тарифниот систем за електрична енергија, со наслов: „Преодни и завршни одредби“ содржан е членот 33, во кој се предвидува дека со денот на отпочнување на примената на овој Тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија („Службен весник на СРМ“ бр.45/1982, 15/1985, 22/1988, 29/1989 и 47/1989 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.26/1992 и 24/1999).

Според член 34 од наведениот Тарифен систем, истиот влегува во сила со објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја от фрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот член, односно актот во кој истиот е содржан престанал да важи и со тоа е надвор од правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека истиот неможе да биде предмет на оцена поради постоење на процесни пречки за одлучување со што се исполнети условите за примена на цитираната деловничка одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.150/2012
24 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply