176/2011-0-0

176/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за организација на работата и систематизацијата на работните места во ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“-Скопје, бр.0101-868/1 од 1 јуни 2011 година.

2.Љубиша Станковиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот oзначен во точкaта 1 на ова решение.

3.Според наводите во иницијативата подносителот бара Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за организација на работата и систематизацијата на работните места во ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“-Скопје, бр.0101-868/1 од 1 јуни 2011 година, да биде поништен.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот правилник се поништувало правото на одреден број на работници, кои сега биле во редовен работен однос во ЈЗУ “Козле“, или пак се ограничувале идните стручни кадри кои во иднина требале да засноваат работен однос. Поточно со оспорениот акт се вршело селективно признавање на стручното образование на дел од вработените со што се повредувал членот 32 од Уставот. Со актот се вршело и дискриминирање на некои вработени на начин што за исто работно место, високото образование, некаде се земало, а некаде не се земало како основа за повисока плата, а за соодветно наградување и не станувало збор, што било во спротивност со членот 9 од Уставот. Со оглед на тоа што школската подготовка и нејзиното вградување во актите на работодавачите не било дискреционо право се доведувала во прашање и сигурноста на правниот систем воопшто и се задирало во суштината и смислата на самиот Устав, па поради сето наведено се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот акт и истиот да го поништи.

Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за организација на работата и систематизацијата на работните места во ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата „Козле“ од Скопје, е донесен од Управниот одбор на оваа установа, на 1 јуни 2011 година, под бр.0101-868/1 од истиот датум, кога и е истакнат на огласната табла на Институтот. Правилникот содржи 14 членови со кои се предвидуваат конкретни измени и дополнувања по однос на потребната стручна наобразба, работно искуство и описот на работните задачи за конкретни работни места од основниот текст на Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места во ЈЗУ „Козле“ Скопје бр.0101-1001/1 од 7 јули 2009 година. Правилникот влегол во сила на 9 јуни 2011 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, Судот смета дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Исто така, Судот констатира дека со оспорениот правилник се вршат измени и дополнувања на внатрешната организација и систематизација на работните места во Јавната здравствена установа “Козле“ Скопје, што е во функција на извршување на здравствената дејност која ја остварува оваа установа, што на Правилникот му дава карактер на интерен акт.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт на конкретната установа, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.176/2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply