Решение У.бр.175/2011

У.бр.175/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јован Вранишковски од Битола, застапуван од полномошникот Васил Ѓорѓиев, адвокат од Битола, за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на слободата на уверувањето и заштита од дискриминација по основ на верска припадност.

2. Јован Вранишковски од Битола, застапуван од полномошникот Васил Ѓорѓиев, адвокат од Битола поднесе барање до Уставниот суд на Република Македонија за заштита на правата што се однесуваат на слободата на уверувањето и заштитата од дискриминација по основ на верска припадност, повредени со Пресуда на Основниот суд Велес К-86/04 од 15 октомври 2009 година, Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.-186/10 од 13 јули 2010 година и Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Квп.бр.268/2010 од 22 февруари 2011 година.

Во барањето е наведено дека Јован Вранишковски е во служба како Архиепископ на „Православната Охридска Архиепископија“, која со томос издаден на 24 мај 2005 година била призната од Српската Православна Црква како автономна црква во состав на Српската Патријаршија. Како Архиепископ на автономна црква, Јован Вранишковски имал сослужување (признавање) од сите други 14 Православни цркви во светот. Неговата функција била јавна, а Црквата на која и припаѓал имала своја структура: Архиерејски Синод, свештенство и народ кој го подржува. Меѓутоа, сеуште Црквата не била регистрирана како верска заедница во Република Македонија. Српскиот Патријарх Павле, уште на 20 јуни 2002 година повикал за пристапување кон Српската Православна Црква на архијереите, клирот и верниот народ од Македонската Православна Црква во единство со Српската Православна Црква, и на тој повик одговорил само Јован Вранишковски, кој во тоа време бил Митрополит Велешки и Повардарски во МПЦ, и тој заедно со сето свештенство во неговата епархија се согласил на воспоставување литургија и канонско единство со српската Патријаршија. Од овие причини започнале политички прогони на Јован Вранишковски од државната власт на Република Македонија во форма на кривични прогони со судски разрешници, како во случајов со донесувањето на правосилната Пресуда на Основниот суд Велес К-86/04 од 15 октомври 2009 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.186/10 од 13 јули 2010 година и Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Квп.бр.268/2010 од 22 февруари 2011 година.

Политичките прогони започнале уште 2002 година кога полицијата, без судски налог, го избркала Јован Вранишковски од зградата на Митрополијата во Велес. Потоа, по пристапувањето на голема група монаси и монахињи од Македонската Православна Црква кон Охридската Архиепископија, во јануари 2004 година Јован Вранишковски бил притворен 30 дена и било подигнато против него обвинение за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ од членот 319 од Кривичниот законик, бил осуден и издржал казна затвор со траење од осум месеци.

Наведената хронологија на настани била јасен показател дека се работело за политички прогон на Јован Вранишковски со повреда на неговите права за слобода на уверувањето и со дискриминација по основ на верска припадност, што продолжило и понатаму, со донесувањето на правосилната пресуда на Основниот суд Велес К-86/04 од 15 октомври 2009, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.186/10 од 13 јули 2010 година и Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Квп.бр.268/2010 од 22 февруари 2011 година. Имено, Јован Вранишковски бил осуден во отсуство, на две години и шест месеци затворска казна, како и да врати на МПЦ износ од 14.804.211,00 денари, за сторено кривично дело затајување од член 239 од Кривичниот законик.

Меѓутоа, според барателот, со овие судски одлуки, како и со поранешните одлуки и настани било јасно дека Јован Вранишковски требал да се заплаши и да се казни за политичка неподобност и за „предавството“ што го направил кон МПЦ, но и кон државата. Државните органи за прогон го занемариле фактот дека во Република Македонија црквата и државата се одвоени и дека Република Македонија е секуларна држава, но сепак судовите не ги уважиле барањата на Јован, да се прогласат за ненадлежни за гонењата мотивирани на верска основа што во последниот случај биле подигнати и одлучувани против него. Оттука, јасно било дека обвинението „затајување“ против Јован Вранишковски подигнато после обвинението за „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, всушност било продолжеток на гонењето мотивирано од верските дејствија на Јован, а особено од неговото пристапување во единство со Српската Православна Црква. Основниот суд во Велес, Апелациониот суд и Врховниот суд на Република Македонија, во наведениот предмет против Јован Вранишковски, одлучувале без докази за извршено кривично дело и без елементарна процена ги прифатиле сите точки од обвинението, со што судовите со своите одлуки го повредиле правото што се однесува на слободата на уверувањето и сториле дискриминација по основ на верска припадност на Јован Вранишковски, спротивно на членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Врховниот суд на Република Македонија со Пресуда Квп.бр.268/2010 од 22 февруари 2011, го одбил како неосновано барањето на осудениот Јован Вранишковски од Битола, за вонредно преиспитување на правосилната Пресуда на Основниот суд Велес К.бр.86/04-II од 15 окттомври 2009 и Пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.186/10 од 13 јули 2010 година, поднесено преку бранителот Васил Ѓорѓиев, адвокат од адвокатското друштво Ипсо Јуре.

Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија, била примена на 31 мај 2011 година од страна на адвокатското друштво Ипсо Јуре – адвокат Васил Ѓорѓиев, а истата Пресуда поради тоа што не била врачлива за осудениот Јован Вранишковски од Битола, согласно членот 117 став 2 од Законот за кривичната постапка, на ден 3 јуни 2011 година била истакната на огласната табла на судот и било наведено дека со истекот на 8 дена од денот на истакнување на Пресудата Квп.бр.268/2010 од 22 февруари 2011 година на Врховниот суд на Република Македонија на огласната табла, за Јован Вранишковски од Битола ќе се смета дека е извршено полноважно доставување на истата.

Со оглед на тоа, 11 јуни 2011 година се смета за ден на прием на Јован Вранишковски на Пресудата на Врховниот суд на Република Македонија. Неговото барање за заштита на слободи и права е доставено до Уставниот суд на Република Македонија на ден 7 септември 2011 година, односно по протекот на два месеца од доставувањето на Пресудата на Врховниот суд, а со тоа и по протекот на рокот од два месеца од доставувањето на претходно донесената правосилна Пресуда на Основниот суд Велес К-86/04 од 15 октомври 2009 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.186/10 од 13 јули 2010 година, по кои Врховниот суд одлучувал за вонредено преиспитување на правосилната пресуда.

Поаѓајќи од фактот дека барањето за заштита на слободи и права повредени со Пресуда на Основниот суд Велес К-86/04 од 15 октомври 2009 година, потврдена со Пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.186/10 од 13 јули 2010 година и Пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Квп.бр.268/2010 од 22 февруари 2011 година, е поднесено по истекот на рокот од 2 месеца од денот на доставувањето на правосилниот поединечен акт – Пресудата на Основниот суд Велес, согласно цитираната деловничка одредба, во случајов Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето и согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, барањето треба да се отфрли.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.175/2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply