187/2011-0-0

187/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 11 јануари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 22 од Измените и дополнувањата на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ – п.о. Скопје, усвоени на 13 јули 2009 година

2. Лазо Денковски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од Колективниот договор означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, членот 22 од Измените и дополнувањата на наведениот Колективен договор бил спротивен на Уставот и законот бидејќи тешко го нарушувал и повредувал начелото на еднаквост пред Уставот и законите, начелото на владеењето на правото, начелото на социјалната праведност, како и членот 96 од Законот за работните односи и дека со него биле утврдени помали права за вработените во ЈП „Македонски шуми“ од правата предвидени и нормирани во Законот за работните односи.

Во иницијативата се цитира одредбата од членот 96 од Законот за работните односи во која се наведени правата и обврските во случај на отказ од деловни причини, за кои подносителот наведува дека се задолжителни за работодавачот кој морал да ги почитува и да ги предвиди во колективниот договор на ниво на работодавач и за чие што непочитување биле предвидени казнени одредби за правно и физичко лице. Работодавачот ЈП „Македонски шуми“ п.о. Скопје во членот 22 од измените и дополнувањата на Колективниот договор на јавното претпријатие не предвидел никакви права и обврски во случај на отказ од деловни причини, како на пример можни начини за спречување и ограничување на број на откази или мерки кои ќе се преземат за ублажување на последиците од престанокот на работниот однос од деловни причини. Подносителот наведува дека работодавачот ЈП „Македонски шуми“ не можел да предвидува помали права од правата дадени со законот, бидејќи со тоа се повредувал Уставот, законот, Општиот колективен договор како и институтот на колективно договарање на ниво на работодавач.

Во иницијативата понатаму се наведува дека во првобитната верзија на членот 108 од Колективниот договор на ЈП „Македонски шуми“ п.о Скопје (усвоен на 6 февруари 2006 година) работодавачот, заедно со синдикатот, ги предвидел мерките што ќе се преземат за ублажување на последиците од престанокот на работниот однос од деловни причини и тие биле таксативно набројани: вработување кај друг работодавач, органичување на бројот на новите вработувања, утврдување на бројот на вработените со цел да се овозможи природен одлив на работна сила, внатрешно распоредување на работници, ограничување на прекувремената работа, скратување на работното време, прекфалификација и доквалификација.

Подносителот наведува дека ова биле принципите на bonus pater familias кои не му одговарале на работодавачот и дека со предвидувањето на помали права од правата предвидени со Законот за работните односи, работодавачот тешко ги повредил начелата на еднаквост пред законот, владеењето на правото, хуманизмот и социјалната правда, кои се темелни вредности на уставниот поредок. Со предвидувањето на помали права од предвидените во законот, 2500 вработени биле ставени во нееднаква положба во однос на онаа што постоела поред да се донесат овие измени.

Поради наведените причини, со иницијативата се бара да се поништи член 22 од Измените и дополнувањата на Колективниот договор на ЈП „Македонски шуми“ п.о. Скопје, како спротивен на Уставот и законот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 22 од Измените на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ – п.о. Скопје, усвоени на 13 јули 2009 година, се менува членот 108 од Колективниот договор кој сега предвидува дека Управниот одбор е должен најдоцна во рок од 30 дена пред донесувањето на одлуката за престанок на работниот однос на поголем број работници да го информира синдикатот за содржината на одлуката (став 1). Според ставот 2 на овој член од Колективниот договор, Управниот одбор е должен со синдикатот да се советува за можните начини за спречување и ограничување на бројот на отказите и за можните мерки за спречување и ублажување на штетните последици, а особено мерки кои ќе се превземат за ублажување на неговите последици на престанокот на работниот однос. Според ставот 3 на истиот член, по завршувањето на договарањето со синдикатот за причините на потреба од престанок од потребата од работа на работниците за предвидениот број и категорија на вишок на работници, како и за предвидениот рок во кој што ќе престане потребата од работа на работниците, претпријатието е должно писмено да ја извести службата надлежна за посредување при вработувањето.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според членот 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ п.о. Скопје, со овој Колективен договор се уредуваат односно доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ од работниот однос и начинот на остварувањето на правата и обврските и други одредби за прашања од интерес на работниците и претпријатието како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Со предметната иницијатива се оспорува одредбата од членот 22 од Измените и дополнувањата на Колективниот договор за работниците во ЈП „Македонски шуми“ – п.о. Скопје, усвоени на 13 јули 2009 година, како несогласна со начелото на еднаквост пред Уставот и законите, начелото на владеењето на правото, начелото на социјалната праведност, како и членот 96 од Законот за работните односи, бидејќи со неа биле биле утврдени помали права за вработените во ЈП „Македонски шуми“ од правата предвидени и нормирани во Законот за работните односи

Од анализата на содржината на оспорената одредба, како и од наводите во иницијативата, произлегува дека подносителот на иницијативата го оспорува членот 22 од измените на Колективниот договор, поради тоа што во оспорениот член не биле предвидени никакви права и обврски во случај на отказ од деловни причини, односно поради тоа што ова прашање не било уредено на начин како што подносителот на иницијативата смета дека би требало да биде уредено ова прашање. Во таа смисла, подносителот на иницијативата наведува дека во одредбата требало да бидат предвидени на пример, можни начини за спречување и ограничување на број на откази или мерки кои ќе се преземат за ублажување на последиците од престанокот на работниот однос од деловни причини, како што тоа било предвидено во првобитната верзија на членот 108 од Колективниот договор на ЈП „Македонски шуми“. Или со други зборови кажано, во иницијативата не се наведува ниту една причина зошто она што е предвидено во оспорениот член 22 од Измените на Колективниот договор, би било спротивно на Уставот и на Законот за работните односи.

Од изнесената уставна норма произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Колективниот договор онака како што се предвидени и содржани во Колективниот договр, но нема надлежност да одлучува за тоа што нормата не содржи, а би требало да содржи, на што се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поради наведеното, Судот утврди дека дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.187/2011
11 јануари 2012 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply