138/2011-0-0

138/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, донесен од Универзитетскиот сенат на Универзитетот на 16 септември и 13 ноември 2008 година, во целина и посебно на член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот.

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот означен во точката 1 од ова решение со член 14 став 1 од Уставот, со Амандман XXI на Уставот и со член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“ АД Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот во целина и посебно на член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот статут, пред да влезе во сила, не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“, а тоа не било во согласност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот.
Во однос на оспорувањето на член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот, во иницијативата најнапред се укажува на определбите изнесени во член 2 точка 19 и членовите 9 и 52 од Законот за високото образование, како и на определбата од член 46 од Уставот. Според тие одредби, придружна членка на универзитетот е установа чија основна дејност била функционално поврзана со високообразовната дејност, потоа со статутот на универзитетот поблиску се уредувале внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и на одлучувањето, а не и прашањата за престанокот на статусот придружна членка на универзитетот и не била предвидена надлежноста на универзитетскиот сенат со статут да уредува прашања за престанок на статусот придружна членка на универзитетот. Покрај тоа, членот 46 од Уставот ја гарантирал автономијата на универзитетот, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредувале со закон, не со статут на универзитетот. При такви уставни и законски одредби, уредувањето со член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот на прашањата за престанокот на статусот придружна членка на универзитетот не било во согласност со наведените уставни и законски одредби.

Покрај тоа, определувањето во член 53 став 1 од Статутот „статусот придружна членка да не смее да се остварува спротивно на интересите на Универзитетот“, во ситуација кога Законот за високото образование и Статутот не дефинирале што се подразбира под „интереси на Универзитетот“, ниту дефинирале што не смеат да прават придружните членки на Универзитетот, значело дека означената статутарна одредба била преопшта, непрецизна, неразбирлива и практично неупотреблива, поради што создавала правна несигурност за граѓаните и правните лица и ја повредувала темелната вредност владеење на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Членот 53 став 1 од Статутот бил проблематичен и во однос на член 14 став 1 од Уставот со оглед дека таа уставна одредба утврдувала дека „никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна“. Имено, казна можела да се определи само за работи сторени спротивно на закон и друг пропис, а не и за работи сторени спротивно на интересите на Универзитетот. Исто така, членот 53 став 1 на Статутот не бил во согласност и со член 51 став 2 од Уставот според кој „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ со оглед дека оспорената одредба не се движела во рамките на уставните и законските определби, а не била во согласност и со член 8 став 2 од Уставот според кој „во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законите не е забрането“ со оглед дека нешто што било слободно, статутарната одредба го казнувала.

Определувањето во член 53 став 2 од Статутот непрецизно ја уредувало постапката за престанок на статусот придружна членка со оглед дека не предвидувало придружната членка да има право да учествува во таа постапка и да се изјасни за причините за престанокот на статусот придружна членка, ниту пак содржело определување за право на жалба на незадоволната странка, иако со Амандман XXI на Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, како и дека правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон. Освен тоа, членот 53 став 2 од Статутот, со неопределувањето на правото на жалба, не бил во согласност ниту со член 50 став 2 од Уставот според кој „се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања“, поради што таа статутарна одредба не била во согласност и со наведената уставна одредба.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека членот 53 ставовите 1 и 2 од Статутот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 8 став 2, член 14 став 1, член 46, член 50 став 2, член 51 став 2 и со Амандман XXI на Уставот на Република Македонија, како и со член 2 точка 19 и членовите 9 и 52 од Законот за високото образование, поради што предлага нивно укинување или поништување.

4. а) Судот на седницата утврди дека Универзитетскиот сенат го донел Статутот врз основа на член 52 став 1 од Законот за високото образование и дека Собранието на Република Македонија дало согласност на наведениот статут врз основа на член 9 став 4 од истиот закон. Одлуката за давање согласност на Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, бр.07-5542/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 17 декември 2008 година, е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2008 при непостоење посебна одредба во Статутот за неговото објавување. Судот, исто така, утврди дека со Решение У бр.172/2009 донесено на 23 декември 2009 година, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 51, 52 и 100 од оспорениот статут.

б) Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 52 од Уставот, „законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила“ (став 1). „Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува, покрај другото, преку објавувањето на законите и другите прописи пред да влезат во сила.
Во конкретниот случај, оспорениот статут е донесен врз основа на законска одредба, на него е дадена согласност од Собранието на Република Македонија исто така врз основа на законска одредба, Одлуката за давање согласност на Статутот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ при непостоење посебна одредба во Статутот за неговото објавување и Судот, постапувајќи по конкретен предмет, го сметал Статутот за дел од позитивниот правен поредок. При таква состојба, Судот сега оцени дека Статутот е објавен и влезе во правниот поредок на начин кој не е во спротивност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. а) Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 53 став 1 од Статутот се определува дека „статусот „придружна членка“ не смее да се остварува спротивно на интересите на Универзитетот.“

Во оспорениот став 2 од истиот член на Статутот се предвидува дека „доколку ректорската управа утврди дека статусот „придружна членка“ се остварува спротивно на интересите на Универзитетот утврдени со закон и со овој статут, за тоа и’ укажува на придружната членка. Доколку придружната членка и понатаму продолжува да постапува спротивно на интересите на Универзитетот, се поведува постапка за престанок на статусот „придружна членка“. Одлука донесува Универзитетскиот сенат, по предлог на Ректорската управа.“

Инаку, во член 52 од Статутот се утврдени условите за стекнување на статус „придружна членка“ (тие се: установите и организациите кандидати за придружни членки треба да докажат дека основната дејност им е поврзана со универзитетската дејност; да поднесат писмено барање; да ги образложат причините, придонесот и резултатите од нивното учество во дејноста на Универзитетот; да изјават дека ги прифаќаат одредбите од овој статут и другите општи акти на Универзитетот).

Во член 55 од Статутот, пак, се определени правата и обврските на придружните членки и тоа: 1) активно и постојано учество и придонес во остварувањето на дејноста, улогата и задачите на Универзитетот и на единиците; 2) иницирање прашања и предлагање решенија од доменот на дејноста на Универзитетот и на единиците; 3) активно учество во работата на органите и работните тела на Универзитетот и на единиците; 4) реализација на актите, одлуките и заклучоците на органите на Универзитетот и на единиците; 5) почитување на дигнитетот и достојна употреба на името и обележјата на Универзитетот и на единиците.

Во член 58 од Статутот се набројани придружните членки на Универзитетот групирани како (а) јавни научни установи, (б) други високообразовни установи и (в) други организации, при што под „други организации“ е наведен и подносителот на иницијативата-Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“-Скопје.
б) Според член 46 став 1 од Уставот, „на универзитетот му се гарантира автономија.“

Во став 2 од истиот член на Уставот се определува дека „условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.“

Според член 9 од Законот за високото образование („Службен весник на Република македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011 и 51/2011), „основен акт на универзитетот, односно на самостојната високообразовна установа е статутот“ (став 1). „Со статутот поблиску се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување и други прашања од значење за вршење на високообразовната дејност“ (став 2). „На статутот на јавниот универзитет и на јавната самостојна високообразовна установа согласност дава Собранието на Република Македонија, а на приватната високообразовна установа основачот, по претходно мислење на министерството надлежно за работите на високото образование“ (став 4).
Според член 17 став 2 од Законот, „во состав на универзитет може да има и придружни членки. Условите за пристапување и правата и обврските на придружните членки се уредуваат со статутот на универзитетот.“

Во член 52 став 1 од Законот се определува дека Сенатот ги врши работите набројани во оваа законска одредба, а покрај нив „врши и други работи утврдени со овој закон и со статут на универзитетот“ (алинеја 33).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека на универзитетот му се гарантира автономија и дека со закон се уредуваат условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека основен акт на универзитетот е статутот, дека со него се уредуваат, покрај другото, прашања од значење за вршење на високообразовната дејност и дека на статутот на јавниот универзитет согласност дава Собранието на Република Македонија. Законот, исто така, определува дека во состав на универзитетот може да има и придружни членки, во кој случај условите за пристапување и правата и обврските на придружните членки се уредуваат со статутот на универзитетот, а сенатот ги врши, покрај законски утврдените работи, и работите определени со статутот на универзитетот.

Според тоа, постапувајќи во рамките на уставната гаранција за автономија на универзитетот и уставното овластување да ги определи условите за вршење на дејноста на универзитетот, законодавецот предвидел можност со статутот на универзитетот да се утврдат и придружни членки во состав на универзитетот, како и определил условите за пристапување и правата и обврските на придружните членки да се уредат со статутот на универзитетот.

Имајќи ги предвид таквите уставни и законски одредби, Судот утврди дека определувањето права и обврски во член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот статусот придружна членка да не смее да се остварува спротивно на интересите на Универзитетот, како и статутарното уредување на постапката за престанок на статусот придружна членка ако тој статус се остварува спротивно на интересите на универзитетот, има уставна и законска основа. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Во однос на наводите во иницијативата дека оспорените одредби од член 53 ставовите 1 и 2 на Статутот не се јасни и прецизни со оглед дека Законот за високото образование и Статутот не дефинирале што се подразбира под интереси на Универзитетот, ниту дефинирале што не смеат да прават придружните членки на Универзитетот, Судот утврди дека членот 55 од Статутот прецизно ги дефинирал правата и обврските на придружните членки (активно и постојано учество и придонес во остварувањето на дејноста, улогата и задачите на Универзитетот и на единиците; иницирање прашања и предлагање решенија од доменот на дејноста на Универзитетот и на единиците; активно учество во работата на органите и работните тела на Универзитетот и на единиците; реализација на актите, одлуките и заклучоците на органите на Универзитетот и на единиците; почитување на дигнитетот и достојна употреба на името и обележјата на Универзитетот и на единиците), па оспорените одредби од член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот гледани во таа светлина не се нејасни и непрецизни. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со темелната вредност владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 на Уставот, како и со член 8 став 2 и член 51 став 2 од Уставот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос, пак, на наводите во иницијативата со кои се споредува член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот со член 14 став 1 од Уставот („казнувањето“ на придружните членки на Универзитетот при недефинирано значење на „интересите на Универзитетот“), Судот смета дека тие наводи претставуваат споредување на одредби кои уредуваат различни материи, поради што нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата, па Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Во врска со наводите во иницијативата дека член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот е некомплетен поради неуредувањето на прашањата за правото на жалба и за правото на судска заштита од поединечен акт на институции што вршат јавни овластувања и дека поради тоа не бил во согласност со Амандман XXI на Уставот на Република Македонија и со член 50 став 2 од Уставот, Судот исто така смета дека тие наводи се неосновано со оглед дека оспорените статутарни одредби не ги доведуваат во прашање правото на жалба и правото на судска заштита. При таква состојба, споредувањето на член 53 ставовите 1 и 2 од Статутот со наведениот уставен амандман и со означената уставна одредба повторно значи споредување на одредби кои уредуваат различни материи, поради што нема процесни претпоставки за постапување и по овој дел од иницијативата, па Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски, а во однос на Статутот во целина со мнозинство на гласови.

У бр.138/2011
27 јуни 2012 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply