2/2012-0-0

2/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Изборниот законик во целина (Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 44/2011 и 51/2011).

2. Богољуб Златански од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на Изборниот законик во целина означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата Изборниот законик не бил во согласност со член 8 со кој се гарантирал политичкит плурализам и слободните непосредни и демократски избори, со член 9 и член 22 од Уставот. Ова од причини што изборниот систем во Република Македонија не почивал врз демократски принципи и уставни начела односно власта во Република Македонија нема уставен и народен легитимитет.

Понатаму, подносителот врши анализа на резултатите од последните парламентарни избори и дава графички приказ на структурата на партии ,освоени пратенички места по партии како и освоени гласови по пратеници. Врз основа на оваа анализа заклучува дека повредата на член 2 од Уставот се вршела со фактот што законодавецот овозможувал управување на малцинството над мнозинството, што по оспорениот закон малите партии не добиле ниту еден пратеник и ако за нив гласале 106032 граѓани наспрема 7824 гласале со кои е избран еден пратеник на ВМРО и ДУИ на кој начин се повредува член 8 , член 9 и член 22 од Уставот.

Со оспорениот закон се повредува член 9 и 22 од Уставот со кои се гарантира еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и еднаквоста на избирачко право што подразбира дека гласот на секој граѓанин мора да има еднаква тежина при избирање на нивните претставници .

Според подносителот од сето наведено може да се докаже дека изборниот систем во Републиката не го почитува ниту начелото на рамноправност на граѓаните поради што е потребно изборниот законик да се укине и промени.

3. Судот на седницата утврди дека со Изборниот законик се уредуваат начинот, условите, постапката за избор на претседател на Република Македонија, избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на советите на општините и Советот на град Скопје, избор на градоначалник на општина и градоначалник на град Скопје, начин и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачки места, како и условите за функционирање на изборните места. Законот е конципиран на начин што тој содржи 206 член систематизирани во XV глави.

Во Главата I „Основни одредби“ од Законикот (членовите од 1 – 11) се уредуваат прашања кои се однесуваат на: поимникот односно значењето на одделни изрази употребени во законот, еднаквото избирачко право, изборниот модел, изборниот список, право да избира и да биде избран, неспојливост на функцијата претседател на Република Македонија, пратеник, градоначалник и член на совет, професионалност и неотповикливост на функцијата и ослободување од плаќање на данок, царина и такса.

Во Глава II „Распишување и одржување на изборите” (12 – 16) се уредуваат прашања на распишување на изборите, известување за одржување на изборите, одржување на изборите за претседател на Републиката, за пратениците, за членови на совет и градоначалник.

Во Глава III „Органи за спроведување на изборите“ (17 – 40) се уредуваат прашања на видови на изборни органи, член на изборен орган, неспојливост на функцијата член на изборен орган, принцип на соодветна и правична полова застапеност во изборните органи, предлагање на претставник на подносителот на листата, начин на работа на изборните органи и подршка на работата на изборните органи, Државна изборна комисија, состав на државната изборна комисија, избор на составот на државната изборна комисија, претседател на функцијата во државната изборна комисија пред истекот на мандатот, рок за предлагање на претседтел, потпретседател и членови на Државната изборна комисија, стручна служба на Државната изборна комисија, општинска изборна комисија, избор и состав на општинската изборна комисија, надлежност на општинската изборна комисија и изборна комисија на град Скопје, Избирачки одбор, избор и состав на избирачкиот одбор, надлежност на избирачкиот одбор.

Во Глава IV „Евиденција на избирачкото право” (членовитe 41 – 56) се уредуваат прашањата на водење на избирачкиот список, содржина на избирачкиот список и отпечатени изводи, печатење на посебните изводи од избирачкиот список, проверка на податоците во избирачкиот список, јавен увид во избирачкиот список, промена на податоци во изборниот список, ставање на јавен увид, пријава и увид во избирачкиот список за гласање во странство, заклучување и потпишување на избирачкиот список и заштита на податоците во избирачкиот список.

Во Глава V „Кандидирање“ (членoвите од 57 – 69) се уредуваат прашањата на предлагање на кандидати, подносител на листа, подносител на листа на кандидати за претседател на Републиката, подносител на листа на кандидати за пратеници, членови на совет и градоначалник, подносител на листа на кандидати за пратеници со собрани потписи, подносител на листа на кандидати за членови на совет и градоначалник со собрани потписи, постапка на собирање на потписи за предлагање на кандидати, содржина на листа што се поднесува, постапка за поднесување на листата, објавување на утврдените листи.

Во Глава VI „Изборна кампања“ (членовите од 69-а до 87) се уредуваат прашањата за организирање на изборната кампања, медиумско претставување, медиумско следење, испитување на јавното мислење, изборни плакати, предизборни собири, финансирање на изборите, финансиски извештај и надомест на трошоци за избори,

Глава VII „Спроведување на изборите“ ( членовите 88 -146) се уредуваат прашањата на средства за спроведување на изборите, изборен материја, продавање на изборниот материјал, гласачко ливче за претседател на Републиката, за пратеници, за членови на совет, за градоначалник, гласачко место, времетраење на гласањето, обезбедување на гласачко место, надлежност на избирачкиот одбор за време на гласањето, права и обврски на подносителот на листата и овластени набљудувачи за време на гласање, гласање, утврдување на идентитет на гласачите, начин на гласање, гласање на немоќно и болно лице, гласање на избори кој не може да гласа сам, гласање на избирачи кои се на отслужување на воен рок, воена вежба, на издржување на казна затвор или во притвор, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето на гласачките места, важечко гласачко ливче, записник за гласање, предавање на избирачкиот материјал на општинската изборна комисија, сумирање и утврдување на резултати од гласањето за претседател на Републиката (прв круг, втор круг, повторување на гласањето) изјава, сумирање и утврдување на резултати од гласањето за избор на пратеници, записник за гласањето, утврдувње на резултати и распределба на мандатите за избор на пратеници (127) утврдување на резултатите за избор на градоначалник (прв круг, втор круг именување на повереник до нови избори, објавување на резултатите од изборот од државната изборна комисија, општинската изборна комисија, избори за претседател на Републиката поради престанок на мандатот, распишување на избори, постапка за собирање на потписи и други.

Во Глава VIII „Заштита на избирачко право“ (членовите 147 – 150) се уредени прашања кои се однесуваат на постапката за заштита на избирачко право на подносител на листа и на избирачко право на избори, одобрување на Управниот суд.

Во Глава IX „Поништување и потврдување на гласа-њето“ (член 151) е предвидено прашањето кога се врши повто-рување на гласањето со кој акт, по чие барање, во кој рок.

Во Глава X се уредени прашања на „Повторни избори“ (членовите од 152 – 160).

Во Глава XI „Набљудување на изборите”(членовите од 161 -162-а) е уредено прашањето за тоа кој може да ги набљудува изборите, кој ја утврдува процедурата за набљудување на изборите.

Во Глава XII „Изборни места“ (членовите 163 – 173) се уредуваат прашањата кои се однесуваат на критериуми за определување на избирачките места, постапка за утврдување, менување и објавување на изборни места и условите за функционирањ на избирачки места.

Во Глава XIII „Изборни единици за избор на пратеници во Собранието“ ( членовите 174 -177 ) се утврдени 6 изборни единици со означување на општината каде припаѓаат односно на која изборна единица и 3 изборани единици за гласање на државјаните на Република Македонија привремено вработени во странство.

Во Глава XIV „Казнени и прекршочни одредби.

Во Глава XV „Преодни и завршни одредби“.

4. Според член 2 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија сувернитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Во член 8 став 1 од Уставот на Република Македонија се определува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другото, владеењето на правото (алинеја 3), поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4) и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори (алинеја 5).

Според член 9 од Уставот: „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“(став 1).„Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 22 од Уставот: „Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право“ (став 1). „Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање“ (став 2).

Во членот 4 од Изборниот законик е утврден изборниот модел при што за избор на претседател на Републиката, тројца пратеници во изборните единици Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Австралија и Азија, градоначалник на општина и градоначалник на град Скопје се избираат според мнозинскиот модел, а изборот на 120 пратеници во Собранието на Република Македонија се избираат според пропорционалниот модел со примена на Д`Хондт-овата формула.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Изборниот законик, наспрема наводите во иницијативата дека со предвидениот изборен модел власта во Република Македонија нема уставен и народен легитимитет и дека предвидуваат изборен модел во Републиката треба да се укине и промени, Судот оцени дека се неосновани.

Ова од причини што, имајќи ја предвид содржината на Изборниот законик, според Судот во него доследно е почитувано избирачкото право, начелото на еднакво избирачко право како и техниката на остварување на тоа право во практиката.

Фактот што подносителот на иницијативата тргнувајќи од негативните ефекти при математичката пресметка на утврдениот изборен модел во Република Македонија согледува повреда на уставните одредби и предлага промена на утврдениот модел, не може да претставуваат основи за изразување на сомнение од уставен аспект дека оспорениот Изборниот законик во целина не е во согласност со Уставот. Притоа, дали одреден изборен модел има повеќе или помалку негативни ефекти при математичката пресметка по спроведени избори во еден изборен период зависи од излезноста на граѓаните,бројот на политичките партии, коалицирање на политичките партии, а тоа не е прашање за кое треба да се произнесе Уставниот суд, туку е прашање на законодавната власт се до границите додека таквите ефекти не ги повредуваат уставните гаранци од сверата на граѓанските и политичките права утврдени во Уставот.

Оттука, според Судот право е на законодавецот почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори како и имајќи ги предвид прифатените изборни модели во државите да го утврди изборниот модел.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.2/2012
11 април 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply