Одлука У.бр.12/2011

У.бр.12/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 февруари 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи поднесени од Воислав Стојановски и Борко Бајалски, двајцата од Скопје, со Решение У.бр.12/2011 од 29 ноември 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот за судовите, тестот за интегритет кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на фунцијата судија и се состои од прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Судскиот совет на Република Македонија од листа на 50 предложени лица од кандидатот, со најмалку завршено четиригодишно средно образование кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавни функции.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 99 став 1 од Уставот, судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот.

Согласно Амандманот XXVI со кој се заменува ставот 3 на член 99 од Уставот, на судијата му престанува судиската функција: ако тоа сам го побара; ако трајно ја загуби способноста за вршење на судиската функција, што го утврдува Судскиот совет на Република Македонија; ако ги исполни условите за старосна пензија; ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца и ако е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога судиската функција мирува под услови утврдени со закон. Судијата се разрешува: поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

Согласно Амандманот XXVII точка 2 , со кој се заменува ставот 3 на член 100 од Уставот, судиската функција е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на друга јавна функција или професија утврдена со закон.

Во член 100 став 4 од Уставот е утврдено дека се забранува политичко организирање и дејствување во судството.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Македонија, согласно принципот на поделбата на власта, судската власт ја конституирал како самостојна и независна, која ја вршат судовите врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Во функција на обезбедување на принципот на независност и самостојност на судовите, Уставот, меѓу другото, утврдил траен мандат на судиите, како и неспојливоста на судската функција со вршењето на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Условите за избор на судии се утврдени со Законот за судовите. Така, според член 45 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008), за судија може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
– да е државјанин на Република Македонија,
– активно да го владее македонскиот јазик,
– да е работоспособен и да има општа здравствена способност, за што се вршат здравствени прегледи,
– дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии со просек од најмалку осум или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку осум во секој од двата циклуса на универзитетските студии или нострифицирана диплома од правен факултет во странство за стекнати 300 кредити;
– да има положено правосуден испит во Република Македонија,
– активно да познава еден од официјалните јазици на Европската унија, од кои задолжително англискиот јазик, што се докажува со еден од следниве меѓународно признати сертификати:
1) ТОЕФЕЛ (TOEFEL) – најмалку 74 бода за електронско полагање преку компјутер, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот;
2) ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, не постар од две години од денот на издавањето на сертификатот;
3) ТОЛЕС (TOLES) – најмалку високо ниво (higher level);
4) ИЛЕК (ILEC) – положен со успех најмалку Б 2 (Б 2) и
5) Кембриџ сертификат – најмалку Прв сертификат за англиски ФЦЕ – Б 2 ( First Certificate of English FCE – B 2),
– практична работа со компјутери.

Актуелната содржина членот 45 од Законот ја добива со член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен. весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 од 18.11.2010 година), каде меѓу другото, условите за избор на судија, утврдени во член 45 став 1 од Законот за судовите, се дополнети со нов услов (алинеја 8): лицето да ужива углед, да поседува интегритет за вршење на судиската функција и да поседува социјални способности за вршење на судиската функција, за што се спроведуваат тестови за интегритет и психолошки тестови. Според новододадениот став 2 на овој член, потребните видови на здравствените прегледи, формата и содржината на психолошкиот тест и тестот за интегритет, како и нивото на практичната работа со компјутери од ставот 1 алинеите 3, 7 и 8 на овој член, ги уредува судскиот совет на Република Македонија.

Понатаму, со наведениот Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, во Законот за судовите се додава нов член 45-а, каде во ставот 2 се пропишува дека тестот за интегритет кој го спроведува Судскиот совет на Република Македонија се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија и се состои од:
– тест кој се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања и
– прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, добиени на правно релевантен начин од 15 лица избрани по случаен избор од Судскиот совет на Република Македонија од листа на 50 предложени лица од кандидатот, со најмалку завршено четиригодишно средно образование кои го познаваат кандидатот најмалку три години и кои не можат да бидат роднини со кандидатот по крв во права и странична линија до четврти степен, посвоителот и посвоеникот и роднини по сватовство до втор степен.

Тоа значи дека законодавецот, во рамките на своите уставни овластувања да ги утврдува условите за избор на судии, досега утврдените услови за избор на судија, ги проширува и дополнува со нов услов – поседување интегритет за вршење судиска функција, за што Судскиот совет на Република Македонија спроведува тест за интегритет, кој се заснова врз постојните етички и професионални кодекси за вршење на функцијата судија и има за цел проверка на етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија.

Тестот за интегритет се состои од два дела: првиот дел се спроведува во писмена форма и анонимно, врз основа на стандардно утврдена листа на прашања, а вториот дел од тестот подразбира прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија.

Во однос на прашањето за уставноста на вториот дел од тестот за интегритет, кое се покренува со иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и на угледот.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот се постави прашањето дали пропишаниот начин на прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, е објективен, непристрасен и применлив за сите кандидати, односно дали е во согласност со начелото на владеењето на правото и заштитата на приватноста, достоинството и угледот на граѓанинот. Ова затоа што според оспорената одредба, законодавецот оценил дека реална слика за етичките и моралните вредности на кандидатот за судија може да биде формирана со прибирање на податоци и информации од надворешни лица кои го познаваат кандидатот најмалку три години, кои не се во одредено сродство со кандидатот и кои имаат завршено најмалку средно образование. Во оваа смисла, за кандидатот се востанувува обврска да предложи листа од 50 лица кои ги исполнуваат наведените услови, кои ќе прифатат да сведочат за неговите етички и морални вредности пред Судскиот совет на Република Македонија, што значи дека станува збор за воведување на обврска на кандидатот која иако не е во врска со докажувањето на неговата потребна стручност и компетентност за вршење на судиската функција, подразбира негов личен ангажман за докажување на неговите етички и морални вредности кои треба да бидат ценети од друг, при што се тргнува од претпоставка дека другиот е етички и морално компетентен за давање на мислењето, во која смисла кандидатот треба да предложи респектибилна бројка на граѓани со одреден статус и да очекува дека доброволно ќе прифатат обврска за која немаат личен интерес и нема да одбијат да бидат сослушани на правно релевантен начин од страна на Судскиот совет на Република Македонија, за прашања кои навлегуваат во сферата на приватноста и да дадат непристрасен и задоволителен одговор за неговите етички и морални вредности, од што во крајна линија, ќе зависи дали тој ги исполнува условите за вршење на судиската функција. Според Судот, ваквиот начин на прибирање на податоците и самите податоци прибрани на таков начин, тешко можат да го издржат тестот на објективност и непристрасност.

Дополнително, според Судот, не може да се прифати и оправда дискриминацијата со решението во оспорената одредба според која од предложените граѓани кои треба да сведочат за етичките и моралните вредности на кандидатот, се бара да имаат најмалку завршено четиригодишно средно образование, кога таквиот суд и процена очигледно не зависи од нивната лична наобразба, односно не се бара нивно мислење за стручноста и компетентноста на кандидатот, па нивното образование да е предуслов за издржаноста на нивната оценка. Освен тоа, според Судот, основано се доведува во прашање и објективноста и применливоста на пропишаниот услов – граѓанинот и кандидатот да се познаваат најмалку три години, од аспект на докажливоста на овој услов.

Оттука, Судот оцени дека пропишаниот начин на прибирање на податоци и информации за етичките и моралните вредности на кандидатот за вршење на функцијата судија, како услов за избор на судија, не ги задоволува критериумите на објективност, непристрасност и применливост, како елементи на владеењето на правото и дека не е во согласност со уставно гарантираните права на граѓаните за неприкосновеност на нивниот физички и морален интегритет и уставната гаранција за почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот на граѓаните, поради што оцени дека член 45-а став 2 алинеја 2 од Законот не е во согласност со член 8 став1 алинеја 3, член 11 став 1 и член 25 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.12/2011
29 февруари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply